1Утредента Олоферн ѝ заповеда на сета своја војска и на сите сојузници од другите народи, кои му помагаа, да се приближат до Бетилуја, да ги заземат патиштата што водат кон планинските предели и да почнат да војуваат против синовите Израилеви.
2Истиот тој ден појдоа сите нивни борци. Нивната војска се состоеше од сто и седумдесет илјади души – пешаци и дванаесет илјади коњаници, освен опремата и големиот број луѓе што одеа меѓу нив пешки.
3Направија логор во долината близу до Ветилуја, покрај изворот, и го зазедоа пространството од Дотаим до Велтем, а во должина – од Ветилуја до Кијамон, кој е спроти Ездрилон.
4Кога синовите Израилеви го видоа нивното множество, се уплашија и почнаа да говорат еден на друг: »Тие ќе ја опустошат целата наша земја. Ни високите планини, ни долините, ниту бреговите нема да ја издржат нивната сила.«
5Секој го зграпчи своето оружје, запалија огнови во своите кули и цела ноќ останаа на стража.
6Утредента Олоферн ја изведе сета своја коњица пред очите на синовите Израилеви што се наоѓаа во Ветилуја,
7ги разгледа сите приоди кон градот, ги заобиколи и ги зазеде сите водни извори; постави војнички стражи и се врати при својата војска.
8При него дојдоа сите началници на Исавовите синови и сите водачи на Моавскиот народ, како и началниците на приморските земји и рекоа:
9»Господаре, послушај го нашиот збор за твојата војска да не претрпи загуба:
10Тој народ на синовите Израилеви не се надева во своите копја, а на височината од своите гори, каде што живее, зашто не е лесно искачувањето на нивниот врв.
11Затоа, господаре, не војувај со нив како што војуваш во отворени борби, па нема да загине ниеден маж од твојот народ.
12Ти остани во логорот и води грижа за секој свој војник, а твоите луѓе нека отидат до изворот што извира на падините од планината.
13Од него полнат вода сите жители на Ветилуја; жедта ќе ги премали, па ќе го предадат градот. Ние ќе се искачиме со нашите чети на горските врвици и таму ќе поставиме стража, та ниеден човек нема да не излезе од градот.
14Така ќе бидат измачени од глад и тие, и жените и децата: и, пред да се допре до нив нашиот меч, ќе паднат по улиците на својот град.
15Тогаш ти ќе им се одмаздиш, ќе им вратиш со зло затоа што востанаа и што не те пречекаа со мир.«
16Овие зборови им се допаднаа на Олоферна и на сите негови слуги, па одлучија да се постапи така како што му рекоа.
17Тогаш појде одделот на Амоновите синови, а со нив и пет илјади Асирци, откако се улогорија во долината, го зазедоа водите и водните извори на синовите Израилеви.
18Синовите на Исав и Амон се искачија и ја зазедоа планинската област спрема Дотаим, а дел од своите сили испратија на југ и на исток кон Екревил, кој се наоѓа близу до Хус, а тој е кај потокот Мохмур; другиот дел на асирската војска се задржа во рамнината и го покри лицето на целата земја; нивните шатори и комората зафатија голем простор.
19Синовите Израилеви го подигнаа гласот кон Господа, својот Бог; нивниот дух беше обесхрабрен затоа што беа опколени од своите непријатели од сите страни и не можеа да избегаат од нив.
20Триесет и четири дена се наоѓаа заобиколени од асирската воена сила: пешаците, бојните коли и коњицата. Сите жители на Ветилуја ги испразнија своите садови,
21а и резервите им беа празни; ниеден ден немаа доволно вода за пиење: водата за пиење им ја даваа по мерка.
22Изнемогнаа нивните деца, нивните жени и младичи од жед паѓаа во несвест: лежеа по градските улици и по куќите, зашто во нив веќе не остана сила.
23Тогаш сиот народ, младичи, жени и деца, се собраа кај Озија и градските началници, и плачејќи на висок глас им рекоа на своите старешини:
24»Бог нека суди меѓу нас и вас; вие ни направивте голема неправда што не им предложивте на асирските синови мирни преговори.
25Ние сега помошник немаме; Бог нѐ предаде во нивните раце за да загинеме од жед и голема мака.
26Повикајте ги сега и предајте им го нашиот град на Олоферна и на сета војска негова: нека го разграбат целиот град,
27зашто е подобро да станеме нивен плен. Навистина, ќе бидеме нивни робови, но животите наши ќе ги запазиме, нема со своите очи да ја гледаме смртта на нашите деца, нема да гледаме како жените и децата наши ја испуштаат својата душа.
28Пред вас за сведоци ги повикуваме небото и земјата, и Господа и Бога на нашите татковци, Кој нѐ казнува за нашите гревови и за гревовите на нашите татковци, ве заколнуваме уште денес да постапите како што ви рековме.«
29Среде собранието настана сеопшт плач: силно извикуваа кон Господа Бога.
30Озија проговори и рече: »Браќа, не паѓајте со духот! Да претрпиме уште пет дена – Господ ќе ја излие врз нас Својата милост; нема да нѐ остави засекогаш.
31Ако изминат овие пет денови, а помош никаква не ни дојде, ќе направиме како што велите.«
32И го отпушти народот да се разотиде: мажите отидоа по ѕидините и кулите на својот град, а жените и децата – по нивните домови. Градот западна во длабок очај. Остана градот во трајно очајание.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.