1Продолжи Елијуј и рече:
2»Ислушајте го, мудри, зборот мој, и приклонете го увото кон мене, разумни!
3Зашто увото ги разбира зборовите, како што непцата го разликуваат вкусот на храната.
4Да расудиме меѓу себеси што е право и да познаеме што е добро.
5Ете, Јов рече: ‚јас сум прав, но Бог ја отфрли мојата правда.
6Треба ли да лажам против својата правда? Раната ми е неизлечива – рана без вина.‘
7Има ли човек како Јова, којшто ги пие подигравките како вода,
8кој другарува со оние што вршат беззаконие и оди со безбожни луѓе?
9Зашто тој беше рекол: – нема полза за човека да му угодува на Бога. –
10И така, чујте ме, луѓе разумни! Не може да има кај Бога зло или кај Вседржителот неправда.
11Он постапува со човекот според делата негови и му помага да го најде патот свој.
12Навистина, Бог не прави зло и Вседржителот не суди криво.
13Кој, освен Него, размислува за земјата? И кој управува со вселената?
14Ако Он го свртеше срцето Свое кон Себе и го земеше при Себе нејзиниот дух и нејзиното дишење, –
15за миг ќе загинеше секоја плот и човекот ќе се вратеше во правот.
16И така, ако имаш разум, чуј го ова и внимавај на зборовите мои.
17Кој ја мрази правдата, може ли да господари? И можеш ли ти да Го обвинуваш Сеправедниот?
18Може ли да му се каже на царот: ‚ти си никаквец‘, и на кнезовите: ‚вие сте беззаконици?‘
19Но Бог не гледа и на лицата на кнезовите и не цени богат пред сиромав, зашто сите тие се дело на раката Негова.
20Тие умираат ненадејно, и среде ноќ народот ќе се вознемири и ќе исчезне;
21зашто неговите очи се над патиштата на човекот; Он ги гледа сите чекори негови.
22Нема темнина, ниту смртна сенка, каде што би можеле да се сокријат оние што вршат беззаконие.
23Никому не му го одложува времето кога ќе му дојде да се суди со него.
24Он ги уништува силните без испитување и поставува други на нивните места,
25зашто Он ги знае нивните дела; кога настане ноќ – веќе ги нема.
26Ги поразува како беззаконици пред очите на другите,
27поради тоа што отстапиле од Него и не ги разбрале Неговите патишта,
28така што дојде до Него повикот од сиромасите, го слушна офкањето на угнетените.
29Ако даде Он мир, кој може да вознемири? Ако го сокрие лицето Свое, кој може да Го види? А тоа бива за сиот народ и за еден човек,
30за да не царува лицемерниот над народот и да нема стапица за народот.
31На Бога треба да Му се каже: ‚Претрпев, нема повеќе да грешам.
32А она што јас не знам научи ме; ако сум направил беззаконие, нема повеќе да правам.‘
33Според твоето ли разбирање Он треба да плаќа? И бидејќи ти отфрлуваш, на тебе останува да избираш, а не на мене; зборувај сѐ што знаеш.
34Умните луѓе ќе го кажат истото; мудрите ќе се согласат со мене,
35дека Јов умно не зборува и дека зборовите негови не се разумни.
36Би сакал јас Јов наполно да биде испитан, според одговорите негови, зашто одговара како лоши луѓе.
37Инаку, кон гревот свој додава уште и беззаконие, плеска со рацете меѓу нас и уште повеќе ќе говори против Бога.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.