Судии 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јотамовата парабола.

1Авимелех, Јеровааловиот син, отиде во Сихем кај вујковците свои, и им рече ним и на целото племе од мајчиното потекло:

2»Кажете им на сите сихемски жители: што е подобро за вас, да владеат со вас сите седумдесет синови Јероваалови или да владее со вас еден? И спомнете си дека јас сум ваша коска и ваше тело.«

3Вујковците им ги кажаа на жителите сихемски сите тие зборови за него; и срцето на тие жители се склони кон Авимелеха, бидејќи си говореа: »Тој е наш брат«.

4И му дадоа седумдесет сикли сребро од домот на Ваалверит, за кои Авимелех најде безделници и скитници, кои тргнаа по него.

5И дојде во домот на таткото свој во Ефрат и ги уби браќата свои, седумдесетте Јероваалови синови, врз еден камен. Остана само Јотам, најмалиот Јероваалов син, зашто се беше сокрил.

6Тогаш се собраа сите сихемски жители и целиот дом на Маалов, и отидоа, па го поставија Авимелеха за цар кај дабот, близу до Сихем.

7Откако му раскажаа за тоа на Јотама, тој отиде и застана на врвот од гората Гаризим и, откако го крена гласот свој, па викна и им рече: »Чујте ме, жители Сихемски, и Бог ќе ве чуе!

8Едно време тргнале дрвјата да побараат цар и ѝ рекле на маслинката: ‚Стани ни цар!‘

9Маслинката им рекла: ‚Зар да ја оставам маснотијата своја, со која се послужува Бог и луѓето, па да тргнам да скитам по дрвјата?‘

10Тогаш дрвјата ѝ рекле на смоквата: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘

11Смоквата им одговорила: ‚Зар да си ја оставам сладоста своја и убавиот плод и да тргнам да скитам по дрвјата?‘

12ѝ кажале дрвјата на лозата: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘

13Лозата им рекла: ‚Зар да го оставам сокот свој, што ги весели Бога и луѓето, и да тргнам да скитам по дрвјата?‘

14Најпосле сите дрвја му рекле на трнот: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘

15Трнот им рекол на дрвјата: ‚Ако, навистина, ме поставите за цар над себеси, тогаш дојдете да си починете под сенката моја; ако не, ќе излезе оган од трнот и ќе ги изгори кедрите ливански.‘

16И, ете, гледате, по вистина и по правда ли постапиле кога го поставиле за цар Авимелеха? И добро ли постапиле со Јероваала и домот негов, и според неговите добрини ли направиле така?

17За вас сите војуваше татко ми, не го жалеше ни животот свој и ве спаси од рацете на Мадијамците;

18а вие сега се кревате против домот на мојот татко и ги убивате седумдесетте синови на татко ми врз еден камен и го поставивте за цар над жителите сихемски Авимелеха, синот на робинката негова, зашто е ваш брат.

19Ако денес сте постапиле според вистината и според правдата со Јероваала и со домот негов, тогаш одете и радувајте се на Авимелеха, и тој да се радува на вас;

20ако, пак, не – нека излезе оган од Авимелеха и нека ги изгори жителите сихемски и целиот дом Маалов, и нека излезе оган од жителите сихемски и од домот Маалов и да го изгори Авимелеха!«

21И избега Јотам, избега и отиде во Веер, и живееше таму скришно од братот свој Авимелеха.

22Авимелех, пак, царуваше над Израилот три години.

23И испрати Бог луш дух меѓу Авимелеха и жителите на Сихем, и почнаа жителите сихемски да не му се покоруваат на Авимелеха.

24За да се одмазди за седумдесетте синови Јероваалови, и крвта нивна да им се сврти против братот нивни Авимелеха, кој ги уби, и против жителите сихемски, кои ја поддржаа раката негова, за да го убие братот свој,

25жителите сихемски поставија по горските врвови против него заседи, кои го ограбуваа секого, што минуваше покрај нив по патот. За тоа му беше јавено на Авимелеха.

26Во Сихем простигна и Гал, Еведовиот син, со браќата свои, и одеа во Сихем, и жителите сихемски се потпраа врз него.

27И излегоа во полето, и го береа грозјето свое, го газеа и се веселеа, па отидоа во домот на својот бог, јадеа и пиеја, и го проколнуваа Авимелеха.

