Судии 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Израилевите синови ги ослободуваат Готониил, Аод и Самегар.

1Еве ги народите, кои не знаеја за сите ханански војни,

2само за да знаат и да се учат на војна подоцнежните поколенија на Израилевите синови, кои порано не ја знаеја:

3шест филистејски војводства, сите Хананејци, Сидонци и Евејци, кои живееја во гората Вал-Ермон до Емат.

4Тие беа оставени, за да биде преку нив искушан Израилот, и да се дознае, дали се покоруваат на заповедите Господови, кои Он ги беше заповедал на татковците нивни преку Мојсеја.

5И живееја Израилевите синови меѓу Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците, Гергесејците и Јевусејците,

6и ги земаа ќерките нивни за жени, и им ги даваа ќерките свои на синовите нивни, и им служеа на нивните богови.

7Синовите Израилеви извршија зло пред очите на Господа, и Го заборавија својот Господ Бог, и им служеа на Ваал и на Дубрави.

8Тогаш Господ се разгневи силно против Израилот, и ги предаде во рацете ѝ Хусарсатем, царот на Сириска Месопотамија, и синовите Израилеви му робуваа на Хусарсатем осум години.

9Потоа синовите Израилеви повикаа кон Господа, и издигнаа за синовите Израилеви спасител, кој ги избави, – Кенезовиот син Готониил, помалиот брат на Халев.

10Врз него беше Духот Господов, и тој беше судија на Израилот. Тој објави војна против Хусарсатем, и Господ го предаде во рацете негови сирискиот цар Хусарсатем и раката негов се зацврсти над Хусарсатема.

11И земјата беше спокојна четириесет години, Потоа умре Готониил, Кенезовиот син.

12Синовите Израилеви почнаа пак да вршат зло пред Господа, и Господ му даде сила на моавскиот цар Еглон против Израилот, поради тоа што тие правеа зло пред Господа.

13Тој ги собра при себеси синовите Амонитски и Амаликови, па тргна и го порази Израилот, и го завладеја градот на палмите.

14И синовите Израилеви му робуваа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години.

15Тогаш синовите Израилеви пак повикаа кон Господа, и Господ им го избра за спасител Аода, синот на Гира, Еминиев син, кој беше левак. И синовите Израилеви му испратија по него дарови на моавскиот цар Еглон.

16Аод си направи меч со две сечила, долг еден лакот, и го препаша под облеката своја на десното бедро,

17и однесе дарови на моавскиот цар Еглон, а Еглон беше човек многу дебел.

18Кога Аод ги поднесе сите дарови и ги испрати луѓето, што ги донесоа даровите,

19сам се врати од идолите, што се во Галгал, и рече: »Царе, имам тајна за теба.« Тој рече: »Потивко!« И излегоа сите, што стоеја при него.

20Аод влезе при него: тој седеше во летната горна соба, што ја имаше одделено. И рече Аод: »Имам Божја порака за тебе.« Еглон стана од престолот.

21Кога тој стана, Аод ја подаде својата лева рака, и го зеде мечот од десното бедро и го заби во стомахот негов,

22така што по сечилото влезе и дршката, и дебелината го покри сечилото; бидејќи Аод не го извади мечот од трбухот негов и излезе нечистотија.

23Аод потоа излезе од собата, ја затвори вратата и ја заклучи.

24Откако излезе, слугите на Еглон дојдоа и гледаа, ете, вратата на собата е заклучена, и си рекоа: – сигурно тој е надвор по потреба до летната соба

25Чекаа доста долго, но откако видоа дека никој не ја отвора вратата од собата, зедоа клуч и отклучија, а таму господарот нивни лежи на земјата мртов.

26Додека се чудеа, Аод избега, и никој на него не мислеше, мина покрај идолите и се спаси во Сетирот.

27А штом пристигна во земјата Израилева, Аод затруби со труба во Ефремовата гора, и слегоа со него синовите Израилеви од гората, и тој тргна пред нив.

28И им рече: »Одете по мене, зашто Господ Бог ги предаде непријателите ваши, Моавците, во ваши раце.« И тргнаа по него, презедоа моавски бродови на Јордан, и не пуштија никој да премине.

29Тогаш убија околу десет илјади Моавци, сѐ здрави и силни, и никој не избега.

30Така се смирија во оној ден Моавците пред Израилот, и земјата беше спокојна осумдесет години. И Аод беше нивни судија до својата смрт.

31По него дојде Семегар, син Анатов, кој уби шестотини души Филистејци со воловски остен; и тој исто така го избави Израилот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help