1На тоа одговори Јов и рече:
2»До кога ќе ја мачите душата моја? До кога ќе ме измачувате со зборови?
3Ете, веќе десетпати ме посрамувате, и не ли ви е срам да ме измачувате?
4Ако сум и навистина згрешил, грешката моја останува за мене.
5Ако, пак, сакате да се големеете над мене и да ме прекорувате со мојот срам,
6знајте, дека Бог ме собори и со мрежата Своја ме обвитка.
7Ете, јас викам: – неправда! – и никој не слуша; врескам, и суд нема.
8Он ми го загради патот, и не можам да минам, и врз патеките ми спушти мрак.
9Ја соблече од мене славата моја и го симна венецот од главата моја.
10Од сите страни ме сосипува, и јас одам, и како дрво Он ја истргнува надежта моја.
11Го разгори гневот Свој против мене и ме вбројува меѓу Своите непријатели.
12Војските Негови дојдоа заедно, се упатија кон мене и се сместија околу шаторот мој.
13Браќата мои Он ги оддалечи од мене; и оние, што ме познаваат, се отстрануваат од мене.
14Ме напуштија блиските мои, ме заборавија познатите мои.
15Оние што најдоа поткрепа во куќата моја и слугите и слугинките мои ме сметаат за туѓ; надворешен станав во нивните очи.
16Го викам слугата свој, и тој не се одѕива; со устата своја треба да го молам.
17Воздишката моја ѝ дотежна на жената моја, и треба да ја молам заради децата на утробата нејзина.
18Дури и малите деца ме презираат; кога станам тие се подигруваат со мене.
19Од мене се гнасат моите најверни пријатели, и оние, што ги сакав, – се свртија против мене.
20Коските ми се залепија за кожата моја и телото мое, и јас останав со кожа само околу забите мои.
21Смилувајте се, смилувајте се над мене, пријатели мои, – зашто раката Божја се допре до мене.
22Зошто ме гоните и вие како Бог, и со телото мое не можете да се наситите!
23О, да беа зборовите мои напишани! да беа ставени на книга!
24Со железно длето и со олово, – да беа на вечни времиња врз камен издлабени!
25Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа.
26И јас во телото мое ќе го видам Бога.
27Јас сам ќе го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат. Срцето ми се топи во градите мои!
28Вам ви се паѓаше да кажете: – зошто го гониме! – Како да е коренот на злото најден во мене.
29Плашете со од мечот, зашто мечот се одмаздува за неправда, а знајте дека има и суд.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
