2. Макавејска 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Одмазда на Јуда против Јопија и Јамнија.

1Откако се завршија тие договори, Лисиј се врати при царот, а Јудејците се зафатија со земјоделие,

2но месните воени началници, Тимотеј и Аполониј, синот на Генеј, Јероним и Димофон, а уште и Никанор, управителот на Кипар, не им даваа да живеат во мир и во безопасност.

3Јопијците, пак, извршија големо недело. Тие ги поканија своите сограѓани Јудејци, заедно со нивните жени и деца, да влезат во подготвени кораби, божем никакво зло не им приготвуваат.

4А кога се согласија, зашто сакаа да го запазат мирот и немаа никакво сомневање тогаш врз основа на јавна градска согласност Јопијците, откако отпловија, ги издавија, а ги имало не помалку од двесте души.

5Кога Јуда разбра за оваа свирепост, извршена врз неговите еднокрвни браќа, за ова ги извести оние што беа со него,

6па, откако Го повикаа праведниот Судија, Бога, се упати против убијците на своите браќа; во текот на ноќта го запали пристаништето, ги запали и корабите, а оние што избегаа од нив ги уби.

7Бидејќи тоа место беше затворено, Јуда си отиде со намера пак да се врати и да ги истреби сите јопијски жители.

8Откако разбра, дека жителите на Јопија сакаат на ист начин да постапат со Јудејците, што живеат таму,

9ги нападна во текот на ноќта и им ги запали пристаништето и корабите, така што светлината од огнот се гледаше дури до Ерусалим, кој е оддалечен двесте и четириесет стадии.

10А кога се оддалечија оттаму девет стадии, одејќи против Тимотеја, беа нападнати од Арабјани – не помалку од пет илјади пешаци и петстотини коњаници.

11Битката беше жестока и кога оние, што беа со Јуда, со Божја помош, извојуваа победа, победените номади, Арабјаните, го молеа Јуда за мир, ветувајќи им дека ќе им даваат добиток и сѐ друго со што можат да им бидат корисни.

12Јуда, гледајќи дека тие навистина можат да им бидат корисни во многу работи, се согласи да склучи мир со нив, а тие потоа си отидоа во своите шатори.

13Тогаш тој нападна уште еден град со утврден мост, ограден со ѕидини и населен со разни народи; градот се нарекуваше Каспин.

14Жителите на овој град, надевајќи се на градската тврдина и на својата насобрана храна, постапија многу дрско и ги навредуваа со срамни и неприлични зборови.

15Но оние што беа со Јуда, откако Му се обратија за помош на Великиот Господар на светот, Кој го урна Јерихон без бојни машини и оружја, во времето на Исуса Навина, диво ги нападнаа ѕидините.

16Со Божја помош, го зазедоа овој град и извршија безбројни убиства, така што блиското езеро, широко две стадии, се чинеше дека е полно со крв.

17Откако отидоа оттаму, на оддалеченост од седумстотини и педесет стадии, дојдоа во Харан, кај Јудејците, наречени Тувиини,

18но таму не го заварија Тимотеја, кој, не правејќи некое зло, се оддалечил од таа земја, но сепак на едно место оставил силна стража.

19Затоа Доситеј и Сосипатар, двајца од предводниците на Макавеите, отидоа и ги поразија оние што ги беше оставил Тимотеј во тврдината – повеќе од девет илјади души.

20Тогаш Макавеј, откако ја раздели својата војска на делови и им постави заповедници, го нападна Тимотеја, кој имаше со себеси сто дваесет илјади пешаци и илјада и петсотини коњаници.

21Кога разбра Тимотеј дека Јуда се приближува, ги испрати жените, децата и комората во тврдината Карнион, која не беше погодна за опседнување поради недотсапноста на месноста.

22Штом се појави првиот одред на Јуда, непријателот го опфати страв и трепет од Оној, Кој гледа си, па почнаа да бегаат на сите страни, така што се напаѓале и убивале меѓусебно, прободувајќи се еден со друг со своите остри мечеви.

