1Тогаш се натажив, се расплакав од жалост и се молев, велејќи:
2»Господи, Ти си праведен, и сите Твои дела и сите Твои патишта се – милост и вистина; Ти судиш со вистински и праведен суд со векови!
3Спомни си за мене и погледни ме милостиво: не казнувај ме за моите гревови, и за моите заблуди и за заблудите на моите татковци, за она што згрешиле тие пред Тебе.
4Бидејќи тие не ги послушале Твоите заповеди, и Ти ги предаде на разграбување, ропство и смрт и тие станаа приказ за прекор пред сите народи меѓу кои сме расеани.
5Навистина, праведни се сите Твои судови – да постапуваш со мене според моите гревови и според гревовите на моите татковци, затоа што не ги извршувале Твоите заповеди и не постапувале праведно пред Тебе.
6И така, постапувај со мене како што Ти е угодно; заповедај да ми биде одземен мојот дух, за да се ослободам и претворам во земја: зашто е подобро за мене да умрам, отколку да живеам, бидејќи слушам лажливи прекори и тагата моја е голема. Ослободи ме од таа тежина, за да појдам во вечното живеалиште, и не свртувај го Твоето лице од мене.«
7Во истиот ден ѝ се случи и на Сара, ќерката на Рагуила, во Екбатана Мидиска, да претрпи прекори од слугинките на својот татко,
8затоа што се беше мажила седумпати, но лошиот дух Асмодеј ги убивал пред да бидат со неа како со жена. Тие ѝ велеле: »Зар не те гризе совеста што си ги задавувала своите мажи? Веќе седуммина си ги имала, а не се нарече со името на ниеден од нив
9Зошто нас да нѐ бијат за нив? Тие умреа, оди и ти по нив, за да не видиме твој син или твоја ќерка довека.«
10Кога го чула тоа, таа се натажила многу, така што решила да си го одземе животот, но си помислила: – мојот татко ме има само мене; ако го направам тоа, за него ќе биде бесчестие и ќе ја симнам неговата старост со жалост во пеколот -.
11Па почнала да се моли кај прозорецот, велејќи: »Благословен си, Господи, Боже мој, и благословено е Твоето свето и славно име до века, нека Те благословуваат до века сите Твои созданија!
12Сега ги свртувам очите мои и лицето мое кон Тебе, Господи;
13Ти се молам, земи ме од земјата и не дозволувај веќе да слушам прекори!
14Ти знаеш, Господи, дека сум чиста од секаков грев со маж,
15дека не сум го обесчестила своето име, ни името на мојот татко; јас сум единствено чедо, тој нема син, кој би можел да го наследи, ни близок брат, ни син од брат, за кого би можела да се омажам. Ако, пак, не Ти е угодно да ме умртвиш, тогаш благоволи да ме погледнеш и да ме помилуваш, за да не слушам веќе прекори.«
16Двете молитви им беа услишени пред славата на великиот Бог: Бог го испрати Рафаила да ги излечи;
17да му ги отстрани белите петна од очите на Товита, а Сара, ќерката Рагуилова, да му ја даде за жена на Товија, синот на Товита, откако пред тоа го врзал лошиот дух Асмодеј, зашто било предназначено да ја наследи Товиј. – Во едно и исто време Товит, откако се врати, влезе во својот дом, а Сара, Рагуиловата ќерка, слегна од горната соба.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.