Мудрост Сирахова 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Дружи се со едномисленици.

1Кој катран допира, од него ќе се извалка; кој со горделиви се дружи, ќе стане како нив.

2Не подигнувај тежина поголена од твоите сили и не другарувај со посилен и побогат од тебе.

3Што заедничко има меѓу грне и котел? Котелот ќе го турне и тоа ќе се скрши.

4Богатиот навредил, и пак тој се заканува; сиромавиот навреден и пак тој се моли.

5Ако си му од корист, тој ќе те користи; кога, пак, осиромашиш – тој ќе те остави.

6Ако си богат, ќе живее со тебе; ќе те ограби и нема да те сожали.

7Кога си му потребен, тој ќе ти ласка, ќе ти се насмевнува и надеж ќе ти дава; зборови слатки ќе ти зборува и ќе те прашува: »Ти треба ли нешто?«

8Со гозбите свои тој ќе те посрами сѐ додека трипати не те ограби и најпосле не се подбие со тебе.

9А потоа, кога ќе те сретне, ќе бега од тебе, глава ќе свртува – кога ќе те види.

10Внимавај да не бидеш измамен

11и понижен во твојата радост.

12Те кани ли силен, бегај од него – и уште повеќе ќе те кани.

13Не натрапувај се, за да не бидеш отфрлен и не стој многу настрана, за да не те заборават.

14Не говори со него како со еднаков, не верувај му на неговите многу зборови; во долгиот разговор ќе те искушува, и божем шегувајќи се, ќе те испитува.

15Немилосрден кон себеси е оној што не се воздржува од своите зборови; тој нема да се запази ни од навреди ниту од вериги.

16Пази се и биди внимателен, бидејќи со паѓањето свие чекориш.

17Го чуеш ли тоа во сонот свој, не заспивај.

18Љуби Го Господа додека си жив и викај кон Него – за да се спасиш.

19Секое создание родот свој го сака, а човекот – ближниот свој.

20Секоја плот со родот свој се соединува и човекот се прилепува кон сличните на себе.

21Има ли дружба меѓу јагне и волк? Затоа и побожниот не другарува со грешник.

22Можен ли е мир меѓу хиена и куче? И има ли мир меѓу богат и сиромав?

23Дивите осли во пустината за лавовите се плен, а сиромасите за богатите.

24На горделивиот смиреноста му е одвратна; и сиромавиот на богатиот му е одвратен.

25Кога богат се сопнува, пријатели го придржуваат; а кога сиромавиот паѓа и пријателите го оставаат.

26Кога богат во неволја падне, многу помошници има; ако и глупост рече не го прекоруваат.

27А падне ли сиромав, се подбиваат со него; каже ли нешто разумно не го ни слушаат.

28Кога богат говори, сите молкнуваат; зборовите негови до небо ги фалат.

29А кога сиромав говори, сите се прашуваат: »А кој е овој.« Ако се сопне, сосем го турнуваат.

30Добро е она богатство во кое грев нема; сиромаштијата е лоша во устата на безбожниот.

31Срцето на човекот му го менува лицето: или на добро или на лошо.

32Веселото лице е знак на честито срце; измислување мудри изреки – бара труд.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help