Псалми 67 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Благодарноста кон Бога за победата.

1Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови; да бегаат од лицето Негово оние, што Го мразат.

2Како што домот исчезнува, така да исчезнат; какошто восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо.

3А праведниците да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и ќе Го прославуваат во радоста.

4Пејте Му на Бога, пејте Му на Неговото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него. Ќе се смутат од Неговото лице,

5Татко на сираците и судија на вдовиците; Он е Бог во Своето свето место.

6Бог им дава домови на осамените, ги ослободува од окови затворениците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустиња.

7Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога одеше по пустињата,

8земјата се тресеше и небесата даваа дожд од лицето Божјо, и Синај – од лицето на Бога, на Бога Израилев.

9Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше од труд, Ти го поткрепуваше.

10Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти си ја спремил за сиромасите.

11Господ ќе им даде збор на гласниците со голема сила.

12Царот на војските е омилен и во убавината на Својот дом дели плен.

13Ако заспиете во пределите ваши, ќе станете како гулаби со сребрени крилја, со перја – од чисто злато.

14Кога небесниот Цар ги разбиваше царевите, снег паѓаше на Селмон.

15Гората Божја е гора богата, гора цврста, богата;

16зошто вие, гори високи, завидливо ја гледате гората, на која Бог благоволи да живее?

17Божјите коли се безброј – на илјада илјади; меѓу нив е Господ на Синај, во Светилиштето.

18Ти се возвисивисоко, плени плен, прими дарови за луѓето, така и од непокорните да можат да живеат таму.

19Нека е благословен Бог од ден во ден, ќе го помогне нашето спасение.

20Нашиот Бог е Бог Кој спасува; во власта на Господа е вратата на смртта.

21Но Бог ќе им ги скриши главите на непријателите Свои и косестото теме на оние што остануваат во своите гревови.

22Господ рече: од Васан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини,

23за да ти се натопи ногата твоја во крвта на непријателите и јазикот на твоите кучиња.

24Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето:

25напред одеа кнезовите, близу до пеачите, а во средината – девици со тимпани:

26»Во собранијата благословувајте го Бога, Господа, вие, што сте од семето Израилево!«

27Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини – нивни владетели, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови.

28Заповедај, Боже, со силата Твоја, зацврсти го, Боже, тоа што ни го направи нам!

29Од Твојот храм во Ерусалим; царевите ќе Ти принесуваат жртви.

30Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, да не бидат исклучени од искушувањето со сребро; растури ги народите кои сакаат војна.

31Ќе дојдат молитвеници од Египет; Етиопија порано ќе ја подаде раката кон Бога.

32Цареви земни, појте Му на Бога, воспојте Му на Бога, на Господа,

33Кој се возвисил на небо, на небесата на Исток. И, ете, Он на гласот Свој ќе му даде сила.

34Подајте Му слава на Бога! Над Израилот е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците.

35Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израилев – Он ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help