Мудри Соломонови Изреки 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пофалба на мудроста.

1Нели мудроста вика? И нели разумот го издига гласот свој?

2Мудроста застанува на високи места, крај патот, на раскрсници;

3таа вика пред портите при влезот во градот, при влезот на вратата силно извикува:

4»Кон вас, луѓе, викам, и кон синовите човечки е мојот глас!

5Научете се, неразумни, на благоразумие, и безумни, – на разум.

6Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда;

7зашто јазикот мој ќе ја изговори вистината; лажливата уста одвратна е за мене.

8Сите зборови на устата моја се справедливи; во нив нема ни подмолност, ни лукавство;

9сите тие се јасни за разумниот и справедливи за оние, што се здобиле со знаење.

10Примете го учењето мое, а не сребро; подобро знаење, отколку најдобро злато;

11зашто мудроста е подобра од бисер, и ништо, од она што е скапоцено, не може да се спореди со неа.

12Јас, премудроста, живеам со разумот и барам ресудувачко знаење.

13Стравот Господов ја мрази неправдата; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста.

14Мои се советот и разумноста; јас сум разум, во мене е силата.

15Преку мене цареви царуваат, и заповедници правда озаконуваат;

16преку мене началници управуваат и големци и сите судии земни.

17Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои Ме бараат, ќе најдат добрина;

18во Мене се богатството и славата, богатата ризница и правдата;

19плодовите мои се подобри од злато, и од најчисто злато, и користа од мене е повеќе отколку од најчисто сребро.

20Јас одам по патот на правдата, по патеките на правосудството,

21за да им доставувам вистинско добро на оние, што ме сакаат, нивните ризници ги полнам. Кога го објавувам она, што станува секојдневно, нема да заборавам да го спомнам и она, што е од секогаш.

22Господ ме создаде за почеток на Својот пат, на Своите творби,

23ме создаде уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде земјата.

24Јас сум се родила, кога уште немаше бездни, кога уште немаше извори, изобилни со вода.

25Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите,

26кога Господ уште не беше ја создал земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената.

27Кога Он го приготвуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше престолот Свој врз ветровите,

28кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната,

29кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брани, кога ги полнеше основите на земјата, –

30јас бев при Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време,

31веселејќи се на Неговиот земен круг, и радоста моја беше со синовите човечки.

32И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта!

33Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа.

34Блажен е оној човек, кој ме слуша, станувајќи бодар секој ден при портите мои и стоејќи на стража при вратата моја!

35Зашто, кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господа;

36а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help