Мудри Соломонови Изреки 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Праведните и грешниците; богатите и сиромасите.

1Мудра жена си ја уредува куќата, а глупавата ја урива со рацете свои.

2Кој оди по прав пат, се плаши од Господа; на кого патиштата му се криви, тој не мисли за Него.

3Во устата на безбожникот се камшикот на гордоста; а мудрите ги запазува нивната уста.

4Каде што нема волови, јаслите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито.

5Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги.

6Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа.

7Бегај од безумен човек, кај кого не забележуваш разумна уста.

8Мудроста на разумниот е да го знае патот свој, а безумноста на безрасудните е заблуда.

9Домовите на беззакониците треба да се чистат, а домовите на праведните се чисти и пријатни.

10Срцето ја знае тагата на душата своја, и туѓ не се меша во радоста негова.

11Куќите на беззакониците ќе се сотрат, а живеалиштата на праведните ќе опстојат.

12Има патишта, кои на човека му изгледаат прави, но крајот нивни води до дното на пеколот.

13И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настаува тага.

14Човек со развратно срце ќе се насити од своите патишта, но добриот – си оди по правите.

15Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори.

16Мудриот бега од злото, а неразумниот се надева во себе и со беззаконици се дружи.

17Избувливиот човек не слуша совет, а пакосниот е омразен.

18Безумните се исполнуваат со злоба, а благоразумните се украсуваат со венец.

19Лошите ќе се приклонат пред добрите, а нечесните – служат пред вратите на праведникот.

20Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели.

21Греши оној што го презира сиромавиот, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите.

22Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Не знаат милост и верност, кои вршат зло; но милост и верност има кај оние што мислат добро.

23Од секој труд има изобилен плод, а празните зборови и негрижата водат кон скудност.

24Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е само зло.

25Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува.

26Во стравот пред Господа има голема надеж, и на чедата Свои Он им е прибежиште.

27Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта.

28Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ – пропаст е за господарот.

29Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости.

30Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските.

31Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда.

32За своето зло нечесниот ќе биде отфрлен, а праведниот и при смртта ќе има надеж.

33Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот не се јавува.

34Правдата подига народ, а беззаконието ги срамоти племињата.

35На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help