3 Царства 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Дворецот на Соломона.

1Потоа Соломон изгради свој дом, а го градеше тринаесет години, и наполно го заврши.

2Тој го изгради домот свој од ливанско дрво: долг сто лакти, широк педесет лакти, а висок триесет лакти, на четири реда кедрови столбови; и кедрови греди беа положени врз столбовите.

3Подот беше послан со кедар врз греди на четириесет и пет столба, по петнаесет во ред.

4Прозорски столбови имаше три реда; имаше и три реда прозорци, прозорец спроти прозорец.

5Сите врати и соби беа четириаголни, прозорец спроти прозорец во три реда.

6Тој направи и трем од столбови, педесет лакти долг, триесет лакти широк, и пред нив – трем, столбови, и праг пред нив.

7Уште направи и трем со престол, од кој тој судеше, трем за судилиште, и сите подови ги покри со кедар.

8Во домот, каде што живееше, имаше друг двор зад тремот, исто така изграден. И во домот на фараоновата ќерка, која Соломон ја беше зел, направи исто така трем.

9Сето тоа беше направено од скапи камења – делкани според размер, изрежани со трион однатре и однадвор, – од основата до покривот, и однадвор до големиот двор.

10Во основата беа положени скапи камења, камења големи, камења од десет лакти;

11и одозгора скапи камења, делкани според размер, и кедар.

12Големиот двор беше ограден наоколу со три реда делкани камења и со еден ред кедрови греди; исто така и внатрешниот двор на храмот Господов и храмовиот трем.

13Цар Соломон испрати да го доведат од Тир Хирама,

14син на една вдовица од Нефталимовото племе. Татко му тирјанин, беше бронзоливец; тој беше способен и искусен, а умееше да прави секакви предмети од бронза. И тој дојде при цар Соломона и му правеше секакви работи:

15тој изли два бронзени столба, секој висок по осумнаесет лакти, и врвот од дванаесет лакти го опфаќаше пречникот на едниот и на другиот столб;

16тој направи и две главички, излеани од бронза, за да ги стави врз столбовите; пет лакти висока едната главичка и пет лакти висока втората главичка;

17направи мрежи плетени и врвови како вериги за главичките, што беа врз столбовите: седум за едната главичка и седум за другата главичка.

18Така ги направи тој столбовите и два реда нарови околу мрежата, за да ги покрие главичките, што се при столбовите, истото го направи и за другата главичка.

19А во тремот главичките при столбовите беа направени слично на крин, четири лакти;

20и главичките врз двата столба одозгора беа такму над издадената работа, што беше до мрежата; и врз другата главичка во редови наоколу двесте нарови.

21И ги постави столбовите на храмовиот трем; постави столб оддесно и му даде има Јахин; постави столб и одлево и го нарече Воас.

22А над столбовите положи главички, направени слично на крин. Така заврши работата над столбовите.

23Направи и излеано од бронза море – од едниот негов крај до другиот имаше десет лакти, – и сосема кружно, пет лакти високо; и венец од триесет лакти го опфаќаше наоколу.

24Под краиштата негови имаше од сите страни издадени работи како јаболка по десет на лакот; тие го опкружуваа морето од сите страни во два реда; издадените работи како јаболка беа излеани заедно со него.

25Тоа стоеше на дванаесет вола: три гледаа кон север, три гледаа кон запад, три гледаа кон југ и три гледаа кон исток; морето стоеше врз нив, а задната страна му беше свртена навнатре под него.

26Тоа беше дебело една дланка, а краиштата негови, направени како краишта на чаша, прилегаа на процутен крин. Тоа собираше две илјади мери.

27Тој направи и десет борнзени подножја; секое подножје беше долго четири лакти, широко – четири лакти, високо – три лакти.

28Еве ја направата на подножјата: тие имаа страни, страни меѓу аголните продолжетоци.

29Врз страните, што беа меѓу аголните продолжетоци, имаше обликувани лавови, волови и херувими; исто така и врз аголни продолжетоци; а над лавовите и воловите и под нив имаше висечки венци;

30секое подножје имаше по четири бронзени тркала и бронзени оски. На четирите агли имаше испупчувања како раменици, излеани испупчувања, оддолу под мијалникот, до секој венец.

31Отворот од внатрешниот венец до горе имаше еден лакот; отворот му беше кружен како подножјето на столбовите; лакот и половина, и при отворот негов – резби; но страните беа четириаголни – не кружни.

32Под страните имаше четири тркала и оски на тркалата во подножјата; секое тркало беше високо лакот и половина.

33Направата на тркалата беше исто таква, како тркалата на колите; оските нивни, оплатите нивни, спиците нивни и главичките нивни – сѐ беше излеано.

34Имаше четири испакнатини на четирите агли на секое подножје; од подножјата излегуваа испакнатините негови.

35И врз подножјата имаше испакнатини, половина лакот високи, а над подножјата дршките нивни и ѕидовите им беа од иста материја.

36Тој изваја и врз штичките на дршката нејзина и на ѕидовите нејзини херувими, лавови и палми, колку што дозволуваше местото, и наоколу – висечки венци.

37Така направи тој десет подножја; сите еднакво излеани, еднаква мерка, еднаков изглед.

38Направи и десет бронзени мијалници; секој мијалник собираше по четириесет мери; секој мијалник имаше четири лакти; секој мијалник стоеше на едно од десетте подножја.

39Тој ги распореди подножјата – пет десно од храмот и пет лево од храмот, а морето го постави десно од храмот, на источната страна кон југ.

40Хирам ги направи мијалниците, лопатките и машите. И ја сврши Хирам целата работа, што ја вршеше при цар Соломона за храмот Господов, односно:

41два столба и два појаса на главичките, што се врз столбовите, и две мрежи за покривање на двата појаса на главичките, што се врз столбовите,

42и четиристотини нарови на двете мрежи; два реда нарови на секоја мрежа за покривање на двата појаса над главичките, што се врз столбовите,

43и десет подножја и десет мијалници на подножјата;

44едно море и дванаесет вола под морето;

45и котли, и лопатки, и чаши. Сите работи, што Хирам му ги направи на царот Соломона за храмот Господов, беа од измазнет бакар.

46Царот ги излеа во глинена земја, во околината на Јордан, меѓу Сохот и Сартан.

47Соломон ги постави сите тие работи на местата нивни. Поради нивното извонредно множество тежината на бронзата не беше определена.

48Соломон ги направи и сите предмети, што се во храмот Господов: златен жртвеник и златна трпеза, на која се ставаат лебовите на предложението:

49светилници – пет оддесно и пет одлево, пред задното одделение на храмот, од чисто злато, цвеќиња, кандилца и штипки од злато;

50и чинии, и ножеви, и чаши, и подносници и кадилници од чисто злато; резиња за вратите на внатрешноста од храм во Свјатаја Свјатих и за вратите во храмот, исто така од злато.

51Така беше свршена сета работа, што ја изврши цар Соломон за храмот Господов. И го принесе Соломон посветеното од татко му Давида: среброто, златото и предметите ги предаде во ризницата на храмот Господов.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help