Јеремија 26 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јеремијина беседа за покајание.

1Во почетокот од царувањето на јудејскиот цар Јоаким, син Јосиев, дојде ова слово од Господа –

2вака вели Господ: застани во дворот на домот Господен и кажи им на сите градови во Јудеја, кои доаѓаат да се поклонат во домот Господен, сите оние зброви што ќе ти заповедам да им ги кажеш; ниеден збор да не пропуштиш.

3Можеби, тие ќе те послушаат и ќе се отклонат секој од својот лош пат, па тогаш Јас ќе го одменам злото, што сум намислил да им го направам за нивните лоши работи.

4И речи им – вака вели Господ: ако не Ме послушате, и не одите по Мојот закон, што ви го дадов,

5и не ги примате зборовите на Моите слуги, пророците, кои ги праќам при вас, а ги праќам од рано утро, и кои вие не ги слушате –

6тогаш со овој дом ќе го направам исто она, што со Силом, и овој град ќе го предадам на проклетство на сите земни народи.

7Свештениците и пророците и сиот народ го слушаа Јеремија, кога ги зборуваше овие зборови во домот Господен.

8А кога Јеремија кажа сѐ, што му беше заповедал Господ да му каже на сиот народ, тогаш свештениците и пророците и сиот народ го фатија и рекоа: »заслужуваш смрт,

9оти пророкуваш во името на Господа и велиш – овој дом ќе стане како Силом, и овој град ќе запустее и ќе остане без жители?« И сиот народ се собра околу Јеремија во домот Господен.

10Кога го чуја тоа кнезовите јудејски, дојдоа од царскиот дом, во домот Господен и седнаа пред влезот на новите порти на домот Господен.

11Тогаш свештениците и пророците вака им рекоа на кнезовите и на сиот народ: »Овој човек заслужува смрт, затоа што пророкува против овој град; а тоа го чувте со ушите свои!«

12И им рече Јеремија на сите кнезови и на сиот народ: »Господ ме прати да пророкувам против овој дом и против овој град со сите зборови, што ги чувте;

13па така, исправете ги патиштата и делата ваши и послушајте го гласот на Господа, вашиот Бог, и Господ ќе го одмени злото, што го изрече против вас.

14А што се однесува до мене, еве, јас сум во ваши раце; правете со мене, што сметате дека е добро и право;

15само знајте добро, дека, ако ме убиете, ќе земете невина крв врз себе и врз овој град и врз жителите негови, оти навистина, Господ ме прати при вас да ви ги кажам на ушите ваши сите овие зборови.«

16Тогаш кнезовите и сиот народ им рекоа на свештениците и на пророците – овој човек не потпаѓа под смртна пресуда, затоа што тој ни зборува во името на Господа, нашиот Бог.

17И некои од старешините месни станаа и му зборуваа на целото собрание:

18»Михеј од Мораст пророкуваше во деновите на јудејскиот цар Езекија и му зборуваше на сиот јудејски народ: вака вели Господ Саваот – Сион ќе биде разорен како нива, и Ерусалим ќе стане куп урнатини, и гората на овој дом како шумовит рид.

19Па зар го уби заради тоа јудејскиот цар Езекиј и цела Јудеја? Па зар не се уплаши тој од Господа и зар не го замоли Господа, и Господ го одмени злото, што беше го изрекол против нив; а треба ли ние сега да навлечеме такво големо зло врз душите свои?

20Пророкуваше во името на Господа и некој Уриј, синот на Семаја, од Киријат – Јарим, и тој пророкуваше против овој град и против оваа земја со истите зборови, како сега Јеремиј.

21Кога ги чу тие зборови, царот Јоаким и сите негови големодостојници, и сите кнезови, побара да го убијат. А кога го разбра тоа, Уриј се уплаши и побегна, па отиде во Египет.

22Но царот Јоаким испрати по него луѓе и во Египет: Елнатана, синот Ахборов, и неко други со него.

23И го изведоа Урија од Египет, па го доведоа при царот Јоакима, и тој го уби со меч, а трупот негов го фрли кај гробиштата на обичните луѓе.«

24Но раката на Ахикама, синот Сафанов, беше покрај Јеремија и не го даде во рацете на народот, за да биде убиен.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help