1Секаде, каде што ќе пристигнеше оваа царска заповед, незнабошците приредуваа народни гоштевки со радосни извици и на таков начин вкоренетата омраза смело се покажуваше.
2Меѓу Јудејците започна неутешна тага, горко плачење и лелекање; насекаде се слушаа воздишките на што ја оплакуваа ненадејно најавената страшна смртна казна; тоа ги плашеше нивните срца.
3Која област, кој град или кое село, кои патишта не се исполнија со нивниот плач и писок?
4Властите од секој град без чувство на жал и со жестокост ги испраќаа заедно; гледајќи ја таа грозна слика, дури некои и од непријателите го оплакуваа нивното прогонување и размислуваа за превртливоста на животот.
5Водеа групи старци, престарени, покриени со бели коси, подгрбавени и со треперливи нозе и, според, барањето за насилно прогонство, ги принудуваа без срам да чекорат побрзо.
6Девојки, тукушто склучиле брак и влезени во брачна одаја, место да се радуваат, подземаа плач и своите, со масла намирисани коси ги посипуваа со пепел; ги водеа без превез и место да пеат свадбени песни, тие го прифаќаа општиот лелек, бидејќи туѓинците ги измачуваа страшно; ги влечкаа јавно и насила, врзани во вериги и ги фрлаа во кораби.
7И нивните млади сопрузи, место со венци на глава, беа врзани со јажиња околу вратот, во цветот на својата младост; место свадбенска гозба и младински наслади, свадбените денови ги минаа во плач, зашто под нозете свои го гледаа пеколот отворен.
8Ги водеа како ѕверови, оковани во железни вериги: едни беа приковани за седиштата на корабите, а други – на нозете имаа тешки окови. Освен тоа, тие беа во внатрешноста на бродовите, одделени од светлината, од сите страни заобиколени со темнина – за сето време додека пловеа; со нив се однесуваа како со најлоши злосторници.
9Кога го деведоа до едно место, наречено Схедија, а според царската заповед, пловењето беше завршено, тогаш беше наредено да бидат оставени пред градот, во хиподромот, кој беше многу широк и доста годен за јавна поруга пред сите што влегуваа во градот и кои излегуваа оттаму. Но немаа никакво општење со војската, а немаа ни достоен покрив над главите.
10Кога сето тоа беше направено, и кога царот разбра дека нивни сонародници често излегуваат тајно од градот, за да ја оплакуваат тешката мака на своите сограѓани, тој се разгневи многу и нареди и тие да бидат не помалку казнети од другите.
11Тој нареди да ги пребројат сите по име, не за да им пресуди тешка робија, туку најнапред да ги подложи на тешки измачувања, а најпосле сите да ги погуби во еден ден.
12И макар што пребројувањето се вршеше со голема брзина и до крајна ревност, од изгревот до залезот на сонцето, сепак не можеа потполно да го завршат ни за четириесет дена.
13А царот непрестајно и прекумерно се предаваше на задоволства, приредуваше гозби пред сите идоли, а со умот свој далеку од вистината, со својата нечиста уста ги славословеше оние што беа глуви и што не можеа да говорат или да помогнат, а за великиот Бог зборуваше она што не е прилично.
14Откако измина тоа време, писарите го известија царот, дека не се во состојба да ги пребројат Јудејците поради нивното големо множество; освен тоа, уште поголем е бројот на оние што сѐ уште се во областите, по домовите и распрснати во разни места, така што пребројувањето не можат да го направат дури и сите египетски власти.
15А кога царот ги заплашуваше уште построго, препоставувајќи дека се поткупени со подароци и дека вешто ја избегнуваат казната, тогаш стана потребно да го убедат уште посилно; тие му докажаа дека немаат доволно хартија и трски за пишување.
16Тоа беше дејство на непобедливата Божја промисла, која им помагаше на Јудејците.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.