2 Летописи 24 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Верниот цар Јоас го обновува храмот; отпаѓање од Бога и строго казнет.

1Јоас беше на седум години, кога стана цар и царуваше во Ерусалим четириесет години; мајка му се викаше Савија, од Вирсавија.

2Јоас вршеше она што беше угодно пред очите на Господа преку сите денови на свештеникот Јодај.

3Јодај му зеде две жени, и тој имаше од нив синови и ќерки.

4Потоа Јоас намисли да го обнови домот Господов,

5И ги собра свештениците и левитите и им рече: »Одете по градовите на Јудеја и секоја година собирајте од сите Израилци сребро за одржување на домот на нашиот Бог, и побрзајте во таа работа.« Но левитите не побрзаа.

6И царот го повика Јодаја, нивниот главатар, и му рече: »Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и Ерусалим данокот, уставновен за скинијата на собранието од Мојсеја, слуга Господов, и од Израилското собраните?«

7Бидејќи нечестивата Готолија и синовите нејзини го беа разурнале домот Божји, и сѐ, посветено на домот Господов, го беа употребиле за Вааловци.

8Царот заповеда, та направија ковчег и го поставија при влезот на домот Господов, однадвор,

9па разгласија по Јудеја и Ерусалим да Му Го принесуваат на Господа данокот, наложен од Мојсеја, слугата Божји, на Израилците во пустињата.

10Се зарадуваа сите начланици и сиот народ, па принесуваа и пуштаа во ковчежето, додека не се наполни.

11И кога левитите, пак, го донесуваа ковчежето при царските чиновници, и тие гледаа, дека има многу сребро, доаѓаше царскиот писар и повереникот на првосвештеникот, го празнеа и пак го однесуваа и го ставаа на истото место негово. Така правеа секој ден, и собраа многу сребро.

12Царот и Јодај го предаваа на распоредниците по домот Господов, и тие најмуваа каменоресци и дрводелци за подновување на домот Господов, исто така и ковачи и казанџии, за да го поправат домот Господов.

13Распоредниците работеа, и со нивните раце се изврши поправката, и го дотераа домот Божји во поранешна состојба и го поправија.

14И кога завршија сѐ, му го однесоа на царот и на Јодаја останатото сребро. И направија од него садови за домот Господов, садови за служба и сепаленици, чаши и други садови, златни и сребрени. И принесуваа сепаленици во домот Господов постојано преку сите денови на Јодаја.

15Јодај остаре и, откако се насити од животот, умре: тој беше на сто и триесет години кога умре.

16Го погребаа во Давидовиот град при царевите, бидејќи тој правеше добро во Израилот – и за Бога и за домот Негов.

17Но по смртта на Јодаја дојдоа Јудејските кнезови и му се поклонија на царот; оттогаш царот почна да ги слуша.

18И го оставија домот Господов, Бога на татковците свои, и почнаа да им служат на посветените дрвја и на идолите; за таа вина нивна стана гневот Господов и врз Јуда и Ерусалим.

19Тој им испрати пророци за да ги повратат кон Господа и им сведочеа, но тие не ги послушаа.

20И Духот Божји го исполни Захарија, синот на свештеникот Јодај, и тој застана на возвишението пред народот и им рече: »Вака вели Господ: зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Успех нема да имате: како што вие го оставивте Господа, така и Он ќе ве остави.«

21Тогаш се побунија против него и го убија со камења, по заповед на царот Јоас, во дворот на Господовиот дом.

22Царот Јоас не се сети на доброто, што му го беше направил Јодај, таткото на Захарија, а го уби синот негов. И тој, умирајќи велеше: »Нека види Господ и нека побара;«

23Откако измина годината, излезе против него сириска војска и влегоа во Јудеја и Ерусалим и ги истребија од народот сите кнезови народни и сиот плен, земен од нив и му го испратија на царот во Дамаск.

24Иако сириската војска беше дошла во мал број, но Господ им предаде во рацете нивни мошне многубројна сила, затоа што Го беа оставиле Господа, Бога на татковците нивни. Тие му судеа и на Јоаса.

25Кога си отидоа од него, откако го оставија во тешка болест, слугите негови направија заговор против него, заради крвта на синот на свештеникот Јодај, го убија во леглото негово, и тој умре. Го погребаа во Давидовиот град, но не го погребаа во царските гробници.

26А заговорници против него беа: Завад, син на Амонитката Симеата, и Јехозавад, син на Моавката Шимрита.

27За синовите негови, за многуте пророштва против него и за обновувањето на Божјиот дом е напишано во книгата на царевите. Наместо него стана цар синот негов Амасија.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help