4 Царства 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Оздравувањето на Неемана.

1Нееман, војвода на сирскиот цар, беше голем човек пред господарот свој и почитуван, зашто преку него Господ им беше дал победа на Сиријците; и тој човек беше одличен војник, но лепрозен.

2Еднаш Сиријците излегоа во чети и запленија од Израилската земја едно мало девојче, и тоа ѝ служеше на Неемановата жена.

3Таа ѝ рече на господарката своја: »О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата.«

4Тогаш Нееман отиде и му го кажа тоа на господарот свој, велејќи: »Така и така вели девојчето, што е од Израилската земја.«

5И сирскиот цар му рече на Неемана: »Стани, оди, јас пак, ќе испратам писмо до израилскиот цар.« Тој отиде, земјаќи со себе десет таланти сребро, шест илјади сикли злато и десет промени облека;

6и му го однесе на израилскиот цар писмото, во кое се велеше: »Заедно со ова писмо, ете, го испраќам при тебе Неемана, мојот слуга, да ја симнеш од него лепрата негова.«

7Израилскиот цар, откако го прочита писмото, ја раскина облеката своја и рече: »Зар сум јас Бог, да умртвувам и да оживувам, та испраќа при мене да ја симнам од овој човек лепрата негова? Ете, знаете сега и гледајте, дека тој бара повод за непријателство против мене.«

8Кога Божјиот човек Јелисеј чу, дека израилскиот цар ја раскинал облеката своја, испрати да му речат на царот: »Зошто ја раскина облеката своја? Нека дојде при мене и нека познае, дека има пророк во Израилот.«

9И дојде Нееман со коњите свои и со колите свои и застана пред влезот на Јелисеевиот дом.

10Тогаш Јелисеј го испрати при него слугата свој да му каже: »Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист.«

11Се разгневи Нееман и си тргна, велејќи: »Ете, јас мислев, дека тој ќе излезе, ќе застане и ќе го повика името на Господа, својот Бог, ќе ја стави раката своја на местото и ќе ја симне лепрата;

12зар дамаските реки Авана и Фарфар не се подобри од сите израилски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?« Па се сврти и си отиде налутен.

13Му се доближија слугите негови и му рекоа, велејќи: »Оче, да беше ти кажал пророкот нешто тешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!«

14Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божјиот човек, и телото му се обнови како тело на мало дете и се исчисти.

15Тогаш се врати при Божјиот човек, тој и сите придружници негови, дојде, застана пред него и рече: »Еве, познав, дека по целата земја нема Бог, освен во Израилот; прими, пак сега дар од твојот слуга.«

16Јелисеј одгорови: »Жив Господ, пред чие лице стојам! Не примам.« Оној го принудуваше да земе, но тој не се согласи.

17И рече Нееман: »Штом е така, нека му дадат на твојот слуга земја, колку што можат да носат две маски, зашто во иднина слугата твој нема да принесува сепаленици и жртви на други богови, освен на Господа;

18само, еве што да ми прости Господ на слугата твој: кога мојот господар оди во домот на Римона, за да се поклони таму и се потпре врз раката моја, и јас се поклонам во домот на Римона, тогаш Господ да му прости на слугата твој за поклонувањето мое во домот на Римона.«

19А тој му рече: »Оди си со мир!« И тој отиде од него и прилично се оддалечи.

20Тогаш Гиезиј, слугата на Божјиот човек Јелисеја рече: »Ете, мојот господар не сакаше да го земе од раката на тој сириец Нееман, она што го беше донел. Жив Господ! Ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.«

21И потрча Гиезиј по Неемана. Нееман виде, дека некој трча по него, слезе од колата да го пресретне и рече: »Дали си со мир?«

22Тој одговори: »Со мир сум; мојот господар ме испрати да кажам: ете, сега дојдоа при мене од Ефремовата гора две момчиња од пророчките синови; дај ми еден талант сребро и две промени облека.«

23И Нееман рече: »Земи, ако сакаш, два таланта.« И многу го молеше. Тогаш тој заврза два таланта сребро во две торби и две промени облека и им ги даде на двајцата слуги свои, та ги понесоа пред него.

24Кога тој дојде до брегот, ги зеде од рацете нивни и ги сокри во домот свој. И ги отпушти луѓето, и тие си отидоа.

25Кога дојде и се јави пред господарот свој, Јелисеј го праша: »Од каде доаѓаш, Гиезиј?« Тој одговори: »Никаде не одел слугата твој.«

26Тој му рече: »Зар срцето мое не те придружуваше, кога оној човек се врати од колата своја да те пресретне? Време ли е да се земе сребро и да се зема облека, или маслинови дрвја и лозја, ситен или крупен добиток, слуги или слугинки?

27Затоа, Неемановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш.« И тој излезе од него бел како снег од лепрата.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help