28А Гал, Еведовиот син, рече: »Кој е Авимелех и што е Сихем, та да му служиме? Не е ли тој Јероваалов син, и не е ли Зевул неговиот главен слуга? Подобро служете им на потомците од Емора, татко Сихемов, а нему зошто да му служиме?

29Ако некој ми го дадеше тој народ во рацете мои, јас ќе го изгонев Авимелеха.« И му беше речено на Авимелеха: »Зголеми ја војската своја и излегувај.«

30Зевул, управителот на градот, ги чу зборовите на Гал, Еведовиот син, и силно се разгневи.

31Тој испрати тајно пратеници кај Авимелеха да му кажат: »Ете, Гал, Еведовиот син, и браќата негови дојдоа во Сихем, и го бунтуваат градот против тебе;

32затоа стани ноќеска, ти и народот, што се наоѓа со тебе, и постави заседа во полето;

33а изутрина, по изгревање на сонцето, стани и пристапи кон градот; и кога тој и народот, кој е со него, ќе излезат спроти тебе, тогаш прави го со нив она, што раката твоја може.«

34И Авимелех стана ноќта, и сиот народ, што се наоѓаше се него, и поставија во заседа кај Сихем четири дружини.

35Утредента Гал, Еведовиот син, излезе и застана кај градските порти; а излезе и Авимелех и народот, што беше со него, од заседата.

36Гал, откако го виде народот му рече на Зевула: »Еве, народот слегува од врвот на гората.« Зевул му одговори: »Сенките од дрвјата ти се причинуваат луѓе.«

37Гал пак проговори и рече: »Ене, народот се спушта од височините, и една дружина доаѓа откај патот на дубравата Меоним.«

38И му рече Зевул: »Каде ти е устата, која велеше: ‚кој е Авимелех, та да му служиме?‘ Ова е оној народ, што ти го презираше; излегувај сега и бори се со него.«

39И тргна Гал пред жителите сихемски и се судри со Авимелеха.

40Но Авимелех се спушти по него, и тој избега од него; а паднаа многу убиени до самите градски порти.

41И Авимелех остана во Арум, а Зевул го истера Гала и браќата негови, за да не живее во Сихем.

42На другиот ден народот излезе во полето, и му јавија за тоа на Авимелеха.

43Тој го зеде народот свој и го раздели на три дружини и ги постави во заседа по полето. И, откако виде, дека народот излезе од градот, се крена против нив и ги уби.

44Додека Авимелех и дружините, што беа со него, пристапија и застанаа кај градските порти, другите две дружини ги нападнаа сите, што беа во полето, и ги испотепаа.

45И Авимелех водеше борба со градот, целиот тој ден, го презеде градот, го порази народот, што беше во него, го разруши градот и го посипа со сол.

46Откако го слушнаа тоа сите, што беа кај кулата Сихемска, влегоа во куќата на богот Валверит.

47Му јавија на Авимелеха дека таму се собрале сите, што беа во кулата Сихемска.

48Тогаш Авимелех отиде на гората Салмон, тој и сиот народ, кој беше со него, и зеде Авимелех секира со себеси, отсече гранка од дрвјата, ја стави на рамото свое и му рече на народот, што беше со него: »Вие видовте што направив; поскоро направете го и вие она што го направив и јас.«

49И секој од сиот народ пресече гранка, па тргнаа по Авимелеха, ги натрупаа гранките околу кулата и запалија оган со нив, и изгинаа сите, што беа во кулата Сихемска, околу илјада души мажи и жени.

50Потоа Авимелех отиде во Тевес и го опседна и го презеде.

51Среде градот имаше јака кула; таму избегаа сите мажи и жени и сите градски жители, се затворија и се качија на покривот од кулата.

52Авимелех дојде до кулата, удри на неа и се приближи до вратата од кулата, за да ја изгори со оган.

53Тогаш една жена фрли парче од воденичен камен врз главата на Авимелеха и му го скрши черепот.

54Авимелех веднаш го повика слугата, оруженосецот свој, и му рече: извади го мечот свој и убиј ме, за да не се рече за мене: »го уби жена«. И слугата го прободе и тој умре.

55Израилците, откако видоа дека Авимелех умре, отидоа секој во местото свое.

56Така му даде Бог на Авимелеха за злочинот што го направи против таткото свој, убивајќи ги седумдесетте браќа свои.

57И сите злодела на сихемските жители Бог ги сврти против главите нивни; и ги стигна клетва од Јотам, Јеровааловиот син.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help