1Јуда Макавејски и оние што беа со него, почнаа тајно да одат по селата, да ги повикуваат роднините и да ги собираат сите што му останале верни на јудејството, па собра шест илајди мажи.
2Тие повикаа кон Господа да се смилува над народот што е измачуван од сите и над осквернетиот храм од безбожниците;
3да се смилува над разурнатиот град, на кој му се заканува опасност да биде срамнет со земјата, да ја слушне крвта што вика кон Него;
4да си спомне за беззаконото погубување на невините младенци, за искажаните хулења против Неговото име и да се разгневи против лошите.
5И, кога застана на чело на својата војска, Макавеј беше непобедлив за безбожниците, откако Божјиот гнев се сврти на милост.
6Напаѓаше ненадејно градови и села и ги гореше, заземаше погодни положаи, победи многу непријатели и ги присили во бегство.
7Таквите напади најчесто ги правеше ноќе и насекаде се прикажуваше за неговата храброст.
8Филип, гледајќи дека тој човек постојано напредува, добива сѐ поголема сила и дека често има успех во своите потфати, му пиша на Птоломеја, воениот началник на Келе-Сирија и Финикија за да му помогне во царските работи.
9Тој го одбра Никанора, Патрокловиот син, еден од неговите први пријатели, и, откако му потчини не помалку од двесте илјади војници од разни народности, за да го уништи сиот јудејски род; кон него го придружи и војсководецот Горгиј, искусен во воените рабори.
10Никанор имаше намера од продажбата на јудејските пленици да го исплати данокот од две илјади таланти, што им го должеше на Римјаните.
11Затоа веднаш им испрати понуда на сите приморски градови за продажба на јудејски робови, ветувајќи им по дваесет пленици за еден талент; тој не знаеше каква казна го очекува од раката на Севишниот.
12На Јуда му јавија за доаѓањето на Никанора; тој го соопшто тоа на оние што беа со него, за војската што се приближува;
13тогаш се разбегаа страшливците и оние што не веруваа во Божјата правда, ги напуштија своите места.
14А други, пак, продаваа сѐ што имаа при себе, и Му се молеа на Господа да ги избави од нечесниот Никанор, кој ги продал уште пред битката,
15ако не заради нив, тогаш барем заради заветот со нивните татковци и заради тоа што се именуваат со Неговото свето и славно име.
16Тогаш Макавеј ги собра оние, што беа со него, на број шест илјади луѓе; почна да ги охрабрува да немаат страв од непријателите, од множеството незнабошци, кои неправедно ги напаѓаат и храбро да се борат,
17имајќи ја предвид престапната навреда, нанесена од нив на светото место, уривањето на навредениот град и уништувањето на дедовските обичаи.
18Зашто, велеше тој дека тие се надеваат на своето оружје и на својата храброст, а ние се надеваме на Сесилниот Бог, Кој со едно замавнување може да ги собори тие што доаѓаат против нас и сиот свет.
19Тој им раскажа и за помошта што ја добиле нивните прадедовци и како под Сенахирима биле убиени сто осумдесет и пет илјади луѓе,
20за битката во Вавилон против Глатјаните, како се бореле осум илјади луѓе со четири илјади Македонци, па кога Македонците се поколебале, само тие осум илјади убиле сто и дваесет илјади луѓе, благодарејќи на помошта од Небото, и добиле голем плен.
21Кога со вакви зборови ги охрабри и ги подготви да бидат готови да умрат за законите и за татковината, тој ја раздели војската на четири дела,
22поставувајќи ги своите браќа за началници на секој од овие делови; Симона, Јосифа и Јонатана и на секого од нив потчини по илјада и петстотини души.
23потоа му нареди на Елеазара да чита до Светата книга, па, откако ги поздрави со зборовите »Со Божја помош!« застана на чело од предниот дел и влезе во бој со Никанора.
24Бидејќи помошник во борбата им беше Сесилниот, тие убија повеќе од девет илјади непријатели, а поголемиот дел од Никаноровата војска ја ранија и осакатија; сите други се разбегаа.
25Им ги зедоа парите и на оние што беа дошле да ги купуваат, ги гонеа на голема далечина, но се вратија, зашто немаа време;
26тој ден беше пред сабота, затоа и не продолжија да ги гонат.
27Откако го собраа оружјето и го собраа пленот, тие ја празнуваа радосно саботата, благодарејќи Му на Господа и прославувајќи Го затоа што ги спаси во тој ден и што почна да им ја покажува Својата милост.
28Откако ја отпразнуваа саботата, од пленот одделија за сакати, вдовици и сираци, а остатокот го разделија помеѓу себе и своите деца.
29Штом ја свршија сета таа работа, се собраа на заедничка молитва, молејќи Му се на милосрдниот Господ наполно да се измири со нив – Своите слуги.
30А од оние, кои под водство на Тимотеја и Вакхида заедно ги нападнаа, тие убија дваесет илјади луѓе и лесно ги освоија нивните високи тврдини; тогаш разделија уште многу плен на еднакви делови меѓу себеси, меѓу сакатите, вдовиците, сираците и меѓу народните старешини.
31Кога го собраа сето оружје и грижливо го подредија на пригодни места, другиот плен го однесоа во Ерусалим.
32Го убија и водачот на Тимотеевите одреди, најбезбожниот човек, кој им причини многу маки на Јудејците.
33Потоа, празнувајќи ја победата на својата татковина, ги изгореа Калистена и некои други, кои ја беа изгореле светата врата, и беа избегале во една куќа; така и тие претрпеа достојна казна за нарушување на светињата.
34А оној, најпрестапниот Никанор, кој беше довел три илјади трговци да купуваат Јудејци,
35со Божја помош, беше посрамен од оние што ги потценуваше, ја соблече својата раскошна облека, па под вид на избеган роб, отиде по осамени патишта во Антиохија, крајно огорчен од поразот на својата војска.
36Оној што беше ветил дека ќе им го исплати данокот на Римјаните од продажба на ерусалимските робови, мораше да рзгласува дека Јудејците Го имаат Бога за закрилник, дека остануваат неранливи затоа што им се покоруваат на законите дадени од Него.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.