1Како потемна златото, како се измени најчистото злато! Камењата од светилиштето се расфрлени по сите крстопати.
2Синовите на Сион, некогаш ценети како најчисто злато, а сега ги ценат како земјани садови, дела на грнчарски раце!
3Дури и ѕверовите подаваат града и ги хранат рожбите свои, а ќерката на мојот народ стана жестока како ној во пустиња;
4јазикот на цицалчето се прилепува до непцето поради жед; децата бараат леб, но никој не им подава.
5Оние, што јадеа слатки, гинат по улиците; одгледаните во скерлет, се валкаат во смет.
6Казната за бесчестието на ќерката на мојот народ ја надминува казната на Содом; тој беше срамнет за миг, и раце човечки не се допреа до него.
7Кнезовите ѝ беа почисти од снег, побели од млеко; тие беа телесно поубави од корал, изгледот им беше како сафир;
8а сега лицето им е потемно од сѐ што е црно; не ги узнаваат ни улиците; кожата им се прилепила за коските, па станала сува како дрво.
9Убиваните со меч се почестите од оние, што глад ги убива, зашто тие чезнеат поради недостиг од полски плодови.
10Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ.
11Господ го исполнуваше Својот гнев, ја излеа јароста од гневот Свој, и на Сион запали оган, кој ги проголта основите негови.
12Царевите земни и сите жители по вселената не веруваа, дека противникот и непријателот влегол во портите ерусалимски.
13Сето тоа е поради гревовите на лажните пророци, поради беззаконијата на свештениците негови, кои меѓу него проливаа крв на праведници;
14скитаа по улиците како слепи, се осквернуваа со крв, така што не беше можно човек да се допре до одеждите нивни.
15»Отстранете се, нечисти!« им викаа; »отстранете се, отстранете се, не допирајте се!« и тие се отстрануваа посрамени; а меѓу народот се зборуваше: »нив ќе ги нема веќе!«
16Лицето на Господа ги расеа; Он нема веќе милостиво да ги погледне, бидејќи тие не го почитуваа лицето на свештениците, кон старците милост немаат.
17Очите ни се веќе истрошени, очекувајќи залудо помош; од нашата стражарска кула чекавме народ, кој не можеше да нѐ спаси.
18А тие демнеа на стапките наши, за да не можеме да одиме по улиците наши; нашиот крај наближува, деновите наши се исполнија; крајот ни дојде.
19Оние, што нѐ гонеа, беа побрзи од орлите небески; по горите нѐ гонеа, ни поставуваа заседи по пустињите.
20Духот на нашиот живот, помазаникот Господен, уловен е во нивните јами; оној, за кого велевме – под сенката негова ќе живееме меѓу народите.
21Радувај се и весели се, ќерко Едомова, жителко на земјата Уц! И до тебе ќе дојде чашата: ќе се опиеш и ќе се разголиш.
22Ќерко Сионова, казната за твоето беззаконие се сврши; Он нема повеќе да те гони; но беззаконието твое, ќерко Едомова, Он ќе го казни и ќе ти ги разоткрие гревовите твои.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.