1 Царства 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Повикување на Давида за цар.

1Му рече Господ на Самуила: »До кога ќе тагуваш по Саула, кого Јас го отфрлив, да не биде цар на Израилот? Наполни го рогот свој со елеј и оди; Јас ќе те испратам кај витлеемецот Јесеј, зашто меѓу неговите синови си согледав цар.«

2Тогаш Самуил рече: »Како да одам? Саул ќе чуе и ќе ме убие.« Господ рече: »Потерај од стадото свое една јуничка и кажи: – дојдов да му принесам жртва на Господа;

3покани го и Јесеја, и синовите негови, на жртвата; Јас ќе ти кажам, што да правиш, и ти ќе Ми го помажеш оној, кого ќе ти го посочам.«

4И Самуил направи, како што му кажа Господ. Кога дојде во Витлеем, старешините градски се уплашија и излегоа да го пресретнат и запрашаа: »Со мир ли доаѓаш?«

5Тој одговори: »Со мир; дојдов да Му принесам жртва на Господа; осветете се и дојдете со мене на принесување жртва.« И го освети тој Јесеја и синовите негови и ги покани на жртвата.

6И кога дојдоа тие, тој, штом го виде Елиава, рече: »Секако овој е пред Господа помазаникот Негов!«

7Но Господ му рече на Самуила: »Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.«

8И го повика Јесеј Аминадава и го доведе кај Самуила, па рече Самуил: »И овој Господ не го избрал.«

9Јесеј го доведе Сама, и Самуил рече: »И овој не е избран од Господа.«

10Така Јесеј ги доведе при Самуила седумте синови свои, но Самуил му рече на Јесеја: »Ни еден од нив Господ не избрал.«

11Самуил го запраша Јесеја: »Сите деца твои ли се овие?« Јесеј одговори: »Остана уште најмалиот; тој ги пасе овците.« И му рече Самуил на Јесеја: »Испрати, и доведи го, зашто нема да седнеме да јадеме, додека тој не дојде овде.«

12Тогаш Јесеј испрати, и го доведоа. Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице. И Господ рече: »Стани, помажи го, зашто тоа е тој.«

13Самуил го зеде рогот со елеј и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давида од тој ден и подоцна. Потоа Самуил стана и отиде во Арматем.

14А од Саула отстапи Духот Господов, и зол дух од Господа го мачеше.

15И му рекоа на Саула неговите слуги: »Ете, зол дух од Бога те мачи.

16Нашиот господар нека заповеда на слугите свои, што се пред тебе, да побараат човек, што знае да свири на гусли и кога лошиот дух од Бога ќе дојде врз тебе, тој, свирејќи со рака, ќе те успокојува.«

17Саул им одговори на слугите свои: »Најдете ми човек, што убаво свири, и доведете ми го.«

18Тогаш еден од слугите негови рече: »Ете, јас видов кај витлеемцеот Јесеј син, кој знае да свири, човек храбар и борбен, умно говори и е убав, и Господ е со него.«

19Саул прати известител при Јесеја и рече: »Испрати ми го синот свој Давида, кој е при стадото.«

20Јесеј зеде осел со леб и мешина со вино и едно јаре, па ги испрати со синот свој Давида кај Саула.

21Давид дојде кај Саула, и се претстави пред него; тој многу му се допадна на Саула и му стана оруженосец.

22И Саул испрати да му кажат на Јесеја: »Нека служи Давид при мене, бидејќи најде благонаколност за очите мои.«

23И секогаш, кога духот лукав доаѓаше врз Саула, Давид го земаше гуслето, свиреше, и на Саула му стануваше подобро и повесело, и лошиот дух тогаш се иставаше од него.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help