1Вака вели Господ: »Јас го изведов овој народ од ропство, му дадов заповеди преку Моите слуги – пророците, кои народот Мој не сакаше да ги слуша и ги отфрли Моите совети.
2Мајката што ги родила им вели: ‚Одете деца, зашто јас сум вдовица и напуштена.
3Јас ве одгледав со радост и ве отпуштив со плач и со тага, зашто згрешивте пред Господа, вашиот Бог и го извршивте она што е лошо пред Него.
4А сега што можам да направам за вас? Јас сум вдовица и напуштена; одете, деца, и барајте милост од Господ.‘
5Оче, Тебе Те повикувам за сведок против мајката на синовите, кои не сакаа да го пазат Мојот завет;
6предај ги на засрамување, а мајката нивна – на распаѓање, за да исчезне нивниот род;
7нека се распрснат нивните имиња меѓу народите и да се избришат од земјата, зашто го презреа Мојот завет.
8Тешко тебе, Асире, затоа што сокриваш безбожници во себеси! Роде лукав, спомни си што направив со Содом и Гомор;
9нивната земја лежи во смолести мочуришта и во височинки од пепел. Така ќе постапам со оние што не Ме слушаат«, вели Господ Седржителот.
10Вака му вели Господ на Ездра: »Јави му на Мојот слуга дека Јас ќе им го дадам Ерусалимското царство, што му го ветив на Израилот,
11ќе примам од нив слава и ќе им ги дадам вечните живеалишта што сум ги направил за нив.
12Дрвото на животот ќе им биде маст со пријатна миризба; нема да бидат измачувани од тежок труд и нема да се изморуваат.
13Дојдете и примете; измолете за себе малку дни, за да не задоцните. Царството за вас веќе е готово; бидете бодри!
14Небо и земја, бидете сведоци за тоа, дека го уништив злото и направив добро. Жив сум Јас! вели Господ.
15Мајко, гушни ги своите синови; одгледувај ги со радост; како гулабица, закрепнувај ги нивните нозе, зашто Јас те избрав, вели Господ.
16Јас ќе ги кренам мртвите од нивните места и од нивните гробови ќе ги изведам, зашто името Свое го познав во Израилот.
17Не плаши се, мајко на синовите, зашто Јас те избрав, вели Господ.
18Јас ќе ти ги испратам на помош Моите слуги Исаија, и Јеремија, по чиј совет Јас ги осветив и ти подготвив дванаесет дрвја, оптоварени со различни плодови,
19а исто толку и извори, од кои тече мед и млеко и седум превисоки планини по кои растат ружи и кринови, преку кои со радост ќе ги исполнам синовите твои.
20Погрижи се за правата на вдовицата, дај правда на сиромав, помогни му на оној што е во неволја, заштити сирак, облечи необлечен,
21погрижи се за обесправен и немоќен, не подбивај се со хром, помогни му на оној што нема раце, а слепиот доведи го да ја види Мојата светлина,
22старец и младич запази меѓу твоите ѕидови;
23мртви, каде и да ги најдеш, откако ги приготвиш, предај ги во гроб, а Јас ќе ти го дадам првото место во Моето воскресение.
24Почивај и биди спокоен, народе Мој, зашто ќе дојде твоето спокојство.
25Добра доилко, дој ги добро твоите синови, закрепнувај ги нозете нивни.
26Од слугите што ти ги дадов, да не загине никој, зашто од тебе ќе ги барам.
27Не скрби се, зашто кога ќе дојде денот на скрб и тешкотија другите ќе плачат и ќе се скрбат, а ти ќе бидеш весела и ќе имаш изобилство.
28Незнабошците ќе ти завидуваат, но ништо не ќе можат да направат против тебе, вели Господ.
29Моите раце ќе те покријат, та синовите твои да не го видат пеколот.
30Утешувај се, мајко со твоите синови, зашто Јас ќе те спасам.
31Сеќавај се на твоите синови што спијат, зашто Јас ќе ги изведам од краиштата на земјата и ќе им покажам милост, бидејќи сум милостив,« вели Господ Седржителот.
32»Прегрни ги твоите деца додека дојдам и им направам милост, зашто Моите извори се изобилни и Мојата благодат никогаш не е скудна.«
33Јас Ездра примив на гората Орив заповед од Господа да појдам кај Израел. А кога дојдов кај нив, тие ме исфрлија и ја презреа заповедта на Господа.
34Затоа ви говорам вам, незнабошци, кои можете да слушате и да разбирате: очекувајте Го Пастирот ваш; Тој ќе ви даде вечен мир; близу е Оној, Кој ќе дојде на крајот на векот.
35Бидете готови за наградите од царството, зашто вечна светлина ќе ве огрее за вечни времиња.
36Бегајте од сенката на овој век; примете ја сладоста од вашата слава. Јас јавно сведочам за Спасителот мој.
37Примете го дарот што ви е даден и насладувајте се, благодарејќи Му на Оној Кој ве повикал во царството небесно.
38Станете и стојте и гледајте колкав е бројот на оние што се обележени за вечерата на Господа,
39кои, откако се преселија од сенката на овој век, примија од Господа светли облеки.
40Сионе, прими го бројот свој и заклучи ги твоите – оние што се облечени во бела облека и што го исполниле законот на Господа.
41Полн е бројот на твоите сакани синови; моли се за царството на Господа, за да се освети народот твој, кој е повикан уште од почетокот.
42Јас, Ездра, на гората Сион видов големо множество, кое не можев да го пребројам; тие сите со песни Го прославуваа Господа.
43Меѓу нив беше висок младич, кој ги надминуваше сите; тој им ставаше венци на главата на секого од нив и со тоа уште повеќе се издигнуваше; јас бев потресен од она што го гледав.
44Тогаш го прашав ангелот: »Господаре мој, кои се овие?«
45Тој ми одговори и ми рече: »Овие се оние што го оставиле смртното тело и се облекле во бесмртно, оние што го исповедат името Божјо; сега ги овенчуваат и добиваат победнички палми.«
46Јас прашав: »А кој е оној младич што им ги става венците и што им ги врачува палмите?«
47Тој ми одговори: »Синот Божји, Кого тие Го прославувале во овој живот«. И јас почнав да ги прославувам оние што стоеја цврсто за името на Господа.
48Тогаш ангелот ми рече: »Оди и јави му на мојот народ колку и какви чудесни дела на Господа Бога си видел.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.