1На третиот ден Естира, откако престана да се моли, ја соблече облеката на жалоста, се облече по царски, па откако се накити, Го повика Севидецот Бог и Спасителот, зеде две слугинки, и на едната се потпираше, како да се галеше, а другата одеше по неа и ѝ ја придржуваше облеката нејзина. Таа беше прекрасна во цутот на убавината своја, а лицето ѝ беше радосно, како да беше исполнето со љубов, но срцето ѝ беше свиткано од страв. Таа застана пред внатрешниот двор на царскиот дом, пред домот на царот. А царот тогаш седеше на својот царски престол во царскиот дом, токму спроти влезот на домот, облечен во полната облека на своето величие, целиот во злато и скапоцени камења, и беше многу страшен. Кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот, таа најде милост во очите негови. Кога го сврте лицето свое, светнато од слава, тој погледна силно разгневен; и царицата падна духом, го измени лицето од премалување и се потпре врз главата на слугинката, што ја придржуваше. И Бог го измени духот на царот во кроткост, тој брзо стана од престолот свој и ја зеде во прегратките свои, додека таа да се соземе. Потоа тој ја утеши со умилни збориви и ѝ рече: »Што ти е, Естира? Јас сум твој брат! Закрепи се нема да умреш, зашто нашата одредба е за обичните луѓе; дојди!«
2И царот го подаде кон Естира златниот жезал, што беше во раката негова. Естира се приближи и го допре крајот на жезалот, а царот го стави жезалот на нејзиниот врат, ја бакна и рече: »Говори.« Таа му рече: »Јас видов во тебе, господару, како ангел Божји, па срцето мое се вознемири од страв пред твојата слава, зашто ти си прекрасен, господару, и лицето твое е исполнето со убавина.« – Но додека говореше, таа падна од премаленост; царот се вознемири, и сите слуги негови ја храбреа.
3Тогаш царот ѝ рече: »Што ти е, царице Естира? Која е твојата молба? Дури и половината од царството ќе ти биде дадено.«
4Тогаш Естира рече: »Денес имам празник. Ако му е на царот угодно, нека дојде царот со Амана на гозба, што сум му ја приготвила.«
5А царот рече: »Одете поскоро по Амана, за да стане според зборовите на Естира.« И дојде царот со Амана на гозбата, што ја беше приготвила Естира.
6И кога царот сакаше да пие вино, ја праша Естира: »Која ти е желбата? Таа ќе биде исполнета. И каква е твојата молба? Макар да бараш и половина царство, тоа ќе ти биде дадено.«
7Одговори Естира и рече: »Еве ја мојата желба и мојата молба:
8,Ако сум нашла милост во очите на царот и ако на царот му е угодно да ја удоволи желбата моја и да ја исполни молбата моја, тогаш нека дојде царот со Амана на гозба, што ќе ја приготвам за нив и утре, па ќе постапам според царскиот збор.«
9Тој ден Аман излезе весел и расположен. Но кога Аман го виде Мардохеја при царската порта, и тој не стана и не се помести од местото пред него, Аман се исполни со гнев против Мардохеја.
10Но Аман сепак се воздржа. А кога дојде во домот свој, испрати да ги повика пријателите свои и жената своја Сереса.
11Аман им раскажа за големото свое богатство, за многуте свои синови и за сѐ она, како царот го возвеличил и како го воздигнал над кнезовите и слугите царски.
12И рече Аман: »Па и царицата Естира никого не повика со царот на гозбата, што ја беше приготвила, освен мене; така и утре сум поканет при неа со царот.
13Но сето тоа не ме задоволува додека го гледам Јудеецот Мародхеја да седи пред царската порта.«
14И му рече жената негова Сереса, и сите негов и пријатели: »Нека приготват весилка, висока педесет лакти, и утре кажи му на царот да го обеси Мардохеја на неа, и тогаш оди весело на гозбата со царот.« Му се допаднаа на Амана тие зборови, и тој нареди бесилката да биде направена.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.