1И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Он и учениците Негови.
2А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму.
3Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје.
4А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: »Кого го барате?«
5Му одговорија: »Исуса од Назарет.« Исус им рече: »Јас сум.« Со нив стоеше и Јуда, што Го предаваше.
6А кога им рече: »Јас сум« – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.
7Тогаш пак ги праша: »Кого го барате?« А тие рекоа: »Исуса од Назарет.«
8Исус одговори: »Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;«
9за да се изврши словото кажано од Него: »Од оние, што си Ми ги дал, никого не погубив.«
10А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.
11Но Исус му рече на Петра: »Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?«
12Тогаш четата и војводата, и слугите јудејски, Го фатија Исуса и Го врзаа,
13И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.
14А Кајафа беше оној, што ги посоветува Јудејците, дека подобро е да умре еден човек за народот.
15По Исуса одеше Симон Петар и еден друг ученик; а тој ученик му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во дворот на првосвештеникот.
16А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петра.
17Тогаш слугинката вратарка му рече на Петра: »Да не си и ти од учениците на Овој Човек?« Тој рече: »Не сум.«
18А слугите и робовите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, оти беше студено. Со нив стоеше и Петар, и се грееше.
19Првосвештеникот, пак, Го праша Исуса за учениците Негови и за Неговото учење.
20Исус му одговори: »Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по зборниците и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.
21Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои слушале, што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.«
22Кога Он го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: »Така ли му одговараш на првосвештеникот?«
23Исус му одговори: »Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?«
24Тогаш Ана Го прати врзан при првосвештеникот Кајафа.
25А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: »Да не си и ти од учениците Негови?« Тој откажа и рече: »Не сум.«
26Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној, кому Петар му го беше отсекол увото, рече: »Не те ли видов и тебе во градината со Него?«
27А Петар пак одрече; и веднаш петел запеа.
28И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, како би можеле да ја јадат пасхата.
29Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: »Во што Го обвинувате Овој Човек?«
30Одговорија и му рекоа: »Ако Он не беше злочинец, немаше да ти го предадеме.«
31А Пилат им рече: »Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!« Јудејците му рекоа: »Нам не ни е позволено да убиваме никого« –
32за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.
33Тогаш влезе Пилат во судницата, па Го повика Исуса и Му рече: »Ти ли си Царот Јудејски?«
34Исус му одговори: »Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?«
35Пилат одговори: »Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?«
36Исус одговори: »Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.«
37А Пилат Му рече: »Ти, пак, Цар ли си?« Исус одговори: »Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.«
38Пилат го праша: »Што е тоа вистина?« И ова како го рече, излезе пак при Јудејците и им рече: »Јас не наоѓам никаква вина во Него.
39Но при вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?«
40И пак повикаа сите, велејќи: »Не Овој, а Варава.« Варава, пак, беше разбојник.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.