1Кој зајмува – пројавува милост спрема ближниот свој; кој му помага – заповедите ги извршува.
2Заем давај му на ближниот свој; навреме враќај му што ти позајмил.
3Чесно пази го зборот свој и биди верен – и секогаш ќе најдеш сѐ што ти треба.
4Многумина заемот го сметаат како придобивка; со тоа ги огорчуваат оние што им помагале.
5Рака целива додека не добие; заради парите на ближниот понизно зборува;
6денот на враќањето го одлага тој; се оплакува и вината на тешки времиња ја фрла.
7А ако може, половина ќе врати; и тоа како придобивка ќе му го смета;
8ако пак не може, зајмодавецот се лишил од парите и без причина во него непријател добил.
9Тој ќе му плати со клетви и навреди, а место почест – понижување ќе му врати.
10Токму поради тоа многумина не сакаат заем да даваат; се пазат попусто загуба да не претрпат.
11но ти кон сиромавиот милостив биди, не оставај го предолго да чека.
12Зради Божјата заповед на сиромавиот помогни му; ако нешто му треба, со празни раце не оставај го.
13Подобро е парите да ги фрлаш за братот и пријателот, отколку да пропаѓаат и да гнијат под камен.
14Богатството твое употребувај го според заповедите на Севишниот; тогаш тоа ќе ти донесе поголема полза и од самото злато.
15Вложи ја милостињата во својата ризница и таа ќе те избави од секоја неволја.
16Подобро ќе те штити од непријателот твој, отколку тешкиот штит и острото копје.
17Добриот човек ќе се застапува за ближниот свој, а оној што изгубил срам – ќе го остави.
18Не заборавај ги добрите дела на оној што се застапил за тебе; душата своја тој за тебе ја дал.
19Грешникот не се грижи за застапникот свој, неблагодарниот го заборава избавителот свој.
20Застапувањето за други уништило многу богати луѓе; како бранови морски ги разнело;
21богати луѓе изгонило од нивните домови; тие скитале меѓу други народи.
22Грешник, кој станува застапник, барајќи придобивка, по судови оди.
23На ближниот помогни му колку што можеш, но внимавај и ти да не пропаднеш.
24Главните потреби за живот се: водата, лебот, облеката и покривот над главата.
25Подобро е да живееш сиромашно во дрвена колиба, отколку во туѓа куќа раскошно да се гостиш.
26Биди задоволен и со малку и со многу.
27Тешко е да одиш од куќа во куќа; каде и да се сместиш – не смееш уста да отвориш;
28ќе гоштеваш со јадење и пиење, и благодарност ќе немаш; па дури навреден ќе бидеш, и ќе чуеш:
29»Дојди туѓинецу, трпеза приготви; ако имаш нешто, дај ни – нахрани нѐ« или:
30»Туѓинецу, оди си, братот мој на гости ми доаѓа; куќата ми треба.«
31За чувствителен човек тежок е укорот за дадениот потслон – во куќа и префрлување за направена услуга.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.