23Јуда упорно продолжи да ги гони и да ги убива злосторниците; погуби триесет илјади души.

24А Тимотеј им падна во рацете на Доситеја и Сосипатра; тој почна да ги моли многу итро за да го остават жив затоа што кај него имало многу нивни родители и браќа и дека може да ги снајде зло.

25Откако најпосле ги увери оти сите тие луѓе ќе им ги врати живи, тие го пуштија, за да ги избават своите браќа.

26Потоа Јуда отиде против Карнион и Атаргатион и погуби дваесет и пет илјади души.

27По победата и уништувањето над нив, тој тргна против утврдениот град Ефрон, каде што беше Лисиј со своите одреди, составени од многу народности; силни млади луѓе стоеја пред ѕидините и упорно напаѓаа, а таму имаше многу оружје и стрели.

28Тие, откако го повикаа на помош Сесилниот, Кој со Својата моќ ја крши силата на непријателите, го презедоа градот и убија околу дваесет и пет илјади од неговите жители.

29Штом се кренаа оттаму, се упатија кон градот ка Скитите, кој е оддалечен шеесет стадии од Ерусалим.

30Но, бидејќи Јудејците, жители на тој град, посведочија дека тие луѓе имаат спрема нив добар однос и дека им помагале во тешките времиња,

31тие, откако им заблагодарија, ги замолија и понатаму да бидат благонаклони кон нивниот народ, па појдоа кон Ерусалим, зашто се приближуваше празникот Сеници.

32По празникот, наречен Педесетница, тие отидоа против Горгија, војководачот на Идумеја.

33Јуда излезе со три илјади пешаци и четиристотини коњаници.

34Кога влегоа во битка, убиени беа и некои од Јудејците.

35А Доситеј, кој беше под управа на Вакинор, коњаник, јунак, го фати Горгија и, држејќи го за наметката, го повлече силно за да го зароби жив тој проклетник, но еден од тракиските коњаници, налета на него и му ја отсече раката во рамото, а Горгиј избега во Мариса.

36А кога, по долгата битка, оние што беа со Ездра се истоштија, Јуда го повика Господа на помош, Он да им биде помошник и водач во битката.

37Тогаш почна да пее пофални песни на јазикот на своите татковци колку го служеше гласот, па одеднаш се нафрли на оние што беа со Горгија и ги натера во бегство.

38Потоа Јуда ја зеде својата војска и појде кон градот Одолам, но, бидејќи наближуваше седмиот ден, се очистија, според обичајот, и ја отпразнуваа саботата.

39Идниот ден дојдоа луѓе на Јуда, зашто беше веќе последен час, да ги соберат телата на убиените и да ги закопаат заедно со нивните роднини во гробиштата на нивните татковци.

40Тогаш под облеката на секој умрен најдоа предмети, посветени на јамниските, идоли што им ги забрануваше на Јудејците Законот. И така на сите им стана јасно дека тоа беше причината за нивната смрт.

41Затоа сите Го прославија Праведниот судија, Кој го открива она што е сокриено,

42па почнаа да се молат направениот грев да биде наполно опростен; а благородниот Јуда ги опомена војниците да се пазат од секаков грев, гледајќи сами со своите очи што се случило по вина на убиените.

43Тогаш собра околу две илјади сребрени драхми, според бројот на убиените свои војници, ги испрати во Ерусалим, за да принесе жртва за грев; со тоа направи убаво и благородно дело, зашто мислеше за воскресението на мртвите.

44Оти, ако не веруваше дека убиените војници ќе воскреснат, ќе беше неразумна и залудна молитвата за умрените.

45Но тој мислеше дека на оние што умреле во побожност им е приготвена голема награда. Каква света и побожна мисла! Затоа за покојниците принесе жртва за милост – да бидат ослободени од својот грев.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help