1Откако изминаа многу денови, пак му рече Господ на Илија во третата година: »Оди и јави му се на Ахава, и јас ќе дадам дожд на земјата.«
2Илија отиде да му се јави на Ахава. А во Самарија имаше голем глад.
3И Ахава го повика Авдија, управникот на дворецот. Авдија, пак, беше човек кој многу се боеше од Господа.
4Кога Језавела ги истребуваше пророците Господови, Авдиј зеде сто пророци и ги криеше во пештери, по педесет луѓе, и ги хранеше со леб и вода.
5И Ахав му рече на Авдија: »Тргни по земјата, по сите водни извори и по сите потоци во земјата, можеби некаде ќе најдеме трева, за да си ги прехраниме коњите и маските и да не се лишиме од добитокот.«
6И тие ја разделија меѓу себе земјата, за да ја обиколат: Ахав тргна одделно по еден пат, а Авдиј тргна одделно по друг пат.
7Кога Авдиј врвеше по патот, ете, во пресрет му доаѓа Илија. Тој го позна, падна ничкум и рече: »Ти ли си, господару мој Илија?«
8Овој му одговори: »Јас сум; оди и кажи му на господарот свој: ‚Илија е тука.‘«
9Тој рече: »Што сум виновен, па го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?«
10»Жив Господ, твојот Бог! Нема ниеден народ и царство, каде што не испраќал господарот мој да те бара; и кога му кажуваа дека те нема, тој земаше клетва од тоа царство и народ, дека не можеле да те најдат;
11а ти сега велиш, оди и кажи му на господарот: Илија е тука.
12Кога јас ќе си отидам од тебе, Духот Господов ќе те однесе, не знам каде; и ако отидам да му јавам на Ахава, и тој не те најде, ќе ме убие; а слугата твој е богобојазлив од младини.
13Зар не му е кажано на мојот господар, што сторив јас, кога Језавела ги избиваше Господовите пророци, како криев сто Господови пророци, по педесет души во пештера, и ги хранев со леб и вода?
14А ти сега велиш: оди и кажи му на твојот господар: Илија е тука; тој ќе ме убие.«
15Тогаш Илија му рече: »Жив Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам!«
16Авдиј отиде да го пресретне Ахава и му јави, и Ахав отиде да го пресретне Илија.
17Штом Ахав го виде Илија, му рече: »Ти ли си, што го вознемируваш Израилот?«
18Илија му одговори: »Јас не го вознемирувам Израилот, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците;
19сега испрати и собери го при мене сиот Израил на гората Кармил, и четиристотините и педесет Ваалови прорци и четирите стотини пророци од дубравата, што се хранат од трпезата на Језавела.«
20И Ахав испрати до сите Израилеви синови и ги собра сите пророци на гората Кармил.
21Тогаш Илија пристапи кон сиот народ и рече: »Уште ли ќе храмите на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако ли е Ваал – одете по него.« А народот не му одговори ни збор.
22И му рече Илија на народот: »Само јас останав пророк Господов, а Ваалови пророци има четиристотини и педесет души и четиристотини идолски пророци;
23нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно теле, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва, и оган нема да потпалувам;
24тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господа, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е Бог.« И сиот народ одговори и рече: »Добро, нека биде така!«
25Потоа им рече Илија на Вааловите пророци: »Изберете си едно теле и пригответе го вие најнапред, бидејќи сте многу; и повикајте го името на вашиот бог, и оган не потпалувајте.«
26И ете го зедоа телето, што им беше дадено, го приготвоја и го повикуваа името на Ваала од утрината до пладне, велејќи: »Ваале, почуј нѐ!« Но немаше ни глас, ни одговор. И тие скокаа пред жртвеникот, што беа го направиле.
27Попладнето Илија почна да им се потсмева и велеше: »Викајте посилно, зашто тој е бог; можеби се замислил, или е зафатен со нешто, или е на пат, а можеби и спие, – така ќе се разбуди!«
28И тие почнаа да викаат високо и според обичајот свој да се бодат со ножеви и копја, така што крв течеше од нив.
29Мина пладне, а тие сѐ уште беснееја токму до вечерното жртвопринесување; но не се чу ни глас, ни одговор, ниту слух. Тогаш Илија Тесвитецот им рече на Вааловите пророци: »А сега тргнете се вие, та и јас да го извршам своето жртвопринесување.« Тие се тргнаа и замолкнаа.
30Тогаш Илија му рече на сиот народ: »Приближете се до мене.« И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов.
31И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што се колената на синовите на Јакова, кому Господ му беше рекол вака: »Израил ќе биде твоето име.«
32И изгради од тие камења жртвеник во името на Господа, а околу жртвеникот направи окоп, што собираше две мери зрна, за да се посеат,
33и постави дрва врз жрвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата,
34и рече: »Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!« И направија така. Потоа рече: »Повторете!« И тие повторија. Тогаш рече: »Направете го тоа по третпат.« И тие го направија и по третпат.
35И водата се разлеа околу жртвеникот, а окопот се наполни со вода.
36Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, извика кон небото и рече: »Господи, Боже Авраамов, Исаков и Израилев! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе, дека си Ти единствен Бог во Израилот, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово.
37Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ, дека Ти, Господи, си Бог и ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси.«
38И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата, што беше во окопот.
39Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: »Господ е Бог, Господ е Бог!«
40Тогаш Илија им рече: »Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие.« Ги фатија, а Илија ги одведе при потокот Кисон и таму ги искла.
41Илија му рече на Ахава: »Оди, јади и пиј, зашто се слуша шум од дожд.«
42Ахав отиде да јаде и да пие, а Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои
43и му рече на слугата свој: »Оди и погледни кон морето:« Тој отиде, погледна и рече: »Ништо нема.« Тој пак рече: »Направи го тоа седумпати.«
44На седмиот пат слугата рече: »Ете од морето се крева мало облаче, колку човечка дланка.« Тој му рече: »Оди, кажи му на Ахава: ‚впрегни ја колата своја и тргнувај, за да не те испревари дождот.‘«
45Во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд. Ахав тогаш седна во колата, заплака и тргна за Језраел.
46А раката Господова беше врз Илија. Тој го препаша крстот свој и трчаше пред Ахава дури до Језраел.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.