1Кога во светиот град луѓето живееја во потполн мир и кога грижливо се пазеа законите поради побожноста и одвраќањето од злото на првосвештеникот Онија,
2Обично и самите цареви го почитуваа тоа место и светиот храм да го чествуваат со најскапоцени дарови,
3така што и азискиот цар Селевк даваше од своите приходи за сите расходи околу жртвените служби.
4Но некој си Симон, од племето на Венијамина, кој бил поставен за предстојник на храмот, влегол во расправија со првосвештеникот во врска со наредбите на градското пазариште.
5Бидејќи не можел да го наговори првосвештеникот Онија, отишол кај Трасеевиот син Аполониј, кој во тоа време била заповедник на Келе-Сирија и Феникија,
6го известил оти ерусалимската ризница е преполна со неизмерно богатство, дека во неа е натрупано големо множество пари, кои не се потребни за принесување жртви и дека сето тоа богатство може да му припадне на царот.
7Аполониј се состанал со царот и го известил за спомнатото богатство, а овој го определил Илиодора, државен управител, го испратил и му заповедал да го земе тоа богатство.
8Илиодор веднаш тргнал на пат, под изговор да ги обиколи градовите на Келе-Сирија и Финикија, а всушност тргнал да ја изврши царската заповед.
9Кога пристигнал во Ерусалим, и бил љубезно примен од првосвештеникот на градот, тој му соопштил за тоа што е известено и дека е дојден да праша дали е тоа вистина.
10Макар што првосвештеникот му рекол дека тоа е имот на вдовици и сираци, доверени на пазење,
11а дека еден дел е на Хиркана, синот на Товиј, еден многу угледен човек, и дека не е вистина она што клеветел нечесниот Симон, и дека има само четиристотини таланти сребро и двесте таланти злато, и
12не треба да се навредат оние што се надевале на светото место и на достоинството, и неприкосовеноста на храмот, кој е почитуван во целиот свет, –
13Илиодор, кој имаше царска заповед, сепак одлучно рече дека тоа треба да биде пренесено во царската ризница.
14Тој определи ден, а кога влезе во ризницата, за да направи попис, во градот настана голема вознемиреност.
15Свештениците, облечени во свештенички одежди, паѓаа пред жртвеникот и викаа кон Оној, Кој го дал законот да се доверува имот на храмот – да им го запази цел на оние што му го довериле.
16Секој што ќе го погледнеше лицето на првосвештеникот, ја чувствуваше неговата душевна вознемиреност; изгледот и изменетата боја на лицето ја покажуваа душевната мака.
17Него го опфати ужас и трепереше со сето свое тело; тоа на оние, што го гледаа, им кажуваше колку страда неговото срце.
18Цели семејства истрчуваа од своите домови и одеа на заедничка молитва, зашто на светилиштето му се закануваше осквернување.
19Жените опашани со кострет под градите, одеа во групи по улиците, девојки, дотогаш пазени по домовите и вардени, трчаа едни кон портите, други кон ѕидовите, а трети гледаа низ прозорците,
20и сите креваа раце кон небото и се молеа.
21Жално беше да се гледа како многуброен народ паѓа ничкум, а крајно возбудениот првосвештеник стоеше и чекаше.
22Сите Му се молеа на Бога Седржителот целосно да им го запази на сопствениците она што му го довериле на храмот на пазење.
23Но Илиодор продолжуваше да го прави она што беше одлучил.
24А кога влезе во ризницата со своите вооружени придружници, Господ на нашите татковци и Господарот на секоја власт покажа знак; сите што се осмелија да влезат во ризницата беа поразени од страв пред Божјата сила и паднаа во немоќ и ужас,
25зашто им се појави коњ со страшен коњаник, покриен со прекрасно покривало; па кога се исправи на задните нозе, го удираше Илиодора со предните копита, а коњаникот како да имаше златен оклоп.
26Се појавија и други двајца младичи, еден од едната, а другиот – од другата страна, необично силни и со ретка убавина и почнаа да го бичуваат и многу рани му зададоа.
27Кога Илиодор најпосле падна на земја, него го обви густа темнина; тогаш го кренаа и го поставија на носила.
28Оној што пред малку беше влегол во ризницата со голема сила, тој и оние што го придружуваа, беспомошен го изнесоа со јасен доказ за Божјата сила.
29Тој беше соборен од Божјата сила и лежеше безгласен и лишен од секаква надеж на спасение.
30Јудејците Го прославуваа Господа, Кој го прослави Своето живеалиште; храмот, кој пред малку време, беше исполнет со страв и трепет, со појавувањето на Господа Седржителот, се исполни со радост им веселба.
31Потоа, некои од придружбата на Илиодора, го замолија првосвештеникот Ониј – да Му се помоли на Севишниот за да му подари живот на оној што лежеше на издивнување.
32Првосвештеникот, плашејќи се царот да не помисли дека Јудејците направиле некакво злодело против Илиодора, принесе жртва за негово спасение.
33Додека првосвештеникот ја принесуваше жртвата за милост, истите младичи пак му се појавија на Илиодора, облечени во иста раскошна облека, па кога застанаа пред него му рекоа: »Биди му многу благодарен на првосвештеникот Ониј, зашто Господ ти подари живот само поради него,
34а ти, казнет од Бога, разгласувај им ја на сите Неговата голема сила.« И откако ги изговорија овие зборови, исчезнаа.
35А Илиодор, откако му принесе жртва на Господа и направи големи ветувања на Оној, Кој му го запази животот, Му заблагодари и на Ониј и со својата војска се врати при царот,
36сведочејќи пред сите за делата на Севишниот Бог, кои ги виде со своите очи.
37А кога царот го запраша Илиодора кој би бил погоден човек да биде испратен пак во Ерусалим, тој му одговори:
38»Ако имаш некаков непријател или противник на твојата држава, него испрати го таму, и ќе го пречекаш казнет, само ако остане жив, зашто на она место навистина има сила Божја:
39Оној, Кој живее на небото, бдее на тоа место и го заштитува; оние што Му пристапуваат со лоша намера – Он ги бие и ги уништува.«
40Ете, тоа му стана на Илиодора и така беше запазена ризницата на светиот храм.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.