1Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот слуга оруженосец: »Дојди да минеме кон филистејската стража, од онаа страна.« А на татка си тој не му кажа за тоа.
2Саул, пак, се наоѓаше крај Гава, под калинковото дрво, кое е во Магдон; со него беа до шестотини души народ.
3и Ахија, синот Ахитов, брат на Јохаведа, син на Финеса, син Илиин, свештеник Господов во Силом, кој носеше ефод. А народот не знаеше, дека Јонатан заминал.
4Меѓу премините, низ кои Јонатан сакаше да се пробие до филистејската стража, имаше остра карпа од едната страна и остра карпа од другата: едната ја нарекуваа Васес, а другата – Сена;
5едната карпа се издигаше од север кон Махмас, другата – од југ кон Гава.
6И му рече Јонатан на својот слуга оруженосецот: »Дојди да преминаме кон стражата на необрезаните; можеби, Господ ќе ни помогне, бидејќи за Господа не е тешко да спаси преку мнозина или малкумина.«
7И оруженосецот одговори: »Врши сѐ што ти е по срцето; ете, јас сум со тебе, оди, каде што сакаш.«
8Јонатан рече: »Еве, ќе преминеме кон оние луѓе и ќе застанеме да ни видат;
9ако ни речат: – застанете, додека да дојдеме до вас, – ние ќе застанеме на местата свои и нема да излеземе при нив;
10ако, пак, кажат: – дојдете при нас, – ние ќе излеземе, зашто Господ ги предал во рацете наши; и тоа ќе биде знак за нас.«
11Кога и двајцата застанаа, за да ги види филистејската стража, Филистејците рекоа: »Ете, Евреите излегуваат од проломите, во кои се беа испосокриле.«
12И извика стражата кон Јонатана и оруженосецот негов, велејќи: »Дојдете кај нас, и ние ќе ви кажеме нешто.« Тогаш Јонатан му рече на оруженосецот: »Оди по мене, зашто Господ ги предава во рацете на Израилот.«
13Тогаш Јонатан почна да се качува со раце и нозе, а оруженосецот негов по него. И Филистејците паѓаа пред Јонатана, а оруженосецот ги доубиваше по него.
14И во тој прв пораз, нанесен од Јонатана и оруженосецот негов, паднаа до дваесет души, врз половина од нива, обработувана од два вола во еден ден.
15Па настана ужас во логорот на полето и во сиот народ: стражата и оние што ја опустошија земјата, многу се уплашија, и не сакаа да се бијат; се затресе целата земја, и настана голем ужас од Господа.
16И Сауловата стража во Гава Венијаминова виде, дека народот се распрснува и трча наваму-натаму.
17И Саул му рече на народот, што беше со него: »Погледајте и дознајте, кои од нашите се излезени.« И прегледаа, а тоа, го нема Јонатан и оруженосецот негов.
18И Саул му рече на Ахија: »Донеси го ковчегот Божји,« – зашто во тоа време ковчегот Божји беше со синовите Израилеви.
19Саул уште му говореше на свештеникот, додека збрката во филистејскиот логор сѐ повеше и повеќе се зглемуваше. Тогаш Саул му рече на свештеникот: »Собери ги рацете свои!«
20Извика Саул и сиот народ, што беше со него, и дојдоа до местото на битката, и ете, таму мечот на секого беше насочен против ближниот негов; смут имаше многу голем.
21Тогаш и Евреите, кои вчера и завчера беа со Филистејците и кои заедно одеа со нив во логорот, се присоединија кон Израилците што беа со Саула и Јонатана;
22и сите Израилци, што се криеја во Ефремовата гора, откако слушнаа, дека Филистејците избегале и тие се присоединија кон своите во битката.
23Тој ден Господ го спаси Израилот; а битката се прошири дури до Вамот. Сите мажи со Саула беа до десет илјади, и битката се прошири по целиот град на Ефремовата гора.
24Израилевите мажи беа изморени тој ден; а Саул, не размислувајќи многу, го заколна народот, велејќи: »Проклет да е оној, што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели!« И никој од народот не вкуси храна.
25И сиот народ отиде во гората, а таму на лединката имаше мед.
26И народот излезе во гората, велејќи: »Еве, тече мед.« Но никој не ја доближи раката кон устата своја, бидејќи народот се плашеше од клетвата.
27Јонатан, пак, не чу, кога тако му го заколнуваше народот, и отакако го протегна крајот на стапот, што беше во раката негова, ја буцна медената пита и ја сврти со раката кон устата своја и очите му светнаа.
