Осија 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Опомена на Јуда да не греши.

1Чујте го словото Господово, синови Израилеви; зашто Господ ќе им суди на жителите од оваа земја, оти нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бога на земјата.

2Клетва и измама, убиство, кражби и прељубодејства многу се распространија, и крвта со крв се измешува.

3Затоа таа земја ќе се расплаче, и ќе се истоштат сите, што живеат на неа, заедно со полските животни и птиците небески; дури и рибите во морето ќе загинат.

4Но никој да не се препира и никој никого да не обвинува; и твојот народ е како оние што спорат со свештеникот.

5Ти ќе паднеш дење, и со тебе пророкот ќе падне ноќе, а Јас ќе ја погубам твојата мајка.

6Мојот народ се оприличил на тие што немаат знење, зашто ти си отфрлил знаење, и јас ќе те отфрлам од свештенодејството пред Себе; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои.

7И колку повеќе се размножуваат, толку повеќе и грешат против Мене; затоа славата нивна ќе ја претворам во бесславие.

8Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, и кон беззаконијата негови се стреми душата нивна.

9И што ќе стане со народот, тоа ќе се случи и со свештеникот; ќе го казнам според патиштата негови и ќе му платам според делата негови.

10Ќе јадат – и нема да се наситуваат; ќе блудствуваат и нема да се размножуваат, оти престанаа да Му служат на Господа.

11Блудството, виното и пијалоците ги овладеале срцата нивни.

12Мојот народ го прашува дрвото, и неговиот жезал му дава одговор; зашто духот на блудството ги вовел во залуда, па блудствувајќи, тие отстапија од својот Бог.

13Принесуваат жртви по планинските врвови и по ридовите кадат под даб, топола и брест, оти тие имаат добри сенки; затоа ќерките ваши блудствуваат, а снаите ваши прељубодејствуваат.

14Нема да ги казнувам ќерките ваши кога блудствуваат, и снаите ваши кога прељубодејствуваат, оти вие самите сте блудници и со миленици принесувате жртви, а простиот народ гине.

15Ако ти, Израиле, блудствуваш, Јуда барем да не грешеше; и не одете во Галгал, не влегувајте во Бет-Авен и не колнете се со клетвата: жив е Господ!

16Израилот е упорен како упорна јуничка; па ќе ги пасе ли затоа Господ како јаганца на широка ливада?

17Ефрем се поврзал со идолите; остави го!

18Одвратно е пијанството нивно; наполно се предале на блудство; нивните кнезови сакаат сѐ што е срамно.

19Ветрот ќе ги притегне со крилјата свои, и тие ќе се засрамат од жртвите свои.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help