1Наближи времето да умре Давид, и тој му заповеда на синот свој Соломона, велејќи:
2»Еве, јас заминувам по патот на сите смртни, а ти биди храбар и човек,
3и чувај го заветот Господов, твојот Бог, одејќи по Неговите патишта и да ги чуваш повелбите Негови и заповедите Негови, судовите Негови и законите Негови, како што е напишано во Мојсеевиот закон, за да бидеш благоразумен во сѐ, што и да правиш, и насекаде, каде и да се свртиш,
4та Господ да го исполни зборот Свој, што го беше кажал за мене, велејќи: ‚Ако твоите синови ги чуваат патиштата свои, за да одат пред Мене во вистината од сѐ срце и од сета душа, нема да недостига човек од тебе на Израилевиот престол.‘
5Но – ти знаеш, што ми направи Саруевиот син Јоав, како постапи со двајцата војводи на израилската војска, со Нировиот син Авенир и со Јетеровиот син Амасеј, како ги уби и во мирно време пролеа крв како во борба, и со борбена крв го искрвави појасот на крстот свој и обувките на нозете свои;
6а ти постапи со мудроста своја, за да не ја отпуштиш староста негова со мир во пеколот.
7А на синовите од Галадецот Верзелиј направи им милост, та да бидат меѓу оние, што се хранат на твојата трпеза, бидејќи тие дојдоа при мене, кога бегав од братот твој Авесалома.
8Ете, при тебе е и Семеј, синот на Венијаминецот Гера од Ваурим; тој ме навредуваше со тешки навреди, кога одев во Маханаим; но тој ми излезе во пресрет при Јордан, и јас му се заколнав во Господа, велејќи: нема да те погубам со меч.
9Но ти не го оставај неказнет, бидејќи си мудар човек и знаеш што треба да направиш со него, та да ја собориш староста негова окрвавена во пеколот.«
10И потоа Давид почина при татковците свои и беше погребан во Давидовиот град.
11А Давид царуваше над Израилот четириесет години: во Хеврон царуваше седум години и во Ерусалим царуваше триесет и три години.
12Тогаш Соломон седна на престолот на татка си Давида, и царството негово се зацврсти многу.
13А Адонија, Агитиниот син, дојде кај Вирсавија, Соломоновата мајка и ѝ се поклони. Таа го праша: »Со мир ли си дојден?« Тој одговори: »Со мир.«
14И тој рече: »Имам нешто да ти кажам.« Таа му рече: »Кажувај.«
15Тогаш тој продолжи: »Ти знаеш, дека царството ми се паѓаше мене, и сиот Израил ги свртуваше погледите кон мене, како кон иден цар; но царството отиде од мене и се падна на братот мој, бидејќи тоа беше од Господа.
16Сега те молам за едно: не ми откажувај.« Таа му рече: »Говори.«
17И тој пак продолжи: »Те молам проговори му на царот Соломона, бидејќи тој нема да ти откаже, да ми ја даде за жена Сунамитката Ависага.«
18Вирсавија одговори: »Добро, јас ќе зборувам со царот за тебе.«
19И Вирсавија влезе при царот Соломона да му говори за Адонија. Царот стана пред неа, ѝ се поклони и седна на престолот свој. Поставија престол и за царевата мајка, и таа седна десно од него;
20и рече: »Имам една молба кон тебе, не ми откажувај.« А царот ѝ одговори: »Барај, мајко, нема да ти откажам.«
21Таа рече: »Дај му ја Сунамитката Ависага за жена на братот твој Адонија.«
22Тогаш цар Соломон одговори и ѝ рече на мајка си: »А зошто ја бараш Сунамитката Ависага за Адонија? Побарај го за него и царството, бидејќи тој ми е поголем брат, откај него се свештеникот Авијатар, и Саруевиот син Јоав воен началник и пријател.«
23И царот Соломон се заколна во Господа, велејќи: »Тоа и тоа да ми направи Господ и уште повеќе да ми додаде, ако Адонија не ги кажал тие зборови по цена на душата своја.«
24А сега – »жив ми Господ, Кој ме зацврсти и постави на престолот од мојот татко Давида и Кој ми основа дом, како што беше говорел Он, – сега Адонија треба да умре.«
25И царот Соломон го испрати Јодаевиот син Ванеја, кој го удри и тој умре.
26На свештеникот Авијатар царот му рече: »Оди си во Анатот на нивата своја; ти заслужуваш смрт, но сега нема да те погубам, бидејќи си го носел ковчегот на Господа Бога пред татко ми Давида, и си трпел сѐ, што трпел и татко ми.«
27И Соломон го отстрани Авијатара од Господовото свештенство, и се исполни словото на Господа, што го беше кажал за Илиевиот дом во Силом.
28Дојде глас за тоа до Јоава, – бидејќи Јоав ја држеше страната на Адонија, а не ја држеше страната на Соломона, – и Јоав избега во Господовата скинија и се фати за роговите на жртвеникот.
