1Па, по што се подобри Јудејците од другите луѓе или што им помага обрезанието?
2Предимството е големо во секој однос, а главно во тоа, што ним им е поверено словото Божјо.
3Па што, ако некои не поверувале? Зар нивното неверување ќе ја уништи Божјата вера?
4Никако! Да признаеме дека Бог е верен, а секој човек лажец, како што е напишано: »За да се оправдаш во зборовите Свои, и да победиш кога си во суд«.
5Ако, пак, нашата неправда ја покажува Божјата правда, што ќе речеме тогаш? Зар Бог е несправедлив, кога се гневи? Човечки зборувам.
6Никако! Зашто, како Бог ќе му суди на светот?
7Оти, ако вистината Божја се возвеличува преку мојата лага за слава Негова, па зошто тогаш мене да ме судат како грешник?
8Не бива ли тогаш да правиме зло, та да излезе на добро, како што некои хулат на нас и велат дека така учиме? Тие се справедливо осудени.
9И така, какво предимство имаме? Никакво, оти веќе ги обвинивме, како Јудејците, така и Елините, дека се сите под грев,
10како што е напишано: »Нема ниеден праведен,
11нема ниеден разумен, нема кој да Го бара Бога;
12сите се отстранија, заедно станаа негодни: нема кој да прави добро, нема ниеден«.
13Грлото нивно – отворен гроб; со јазиците свои мамат; под јазиците нивни – змиски отров,
14устата нивна е полна со клетва и горчина.
15Нозете нивни им се брзи за проливање крв;
16пустош и маки по нивните патишта;
17тие не го познаа патот на мирот.
18Страв Божји нема пред очите нивни.
19Знаеме дека она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затворат устите на сите, и така целиот свет да стане виновен пред Бога,
20зашто преку делата на Законот пред Него нема да се оправда ниедна плот; бидејќи преку Законот се познава гревот.
21А сега без Закон се јави Божјата правда, посведочена од Законот и Пророците.
22Божјата правда преку верата во Исуса Христа е во сите и врз сите оние што веруваат; зашто нема разлика:
23сите згрешија и се лишени од славата Божја.
24Но ќе се оправдаат преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Христа Исуса,
25Кого Бог Го определи со крвта Своја да биде милостивна жртва преку верата, за да ја покаже Својата правда во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение,
26та да ја покаже Својата правда во сегашно време, дека е Он справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исуса.
27Каде е, пак, фалбата? Таа е исклучена. Според кој закон? Според оној на делата ли? Не, туку според законот на верата.
28И така, си мислиме дека човекот се оправдува со верата, без дела според Законот.
29Или Бог е пак само на Јудејците, а не и на незнабошците? Се разбира, и на незнабошците,
30бидејќи еден е Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера.
31И така, го нарушуваме ли Законот преку верата? Никако, туку уште го утврдуваме.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.