Мудри Соломонови Изреки 25 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Зборник од други мудри изреки Соломонови.

1И ова се мудри изреки Соломонови, што ги собраа луѓето на јудејскиот цар Езекија.

2Слава за Бога е да ја вообликува секога работа со тајна, а слава за царевите е да ги истражуваат работите.

3Како небото во висините и земјата во длабочините, така и срцето на царевите е неиспитливо.

4Оддели ја смесата од среброто, и истата ќе биде работа на златарот;

5оддалечи го неправедниот од царот, и престолот негов ќе се зацврсти со правда.

6Не се кревај на големо пред лицето на царот и не седнувај на местото на големците;

7зашто подобро е кога ќе ти кажат: »дојде тука погоре«, отколку кога ќе те понизат пред кнезот, кога го виделе очите твои.

8Она што го виделе твоите очи не брзај да го изнесеш во обвинение, зашто, што ќе правиш на крајот, кога твојот противник ќе те посрами?

9Суди се со противникот, но туѓи тајни не откривај,

10за да не те прекори оној, што ќе го чуе тоа, и тогаш нечесноста твоја нема да избега од тебе. Љубовта и дружбата ослободуваат: запази ги за себеси, за да не станеш достоен за навредување; запази си ги патиштата свои добро уредени.

11Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка.

12Мудриот разобличувач за внимателно уво е како златна обетка и украс од чисто злато.

13Како ладен снег во време на жетва, така е верен оној пратеник, што се испраќа: тој му донесува утеха за душата на својот господар.

14Како облаците и ветровите без дожд, таков е човекот, кој се фали со лажливи подароци.

15Во долготрпеливота е успехот на царевите, а мек јазик коски крши.

16Ако најдеш мед, само јади, колку што ти треба за да не се прејадеш и да не го повратиш.

17Не оди често во куќата на пријателот свој, за да не му додеваш и да не те намрази.

18Она што е чеканот, мечот и острата стрела, таков е човекот, кој што сведочи лажно против ближниот свој.

19Она што е скршен заб и крива нога, таква е надежта на безнадежниот во злочест ден.

20Она што е оној, кој соблекува облека во студен ден, она што е оцет на рана, таков е оној, кој песни пее на натажено срце. Како што молец ја повредува облеката и црвот – дрвото, така жалоста го повредува човековото срце.

21Ако непријателот твој е гладен, нахрани го со леб; и ако е жеден, напој го со вода;

22зашто, правејќи го тоа, ти натрупуваш жар врз главата негова, и Господ ќе ти воздаде.

23Северниот ветер дожд донесува, а таен јазик – незадоволни лица.

24Подобро да живееш во агол на покривот, отколку со жена кавгаџика во широка куќа.

25Она што е студената вода за измачената душа од жед, тоа е добрата вест од далечна страна.

26Она што е заматен извор и растурен кладенец, тоа е праведниот кој паѓа пред нечесниот.

27Како што не е добро да се јаде многу мед, така не е добро и да лакомиш за слава што не е слава.

28Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help