Исаија 42 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Слугата Божји во Својата благост е светлина за идолопокониците и водач на заслепениот народ.

1Еве го Мојот Слуга, Кого Го држам за рака, Мојот Избраник, кон Кого благоволи душата Моја. Ќе го положам Духот Свој врз Него, и Он ќе им биде суд на народите;

2нема да викне, ниту да го подигне гласот Свој, нема да дозволи да го чујат на улиците;

3скршената трска нема да ја здроби, и ленот што тлее нема да го угасне; ќе суди според вистината;

4нема да ослабне, ниту ќе изнемошти, додека на земјата не утврди суд, народите ќе се надеваат на Неговиот закон.

5Така вели Господ Бог, Кој ги создал небесата и нивното пространство, Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа, и дух на оние што одат по неа.

6Јас, Господ, Те повикав во правда, цврсто ќе Те држам за рака и ќе Те пазам, ќе те поставам за завет на народот, светлина за незнабошците,

7за да им ги отвориш очите на слепите, да ги изведеш врзаните од затвор и оние што седат во темнина – од темнина.

8Јас сум Господ, тоа е Моето име, и нема да ја дадам славата Своја на друг, ниту честа Своја на идоли.

9Ете, претскажаното порано се зби, и ново ќе известам; пред да стане тоа, Јас ќе ве известам.

10Пејте Му на Господа нова песна, похвална за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и сѐ, што го полни, островите и оние што живеат на нив.

11Нека издигне глас пустињата и нејзините градови, населбите, каде што живее Кидар; нека ликуваат оние што живеат во карпи, нека воскликнуваат од врвовите горски.

12Нека Му воздадат слава на Господа, похвалата Негова нека ја возвестат на островите.

13Господ ќе излезе како исполин, ревноста ќе ја возбуди како војник; ќе извика и ќе подигне војнички вик; ќе се покаже силен против непријателите Свои.

14Долго молчев Јас, трпев и се воздржував; сега ќе викам како родилка, ќе разурнувам и ќе голтам сѐ.

15Ќе опустошувам планини и ридови, и сета нивна трева ќе ја исушам; реките ќе ги направам острови, езерата ќе ги исушам.

16Ќе ги поведам слепите по пат, што тие не го знаат, ќе ги водам по нејзини патеки, темнината ќе ја направа светлина пред нив, а кривите патеки – прави: ете, што ќе направам Јас за нив, и нема да ги оставам.

17Тогаш ќе се свртат назад и со голем срам ќе се покријат оние, што се надеваат на идоли, кои им велат на идолите: вие сте наши богови.

18Слушајте, глуви, и гледајте, слепи, за да видите.

19Кој е толку слеп како што е Мојот слуга, и глув, како што е Мојот пратеник? Кој е толку слеп како што е возљубениот, кој е така слеп, како што е слугата Господов?

20Ти си видел многу, но не си забележувал; ушите ти биле отворени, но не си слушал.

21На Господа му било угодно заради правдата Своја да го возвеличи и прослави законот.

22Но тоа е народ поробен и разграбен; сите тие се врзани во подземја и сокриени во темници; станале плен, и нема спасител, ограбени се, и никој не вели: врати го!

23Кој од вас го приклонил увото кон тоа, кој викнал и го слушал за иднината?

24Кој го предаде Јакова на разурнување и Израилот – на грабачи? Не е ли тоа Господ, против Кого згрешивме? Тие не сакаат да одат по патиштата Негови, ниту го слушаат законот Негов.

25А Он ја излеа врз нив јароста на Својот гнев и жестокоста на војната: ти ги опкружи со пламен од сите страни, но тие не забележуваа; гореше во нив, но тие не го разбраа тоа со срце.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help