1»Сите заповеди, кои денес ви ги кажувам, настојувајте да ги исполнувате, за да бидете живи и да се множите, и да отидете и да ја наследите добрата земја, која Господ Бог со клетва им ја вети на вашите татковци.
2И помни го целиот пат, по кој што те водеше Господ, твојот Бог, по пустињата еве веќе четириесет години, за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или, пак, не.
3Он те смируваше, те мачеше со глад и те хранеше со мана, која ти не ја знаеше, не ја знаеја ни твоите татковци, за да ти покаже, дека човекот не живее само од леб, но човекот живее и од секој збор што излегува од устата на Господа;
4облеката твоја не изветве на тебе, и ногата твоја не отече, еве веќе четириесет години.
5И знај во срцето свое, дека Господ, твојот Бог, те казнува како што човекот го казнува синот свој.
6Затоа почитувај ги заповедите на Господа, твојот Бог, оди по патиштата Негови и бој се од Него.
7Зашто Господ, твојот Бог, те води во добра и богата земја, каде што по полињата и планините, течат потоци, а има и извори и езера,
8во земјата на пченицата, јачменот, лозјата, смоквите и калинките; во земја, каде што има маслинов елеј и мед;
9во земја, каде што ќе го јадеш лебот свој без недостаток и од ништо нема да имаш потреба, – во земја, каде што камењата се железо, и од планините ќе копаш бакар.
10И кога ќе јадеш и ќе бидеш сит, благословувај Го Господа, твојот Бог, за добрата земја, што ти ја даде.
11Гледај да не го заборавиш Господа, твојот Бог, не почитувајќи ги заповедите Негови и наредбите Негови, кои денес ти ги кажувам.
12Кога ќе јадеш и ќе бидеш сит, и изградиш убави куќи и ќе се вселиш во нив,
13кога ќе ти се намножат говедата и овците и кога се збогатиш со многу сребро и злато, и од сѐ ќе имаш во изобилие,
14гледај, да не се возгордее срцето твое, та да заборавиш на Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската замја, од домот на ропството;
15Кој те преведе преку големата и страшна пустиња, каде што има змии што загризуваат, скорпии и суви места, во кои нема вода; Кој ти извади вода од најтврда карпа, и
16те хранеше во пустињата со мана, која ти не ја знаеше, а и таковците твои не ја знаеја, за да те смири и да те искуша, па да ти направи потоа добро,
17и за да не кажеш во срцето свое: ‚мојата сила и цврстината на мојата рака го здобија ова богатство,‘
18но да Го помниш Господа, твојот Бог, зашто Он ти даде сила за да се здобиеш со богатство, за да го исполни, како денес, Својот завет, кој со клетва го беше потврдил на татковците твои.
19Ако пак Го заборавиш Господа, твојот Бог, и тргнеш по други богови, служејќи им и поклонувајќи им се, ви сведочам денес со небото и со земјата, дека ќе изгинете;
20онака како народите, кои Господ Бог ги уништи пред вас: така ќе загинете и вие, затоа што не го послушавте гласот на Господа, вашиот Бог.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.