Јов 30 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јов ја опишува својата сегашна неволја.

1»А сега ми се потсмевнуваат помладите од мене, оние, чии татковци не би се согласил да ги ставам со кучињата на стадата свои.

2И за што ми е силата на нивните раце? Над нив помина веќе времето.

3Истоштени од сиромаштија и глад, тие бегаа во рамнина безводна, темна и запустена;

4Береа лобода кај дабовите дрвја, и смрекови корења им беа храна.

5Ги гонеа луѓето и викаа по нив како по крадци.

6Живееја во поточни долови, земни дупки и пештери.

7Викаа меѓу грмушките, се вовираа под трњето.

8Луѓе отфрлени, луѓе безимени; подолни од земјата.

9Ете, ним им станав јас сега песна и приказ за разговорот нивни.

10Тие се гадат од мене, ме одбегнуваат и не се воздржуваат дури и да плукаат на мене.

11Затоа што Бог ми ја одврза торбата за стрели и ме сотре; тие ја симнаа од себеси уздата пред лицето мое.

12Оддесно се крева тој изрод, со нозете свои ми го стеснија патот за да ме погубат.

13А мојот пат го разрушија; ги умножија моите маки; не ми е потребен помошник.

14Доаѓаат кај мене како низ широк пролом; шумно се нафрлуваат врз мене.

15Ужасно ме сполетаа; како ветар се расеа моето величие, и доброто мое одмина како облак.

16Сега душата ми се топи во мене; мачни денови ме налегнаа.

17Ноќе ме вртат коските мои, жилите ми немаат мир.

18Со голема мака се соблекува од мене облеката моја; јаката на мојот хитон ме задавува.

19Он ме фрли во калта; станав како прав и пепел.

20Викам кон Тебе, а Ти не ме слушаш, – стојам, а Ти само ме гледаш.

21Ти стана жесток спрема мене, со силна рака ме поарзуваш.

22Ти ме крена и ме натера да се носам по ветар и ме сотираш.

23Знам, дека Ти ќе ме дотераш до смрт, во домот каде што се собираат сите живи.

24Вистина, Он нема да пружи рака врз домот на коските; ќе викаат ли тие, кога ќе бидат уништувани?

25Зар не сум плачел за оној што беше во зло; зар не тагуваше душата моја за сиромасите?

26Додека го чекав доброто, дојде злото дури чекав светлина, дојде темнина.

27Утробата моја врие без престан и не се смирува; мачни денови ми наидоа.

28Одам поцрнет, но не од сонце; станувам во собранието и викам.

29Станав брат на шакалите и пријател на нојевите.

30Кожата ми поцрне на мене, а коските ми се исушија од горештина.

31И гуслето ми стана тага, и свирките мои – глас плачевен.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help