Мудрост Сирахова 21 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Различни гревови.

1Сине мој, ако си згрешил, престани да грешиш; за направените гревови, моли се.

2Од грев бегај како од змија, зашто ако му се приближиш, тој ќе те касне.

3Гревот има лавовски заби; тој ги убива човечките души.

4Секое беззаконие е како меч со две острици, тој задава рани неизлечиви.

5Застрашувањата и насилствата упропастуваат богатство; така се запустува и домот на горделивите.

6Молбата на сиромавиот стигнува само до неговите уши; но судот до него брзо се приближува.

7Кој изобличување мрази, по пат стапките на грешници оди; а кој страв Господен има, ќе се обрати со своето срце.

8Силниот на јазик оддалеку се познава, но разумниот знае кога тој ќе падне.

9Кој со туѓи пари куќа гради, тој е како човек кој собира камења за гробот свој.

10Собирот на беззаконците е како куп отпадоци од коноп; во пламенот огнен е нивниот крај.

11Патот на грешниците добро е поплочен, но крајот негов е бездна пеколна.

12Кој го пази законот, тој владее со своите мисли,

13а кој живее според стравот Господен – мудар е.

14Неспособниот не може да се научи,

15но има способност што ја зголемува маката на човекот.

16Знаењето на мудриот како поплава се излива, а советот негов е како извор на животот.

17Срцето на глупавиот е како искршен сад: знаење не задржува.

18Кога умниот чуе мудар збор, тој го пофалува и го помни; а кога безумник го слушне, тој му се подбива и зад себе го фрла.

19На безумниот говорот е како товар на пат, зборовите на мудриот е пријатно да се слушаат.

20Зборовите на мудриот на собирот ги бараат; за неговите зборови ќе размислуваат во срцето.

21Каква што е куќата во урнатини, таква е на неразумниот мудроста, а знаењето негово се состои од зборови бесмислени.

22За безумните поуката е како окови на нозете и како вериги на десната рака.

23Глупвиот се смее на сиот глас; а разумниот – тивко се насмевнува.

24За разумниот поуката е како златен накит, како скапоцен украс на десната рака.

25На безумниот ногата кон куќа брза, а разумниот пристапува со скромност.

26Неразумниот ѕирка низ вратата на туѓ дом, а разумниот чека надвор.

27Невоспитаниот прислушнува при вратите, а умниот се срамува од тоа.

28Устата на зборливите раскажува туѓи работи, а зборовите на разумниот на кантар се мерат.

29Срцето на глупавите е во нивната уста, а устата на мудрите е во нивното срце.

30Кога безбожникот го проколнува сатаната, се проколнува себеси.

31Сплеткарот својата душа ја валка, и каде и да живее – нема да биде сакан.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help