Евреите 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

На народот Божји, со помошта на Христа оставена му е сѐ уште почивка.

1Да се страхуваме пак, да не би, додека уште ни е оставено ветувањето за влегување во Неговиот спокој, некој од вас да задоцни.

2Оти и нам ни се соопшти, како и ним. Но словото, што го беа чуле, не им донесе полза, бидејќи оние, што го беа чуле, не поверуваа.

3А ние, кои поверувавме, влегуваме во Неговиот спокој, како што рекол Он: »Затоа се заколнав во гневот Свој дека тие не ќе влезат во Мојот спокој«, иако Неговите дела беа извршени уште од создавањето на светот.

4Оти негде за седмиот ден е речено вака: »И во седмиот ден Бог се одмори од сите Свои дела«.

5И на тоа место пак: »Не ќе влезат во спокојот Мој«.

6И така, бидејќи се предостави на некои да влезат во Него, а на оние, на кои им беше порано соопштено, не влегоа поради непослушноста;

7пак определи едно »денес«, велејќи преку Давида, по толку време, како што е речено погоре: »Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши«.

8Зашто, ако Исус Навин ги беше успокоил, Бог немаше да зборува веќе потоа за друг ден.

9Но, за народот Божји сѐ уште останува почивката саботна.

10Оти, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите.

11И така, да се погрижиме да влеземе во оној спокој, та да не би некој да падне во слична непослушност.

12Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето.

13И нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме.

14Имајќи Го големиот Првосвештеник, Кој преминал преку небесата, Исуса, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедувањето на верата.

15Оти, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сѐ како и ние, освен грев.

16И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help