Исаија 54 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Бог му ветува на Својот народ дека ќе му биде вечно милостив.

1Развесели се, ти неплодна, што не раѓаш; воскликни и извикај ти, кој не си почувствувала родилни маки; зашто напуштената има многу повеќе деца од онаа, кој има маж, вели Господ.

2Рашири го местото на шаторот свој; покривите твои на живелиштето твое прошири ги продолжи ги јажињата свои и зацврсти ги колците свои;

3зашто ти ќе се рашириш десно и лево, и потомството твое ќе завладее народи и ќе ги насели опустошените градови.

4Не плаши се, зашто нема да бидеш посрамена; не се возбудувај, оти нема да биде исмеана: ќе го заборавиш посрамувањето на младоста своја и нема повеќе да си помниш за бесчесноста на вдовството твое.

5Зашто твојот Творец е твојот сопруг; Господ Саваот е името Негово, твој искупител е Светецот Израилев: Он ќе се нарече Бог на целата земја.

6Зашто Господ те вика како жена, напуштена и жална со духот, како жена од младини, кој била отфрлена, вели твојот Бог.

7За малку време те оставив, но со голема милост ќе те приберам.

8Во пламенот на гневот го сокрив од тебе лицето Свое за кратко време, но со вечна милост ќе те помилувам, вели твојот Искупител Господ.

9Оти тоа за Мене е како потоп на Ное: како што се заколнав, дека потоп нема повеќе да дојде на земјата, така се заколнав дека нема да ти се лутам, ниту да те прекорувам.

10Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе и заветот на Мојот мир нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува.

11О, неволна, потфрлена од виорот, неутешна! Ете, Јас ќе ги положам твоите камења врз рубин и ќе ги направам твоите основи од сапфири;

12и ќе ги направам твоите прозорци од рубини и твоите порти – од бисер, а целата ограда твоја – од скапоцени камења.

13И сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои.

14Ти ќе се утврдиш со правда, ќе бидеш далеку од насилствата, бидејќи ќе нема од што да се плашиш, далеку ќе биде од тебе и ужасот, зашто тој нема да се приближи до тебе.

15Ете, ќе се вооружат против тебе, но тоа не е од Мене; кој и да се вооружи против тебе, ќе падне.

16Ете, Јас создадов ковач, кој го раздувува јагленот во огнот и ќе произведува сечила за својата работа, – и Јас сум создател и губител, Кој истребува.

17Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик, кој би се подигнал против тебе на суд, – ти ќе го обвиниш. Тоа е наследство на слугите Господови, нивно оправдание од Мене, вели Господ.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help