1Во триесеттата година по разурнувањето на градот, јас бев во Вавилон, и додека лежев смутен во постелата, ми доаѓаа мисли во срцето,
2затоа што го видов опустошувањето на Сион и богатството на оние што живеат во Вавилон.
3Духот мој се вознемири и со страв почнав да говорам кон Севишниот,
4па реков: »Владетелу, Господи, Ти во почетокот рече, кога Ти самиот ја основа земјата, и ѝ заповеда на земјата,
5да му даде на Адам смртно тело, кое беше, исто така, создание на Твоите раце; Ти вдахна во него дух за живот, и тој стана жив пред Тебе;
6Ти го воведе во рајот што го насади Твојата десница, пред земјата да роди плодови.
7Ти му заповеда да ја пази Твојата заповед, но тој ја наруши; Ти го осуди на смрт, него и неговиот пород. Од него произлегоа поколенија и племиња, народи и фиданки од нив, кои немаат број.
8Секој народ почна да прави што сака, да прави неразумни дела пред Тебе и да ги презира Твоите заповеди.
9По извесно време Ти испрати потоп врз жителите на земјата и ги истреби;
10И иста судбина ги снајде сите нив? Како што смртта го погоди Адам, така потопот ги погоди нив.
11Само еден од нив остави – Ное со неговите чеда; од него произлегоа сите праведници.
12Кога жителите на земјата почнаа да се размножуваат, се намножија многу синови, народи и поколенија, и пак почнаа да се предаваат на безбожност, повеќе од поранешните.
13Кога почнаа да прават беззаконија пред Тебе, Ти тогаш меѓу нив го избра човекот, чие име беше Авраам;
14него го возљуби и само нему му ја откри Твојата волја;
15со него склучи вечен завет и му рече дека никогаш нема да го оставиш семето негово. Му го даде синот Исак, и на Исак – синовите Јаков и Исав.
16Ти го избра Јаков, а Исав го отфрли, и Јаков се размножи прекумерно.
17Кога го изведе неговото семе од Египет и го доведе до гората Синај,
18тогаш ги преклони небесата, ја уреди земјата, ја растресе вселената, ги приведе бездните во трепет и целиот свет се вознемири.
19Твојата слава помина низ четири појави: оган, земјотрес, бурен ветар и мраз, за да му даде закон на семето Јаковово и усрдност на родот Израелов,
20но не им го одзеде нивното лукаво срце, та законот Твој да даде плод во нив.
21Со своето лукаво срце прв ја прекрши заповедта Адам и беше победен; така стана и со сите што произлегоа од него;
22во срцето на народот остана немоќта и законот со корен од злото; доброто отстапи, а злото остана.
23Измина многу време, се исполнија години и Ти си издигна слуга по име Давид;
24му заповеда да изгради град на Твое име и во него да Ти принесува темјан и жртви.
25Ова се извршуваше многу години, а подоцна жителите на градот згрешија;
26отстапија од сѐ, постапија така, како што постапи Адам и сите негови потомци; зашто и тие имаа лукаво срце.
27А Ти им го предаде Твојот град во рацете на Своите непријатели.
28Па зар подобро постапуваат жителите на Вавилон и затоа владеат со Сион?
29Кога дојдов овде, видов безредија што немаат број; во таа триесетта година од ропството душата моја гледа многу грешници и срцето мое се стопи.
30Видов како ги трпиш тие грешници, ги заштитуваш беззакониците; а Својот народ го погуби, непријателите, пак, Твои ги запази и за тоа никого не го извести.
31Навистина не можам да разберам како можел тој пат да се измени. Зар Вавилон постапува подобро од Сион?
32Дали Те познал некој друг народ, освен Израел? Кои племиња веруваа во Твоите завети, како што веруваше Јаков?
33И наградата нивна не е еднаква, ни трудот нивни донел плод; зашто јас одев меѓу народите и видов, дека живеат во изобилие, иако не си спомнуваат за Твоите заповеди.
34Измери ги на кантар нашите беззаконија и делата на сите што живеат на земјата, и Твоето име нема никаде да се најде, освен во Израел.
35Кога земните жители не грешеле пред Тебе? Или кој народ ги запазил Твоите заповеди?
36Меѓу нас ќе најдеш барем некои што ги пазат Твоите заповеди, а меѓу другите народи нема да најдеш.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.