1Слово Господово што дојде до Јеремија:
2стани и слези во домот на грнчарот, и таму ќе ти ги кажам зборовите Мои.
3Слегов во домот на грнчарот, а тој ја вршеше својата работа на тркалото.
4Садот, пак, што го правеше грнчарот од глина, се растури во рацете негови. Но тој одново направи од него друг сад, како што му падна на ум да направи.
5И би слово Господово до мене:
6доме Израилев, не можам ли да постапам со вас како овој грнчар, рече Господ. Ете, како што е глината во рацете на грнчарот, тоа сте и вие во рацете Мои, доме Израилев.
7Понекогаш, велам Јас за некој народ и царство, дека ќе го искоренам, ќе го згазам и погубам;
8но, ако тој народ, врз кого сум го изрекол тоа се поврати од лошите свои дела, Јас го одлагам злото, што сум намислил да го направам.
9А понекогаш велам за некој народ и некое царство дека ќе ги подигнам и ќе ги зацврстам;
10но, ако тој народ врши зло пред очите Мои и не го слуша гласот Мој, ќе го одменам доброто, со кое сум намислил да го дарувам.
11Па така, кажи им на луѓето Јудини и на жителите ерусалимски: вака вели Господ – еве, Јас ви подготвувам зло и смислувам нешто против вас; затоа повратете се секој од својот лош пат и исправете ги патиштата свои и постапките свои.
12Но тие велат: »Не надевај се; ние ќе си живееме како што сакаме и секој од нас ќе постапува според упорството на своето лошо срце.«
13Затоа вака вели Господ: распрашајте се меѓу народите, дали чул некој нешто слично? Многу гнасни дела изврши Израилевата девојка.
14Ги напушта ли ливанскиот снег планинските карпи, и секнуваат ли по други места течните студени води?
15А Мојот народ Ме остави; кади на суети, се спотакнува на своите патишта, ги остава старите патишта, за да оди по патеки, по непрооден пат,
16за да ја направи земјата своја ужас, вечен срам, така што секој што ќе минува преку неа да се чуди и да мавта со главата.
17Како источен ветар ќе ги распрснам пред непријателот; со грбот, а не со лицето свое ќе се свртам кон нив во денот на нивната неволја.
18А тие рекоа: »Дојдете да направиме заговор против Јеремија; оти нема да исчезне законот на свештеникот и советот на мудриот и зборот на пророкот, дојдете да го убиеме и да не обрнуваме внимание на неговите зборови.«
19Послушај ме, Господи, и чуј го гласот на моите противници.
20Треба ли да се враќа зло за добро, а тие ми копаат јама за душата моја. Сети се дека стојам пред лицето Твое, за да зборувам добро за нив, за да го одвратам од нив гневот Твој.
21И така, предај ги синовите нивни на глад и направи да загинат од меч; жените нивни да немаат деца и да станат вдовици, мажите нивни да умираат, а младичите нивни да бидат убивани во бој.
22Нека се слуша пискот од куќите нивни, кога ненадејно ќе испратиш војска; зашто тие копаат јама, за да ме фатат, и тајно поставија замка за нозете мое.
23Но Ти, Господи, им ги знаеш сите нивни сплетки против Мене, за да ме убијат; не проштевај ги неправдите нивни, и не бриши го гревот нивни, пред лицето Свое; нека попаѓаат пред Тебе; дејствувај против нив, кога си гневен.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.