1Потоа Давид излезе оттаму и живееше по неопасните места на Ен-Гади.
2Кога Саул се врати од Филистејците, му јавија, велејќи: »Ете, Давид е во пустињата Ен-Гади.«
3Тогаш Саул зеде три илјади одбрани мажи од цел Израил и отиде да го бара Давида и луѓето негови по планините, каде што живеат дивокози.
4И дојде кај едно овчо трло крај патот; таму имаше пештера, и Саул влезе таму по нужда; а Давид и луѓето негови седеа во дното на пештерата.
5И му рекоа на Давида луѓето негови: »Еве го денот, за кој ти говореше Господ: ‚ете, Јас ќе го предадам твојот непријател во рацете твои‘ и ќе сториш со него, она што ти е угодно.« Давид стана и полека ја пресече полата на Сауловата горна облека.
6Но потоа му стана мачно на срцето Давидово, поради тоа што ја пресече полата на Сауловата облека.
7И им рече на луѓето свои: »Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е помазаник Господов.«
8Со тие зборови ги задржа луѓето свои и не им дозволи да го нападнат Саула. А Саул стана и излезе од пештерата на патот.
9Потоа стана и Давид, излезе од пештерата и извика по Саула, велејќи: »Господару мој, цару!« Саул погледна назад, и Давид падна со лицето на земјата, и му се поклони.
10И Давид му рече на Саула: »Зошто ги слушаш зборовите на овие луѓе, што велат, ете, Давид крои зло против тебе?
11Ете, денес гледаат очите твои, дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господа.
12Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се, дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја, за да ја одземеш.
13Господ нека пресуди меѓу мене и тебе, и нека ти одмазди Господ за мене; но мојата рака нема да биде врз тебе,
14како што вели старата поговорка: – од беззаконици излегува беззаконие. – Затоа раката моја нама да биде врз тебе.
15Против кого излегол царот Израилски? По кого си се растрчал? По мртво куче, по една болва.
16Господ нека биде судија и Он нека пресуди меѓу мене и тебе. Тој ќе го испита делото мое и ќе ме спаси од раката твоја.«
17Откако ги изрече Давид тие зборови кон Саула, Саул рече: »Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?« И го крена Саул гласот свој, и плачеше
18и му рече на Давида: »Ти се поправ од мене, зашто ти ми врати со добро, а јас ти враќав со зло;
19ти го покажа тоа денес, постапувајќи со мене милоситво: кога Господ ме предаваше во рацете твои, ти не ме уби.
20Кој, откако ќе го најде непријателот свој, ќе го пушти здрав и цел? Господ нека ти врати со добро за тоа што ми го направи денес ти.
21Сега знам, дека ти бездруго ќе станеш цар, и царството Израилево ќе биде силно во раката твоја.
22Затоа заколни ми се во Господа, дека нема да го искорениш потомството мое по мене и нема да ги уништиш името мое во татковиот дом мој.«
23Му се заколна Давид на Саула. И Саул отиде во својот дом, а Давид и луѓето негови отидоа во утврдено место.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.