2 Царства 23 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давидовите последни зборови.

1Еве ги последните Давидови зборови, словото на Јесеевиот син Давида, беседата на оној маж, кој е високо поставен, на помазаникот на Бога Јаковов и на слаткопевецот Израилев:

2»Духот Господов говори во мене, и словото Негово е на јазикот мој.

3Рече Бог Израилев, говори за мене карпата Израилева: Оној, што господари со луѓето, нека биде праведен, да господари со страв Божји.

4И како што изутрина на разденување, при изгрејсонце на безоблачно небо, од греењето по дожд израснува од земјата трева,

5така е и со мојот дом во Бога. Зашто Он склучи со мене завет вечен, цврст и неизменлив. Така излегува од Него сето мое спасение и сета моја желба.

6А нечестивите ќе бидат како исфрлено трње, кое не се фаќа со рака;

7но кој сака да се допре до него, се вооружува со железо или со дрво од копје, и на местото во оган го изгорува.«

8Еве ги имињата на јунаците Давидови: Хананеецот Евостеј, главен меѓу тројцата: тој го крена копјето свое против осумстотини души и ги порази наеднаш.

9По него беше Елеазар, син од братот на татка му, еден од тројцата јунаци што беа со Давида и кои со префрлувања ги предизвикуваа Филистејците, кога тие се беа собрале да војуваат.

10Израилците излегоа против нив, и тој застана и ги поразуваше Филистејците дотаму, додека му се измори раката и се прилепи до мечот. И во тој ден Господ даде голема победа, и народот тргна по него, само за да ги собира убиените.

11По него – Сама, син на Харовитецот Агеј. Кога Филистејците се собраа во Тирија, каде што имаше нива засеана со леќа, народот избега од Филистејците,

12но тој застана среде нивата и ја заштити и ги порази Филистејците. И тогаш Господ даде голема победа.

13Тие тројца главни меѓу триесетте војводи отидоа и влегоа по жетва при Давида во Одоламската пештера, кога филистејските војници стоеја во долината на Рефаим.

14Тогаш Давид беше во укрепено место, а филистејската војска во Витлеем.

15Давид побара да пие и рече: »Кој ќе ми донесе да пијам вода од Витлеемскиот кладенец, што е при портите?«

16Тогаш тие тројца јунаци се провреа низ Филистејскиот логор, зафатија вода од Витлеемскиот кладенец, што е при портите, и зедоа, па му донесоа на Давида. Но тој не сакаше да ја пие, туку ја излеа во слава на Господа,

17и рече: »Да ме чува Господ да го направам тоа! Не е ли тоа крв на луѓето, што одеа, со опасност по животот свој?« И не сакаше да пие. Ете што извршија тие тројца јунаци!

18А Авеса, братот на Саруевиот син Јоав, беше главен меѓу тројцата; тој уби со копјето свое триста души и се прослави меѓу тие тројца.

19Меѓу тројцата тој беше највиден и им стана началник, но на оние тројца не им беше рамен.

20Ванеја, син на храбиот маж Јодаја, од Кавсаил, голем по делата, ги порази двајцата синови на Ариила Моавски; тој истиот слезе во еден ров и уби лав по снежно време;

21тој уби и еден Египтјанин, виден човек; Египтјанинот имаше во раката копје, а тој излезе против него со стап и го грабна копјето од раката на Египтјанинот и го уби со неговото копје, –

22ете, тоа го изврши Јодаевиот син Ванеја, и беше славен меѓу тројцата јунаци;

23тој беше повиден од триесетте, на оние тројца не им беше рамен. И Давид го постави за најблизок извршител на заповедите свои.

24Еве ги имињата на силните при царот Давида: Асаил, братот на Јоава – во бројот на триесетте; Елхаанан, синот на Додо, од Витлеем,

25Сама Харотитецот, Елика Харотитецот,

26Хелис Келотецот, Ира, синот на Екиса,

27Авиезер Анатотецот, Савукеј од Асотит,

28Елаон Неотитски, Махарај Нетофатецот,

29Хелев Нетофатецот, син Ванин, Итај, син на Ривеја од синовите Венијаминови во Гива,

30Ванеас Фаратоитски, Идај од Нахле-Гааш.

31Ави-Албои Арабатитецот, Азмавет Бархумитецот,

32Елихајба Шалбонецот; од синовите на Јашена – Јонатан,

33Сама Арарарин, Ахијам, син Сараров,

34Елифелет, син Асвезов, син на Маахатинец, Елијам Гилонецот, син на Ахитофела,

35Серај Кармелитец, Фареј Арбитец,

36Игал, Натанов син – од Сова, Вани од Гад,

37Селек Амониецот, Нахареј Беротецот, оруженосец на Јоава, Саруев син,

38Ирас Етирски, Гарев Јетрејски,

39Урија Гетејски. Сѐ – триесет и седум.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help