Второзаконие 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Победата и спасението се од Бога, а не од човекот.

1»Чуј, Израиле: ти денес ќе го минеш Јордан да завладееш народи, поголеми и посилни од вас, градови големи, со тврдини до небеса,

2луѓе големи, и многубројни, и високи, Енаковите синови, за кои знаеш и си слушал: ‚Кој може да им се противстави на Енаковите синови?‘

3Но сега знај, дека Господ, твојот Бог, е пред тебе како оган, што гори: Он ќе ги одврати од лицето твое и наскоро ќе ги истреби, како што ти рече тебе Господ.

4Кога ќе ги изгони Господ, твојот Бог, пред тебе, немој да речеш во срцето свое: ‚Заради мојата праведност ме доведе Господ да ја наследам таа добра земја;‘

5не заради праведноста твоја и не заради правината на срцето твое ти одиш да ја наследиш земјата нивна, туку поради беззаконијата на тие народи Господ, твојот Бог, ги изгони од пред тебе, и за да го одржи заветот, за кој им се заколна Господ на татковците ваши: Авраама, Исака и Јакова;

6затоа знај сега, дека не заради праведноста твоја Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш таа добра земја, – бидејќи вие сте луѓе жестоки.

7Запомни и не заборавај, колку Го разгневивте Господа, вашиот Бог, во пустињата: од оној ден, кога излеговте од Египетската земја, па сѐ додека пристигнавте на ова место, вие не Му се покоривте на Господа.

8и при Хорив вие Го разгневивте Господа, и се разгневи Господ на вас, така што сакаше да ве истреби,

9кога јас се искачив на планината, за да ги примам камените плочи, плочите на заветот, што Господ ви ги беше ветил вам; и останав на планината четиеисет дена и четириесет ноќи, леб на јадев и вода не пиев;

10и ми ги даде Господ двете камени плочи, напишани со Божји прст, а на нив беа напишани сите зборови, што ви ги изрече Господ на планината среде огнот во денот на собранието.

11Откако изминаа четириесет дена и четириесет ноќи, Господ ми ги даде двете камени плочи, плочите на заветот,

12и ми рече Господ: ‚Стани, оди си поскоро оттука, зашто твојот народ, што го изведе од Египет, се разврати многу брзо; тие се отстранија од патот, што им го заповедав; тие си направија идол.‘

13И ми рече Господ: ‚Јас ти говорев еднаш и двапати: го гледам тој народ, ете, тој е народ жесток;

14остави Ме да ги уништам и да го избришам името нивно од под небото, а од тебе да направам народ поголем, посилен и помногуброен од нив.‘

15Јас се свртив и слегов од планината, а планината гореше во оган; двете плочи на заветот беа во обете мои раце;

16и видов, дека вие бевте згрешиле против Господа, вашиот Бог, бевте си направиле излеано теле, и наскоро бевте отстапиле од патот, што ви го беше заповедал Господ да го држите;

17тогаш ги зедов двете плочи, ги фрлив од рацете свои, па ги скршив пред вас.

18И Му се помолив на Господа пак, како и порано, и пак четириесет дена и четириесет ноќи леб не јадев и вода не пиев, за сите ваши гревови, со кои згрешивте, зашто извршивте зло пред Господа, вашиот Бог, и Го разгневивте;

19бидејќи јас се плашев од гневот и јароста, со која Господ се разгневи на вас и сакаше да ве истреби. Но Господ ме послуша и тогаш.

20А и на Арона силно се разгневи Господ и сакаше да го погуби; но јас тогаш се молев и за Арона.

21А гревот ваш, што го направивте, телето, го зедов, го изгорев во оган, го скршив, и го уништив, откако го здробив, така што стана ситен прав, и јас го фрлив тој прав во потокот што течеше од планината.

22И во Тавер, и во Маса и во местото: Киврот-Атави вие Го разгневивте Господа, вашиот Бог.

23И кога Господ ве прати од Кадис-Варни, со зборовите: ‚Одете и наследете ја земјата, што ви ја давам,‘ – вие ѝ се противставивте на заповедта на Господа, вашиот Бог, и не Му поверувавте и не го послушавте гласот Негов.

24Вие Му бевте непокорни на Господа уште од оној ден, откога ве запознав.

25И Му се молев на Господа, Го молев четириесет дена и четириесет ноќи, бидејќи Господ сакаше да ве истреби;

26Му се молев на Господа и реков: ‚Господи, Господи, Цару на боговите, не погубувај го Својот народ и Своето наследство, што го избави со големата Твоја сила, што го изведе од Египет со силна рака и цврста мишка;

27спомни Си за Твоите слуги Авраама, Исака и Јакова, на кои им се заколна со Себе; не гледај на жестокоста на овие луѓе, ниту на нечесноста нивна, ниту пак на гревовите нивни,

28за да не речат жителите на оваа земја, од каде што нѐ изведе: – Господ не можеше да ги воведе во земјата, што им ја беше ветил, и од омраза спрема нив ги изведе, за да ги истреби во пустињата, –

29а пак овие луѓе се Твои и Твој избор, што Ти ги изведе од Египетската замја со големата сила Своја и цврстата Своја мишка.‘«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help