28А еден од народот му рече, велејќи: »Татко ти го заколна народот, и рече: – ‚Проклет да е оној, што денес ќе вкуси храна; од тоа народот изнемоште.‘«
29Но Јонатан рече: »Татко ми ја смути земјата; гледате, како ми светнаа очите, штом вкусив малку од медов;
30ако, пак, народот денес си каснеше од грабежов, што го најде кај непријателите свои, немаше ли поразот на Филистејците да биде поголем?«
31И Израилците ги разбија Филистејците оној ден од Махмас до Ајалон, и народот многу беше изморен.
32Тогаш народот се нафрли на пленот, и земаа овци, волови и телиња, и ги колеа наземи, и народот јадеше заедно со крвта.
33Му јавија на Саула, велејќи: »Ете, народот греши пред Господа, јаде со крвта.« И рече Саул: »Вие згрешивте: донесете сега при мене еден голем камен.«
34Потоа Саул рече: »Одете меѓу народот и речете му: секој нека го дотера при мене волот свој и секој – овцата своја, и колете тука и јадете, и не грешете пред Господа, не јадете со крвта.« И сите од народот дотеруваа, секој со своја рака, волот свој и овцата своја през ноќта и колеа таму.
35Тогаш Саул му изгради жртвеник на Господа: тоа беше жртвеник на Господа подигнат од него.
36И Саул рече: »Да ги подгониме Филистејците оваа ноќ и да ги ограбиме до разденување и да не оставиме ниту еден од нив.« И рекоа: »Прави сѐ, што сметаш дека е добро.« А свештеникот рече: »Да пристапиме овде кон Бога.«
37Саул го запраша Бога: »Да ги подгонам ли Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете на Израилот?« Но Он не му одговори тој ден.
38Тогаш Саул рече: »Нека се приближат овде сите началници народни, да распрашаат и дознаат, врз кого е денес гревот?
39Зашто, – жив ми Господа, Кој го спаси Израилот – ако биде и врз синот мој Јонатан, и тој нека умре бездруго.« Но никој од сиот народ не му одговори.
40Тогаш Саул им рече на сите Израилци: »Застанете вие на едната страна, а јас и син ми Јонатан ќе застанеме на другата страна.« А народот му одговори на Саула: »Прави го она што мислиш дека е добро.«
41И рече Саул: »Господи, Боже Израилев! Зошто сега не му одговори на Твојот слуга? Во мене ли е вината за тоа, или кај син ми Јонатан? Господи, Боже Израилев, дај знак. Ако е вината кај твојот народ Израил, изобличи го.« Изобличени беа со жреб Јонатан и Саул, а народот излезе прав.
42Тогаш Саул рече: »Фрлете жреб меѓу мене и меѓу синот мој Јонатан и кого Господ ќе го посочи, тој да умре.« И народот му рече на Саула: »Нека не биде така!« Но Саул настојуваше. И фрлија жреб меѓу него и синот негов Јонатан, и жребот падна врз Јонатана.
43И Саул му рече на Јонатана: »Кажи ми, што си направил?« И Јонатан му раскажа, велејќи: »Вкусив со стапот, што е во раката моја, малку мед; и ете, јас треба да умрам.«
44И Саул рече: »Нека ми направи Господ и тоа и тоа, и уште повеќе да направи; ти, Јонатане, денес треба да умреш.«
45Но народот му рече на Саула: »Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израилот? Тоа нема да биде! Нека е жив Господ, ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога.« И народот го ослободи Јонатана, и тој не умре.
46Тогаш Саул не отиде да ги гони Филистејците; и Филистејците се вратија во земјата своја.
47Саул го зацврсти царувањето свое над Израилот, и војуваше против сите свои околни непријатели, со Моав и со Амонците и со Едом, и со Ветор, и со царевите на Сова, и со Филистејците, а против кого и да се свртеше, по ред имаше успех.
48Тој ја среди војската, го разби Амалик и го ослобори Израил од рацете на оние што го грабеа.
49Саулови синови беа: Јонатан, Јесуј и Мелхисуј; а двете ќерки негови се викаа: поголемата – Мерова, а помалата – Мелхола.
50А Сауловата жена се викаше Ахиноам, ќерка на Ахимас; началникот на војската негова се викаше Авенир, син на Нир, стрикото Саулов.
51Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, син на Јамина, беа синови Авилови.
52И за сето Саулово време се водеше упорна борба против Филистејците. И кога Саул ќе видеше некој човек силен и јунак, го земаше кај себеси.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.