29Му соопштија на цар Соломона, дека Јоав избегал во Господовата скинија и дека е кај жртвеникот. Соломон го испрати Јодаевиот син Ванеја, велејќи: »Оди, убиј го и погреби го.«
30Ванеја дојде во Господовата скинија и му рече на Јоава: »Вака кажа царот: излегувај.« А тој одговори: »Не, јас сакам тука да умрам.« Ванеја му го соопшти тоа на царот, велејќи: »Така рече Јоав и така ми одговори.«
31Царот му рече: »Направи како што рекол тој: убиј го и погреби го, и пролеаната невина крв од Јоава ќе ја измиеш од мене и од домот на татка ми;
32Господ нека ја сврти крвта негова врз неговата глава, поради тоа што уби двајца невини мажи подобри од него: тој го погуби со меч, без знаење на татка ми Давида, Нировиот син Авенир, воен началник Израилски, и Етеровиот син Амасеј, воен началник Јудејски;
33нека се сврти крвта нивна врз главата на Јоава и врз потомството негово засекогаш, а на Давида, и на потомството негово, и на домот негов, и на престолот негов нека биде мир од Господа засекогаш!«
34И отиде Јодаевиот син Ванеја, го удри Јоава и го уби; и тој беше погребан во куќата своја, во пустињата.
35Тогаш царот Соломон го постави Јодаевиот син Ванеја над војската место него; а управата на царството беше во Ерусалим. Свештеникот Садок, пак, царот го постави за првосвештеник место Авијатара. Господ му даде на Соломона разум, многу голема мудрост и широк ум како песок крај морето. И Соломон имаше разум поголем од разумот на сите синови на Исток и на сите мудри Египтјани. Тој си ја зеде за жена фараоновата ќерка и ја воведе во Давидовиот град, додека го изгради домот свој и, пред сѐ, домот Господов и ѕидовите околу Ерусалим; по седум години тој ја заврши градбата. Соломон имаше седумдесет илјади души пренесувачи на товари и одумдесет илјади каменоделци во планините. И Соломон направи море и потпирки, големи бањи и столбови, извор во дворецот и бакарно море, изгради кула и тврдини нејзини и го раздели Давидовиот град. Тогаш фараоновата ќерка мина од Давидовиот град во својот дом што тој ѝ го изгради; потоа Соломон изгради ѕидови околу градот. Соломон принесуваше трипати годишно сепаленици и мирни жртви на жртвеникот, што Му го изгради на Господа, и каде што пред Господа врз него и ја заврши градбата на домот. Главните распоредувачи на Соломоновите работи беа три илјади и шестотини, и тие управуваа со народот, што ги извршуваше работите. Тој го изгради Асур и Магдон, Гавер, Горни Ветерон и Валалат; но тие градови тој ги изгради, откако го беше изградил Господовиот дом и ѕидовите околу Ерусалим. Уште додека беше жив, Давид му заповеда на Соломона, велејќи: »Ете, при тебе е Семеј, синот на Гера, Јеминиев син од Веурим; тој ме навредуваше со тешки навреди, кога одев во Маханаим; но тој ми излезе во пресрет при Јордан, и јас му се заколнав во Гсопода, велејќи: нема да те погубам со меч; но ти не оставај го неказнет, бидејќи си мудар човек и знаеш, што треба да направиш со него, за да ја симнеш староста негова окрвавена во пеколот.«
36Царот испрати, та го повика Семеја и му рече: »Изгради си дом во Ерусалим и живеј тука и никаде не излегувај оттука;
37и знај, дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе го минеш потокот Кедрон, бездруго ќе умреш; крвта твоја ќе биде врз твојата глава.«
38А Семеј му рече на царот: »Добро; како што заповеда мојот цар – господар, така ќе направи твојот слуга.« И Семеј живееше во Ерусалим долго време.
39Но по три години се случи, та двајца од Семеевите слуги да избегаат при гетскиот цар Анхус, Махов син. И му јавија на Семеја, велејќи: »Ете, твоите слуги се во Гет.«
40Семеј стана, го оседла оселот и тргна за Гет при Анхуса да ги бара слугите свои. Семеј се врати и ги доведе слугите свои од Гет.
41И го известија Соломона, дека Семеј одел од Ерусалим во Гет и се вратил.
42Тогаш царот испрати, та го повика Семеја и му рече: »Нели ти се заколнав во Господа и не ли ти соопштив, велејќи: знај дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе отидеш некаде, бездруго ќе умреш? И ти ми одговори: добро.
43Па зошто не ја запази заповедта, што ти ја дадов пред Господа со клетва?«
44Уште му рече на Семеја царот: »Ти го знаеше и го знае срцето твое сето зло, што си му го направил на татка ми Давида. Туку Гсопод нека ја сврти злобата твоја врз твојата глава!
45А цар Соломон да биде благословен, и Давидовиот престол да стои цврсто пред Господа засекогаш!«
46И царот му заповеда на Јодаевиот син Ванеја, и тој отиде, та го удри Семеј, и тој умре.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.