Откровение 19 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Весела песна поради падот на Вавилон. Свадбата на Јагнето. Призракот Христов. Ѕверот и лажниот пророк срушени.

1Потоа чув висок глас како од многу народ на небото, кој велеше: »Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог,

2зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи он ја осуди големата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина.«

3И повторно рекоа: »Алилуја! Димот нејзин ќе се издига во веки веков!«

4Тогаш паднаа дваесет и четирите Старци и четирите животни, та Му се поклонија на Бога, Кој седеше на престолот велејќи: »Амин, алилуја!«

5А од престолот излезе глас, кој велеше: »Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои што се боите од Него, големи и мали!«

6И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици, кои велеа: »Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот!

7Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Агнецот, и жена Му се приготви!

8И ѝ се даде да се облече во чист и светол висон.« А висонот е праведноста на светиите.

9И ми рече: »Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера при Агнецот!« А ми рече уште: »Ова се вистински Божји зборови!«

10И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: »Стој, не – јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото!«

11И го видов небото отворено, и ете, коњ бел. Оној, Кој јаваше на него, се вика Верен и Вистинит, и Он праведно суди и војува;

12очите Му беа како огнен пламен, а на главата имаше многу круни и напишано име, кое освен Него, никој не го знаеше.

13И беше облечен во облека, натопена со крв, и со името – Слово Божјо.

14А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи.

15Од устата Негова излегуваше остар меч, за да ги порази со него идолопоклониците. Он ќе ги пасе со железен жезал, и ќе ја изгази кацата со вино на јароста и гневот на Бога Седржителот.

16На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: »Цар над царевите« и »Господар над господарите.«

17Потоа видов еден ангел како стои на сонцето; тој извика со висок глас и им рече на сите птици, што летаа среде небото: »Долетајте и соберете се на големата вечера Божја,

18да јадете тела на цареви, тела од војводи, тела од силни, тела од коњи и од нивните јавачи, и тела од сите – слободни и робови, мали и големи!«

19Тогаш го видов ѕверот и земните цареви и нивните војски, собрани за да војуваат против Оној, Кој седеше на коњ, и Неговата војска.

20Ѕверот беше фатен, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, та ги соблазни оние, што беа примиле белег од ѕверот и му се клањаа на неговиот лик: и обајцата живи беа фрлени во огненото езеро со запален сулфур;

21другите, пак, беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот. И сите птици се наситија од телата нивни.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help