1Тешко им на непокорните синови, вели Господ, кои се советуваат, но без Мене, и склучуваат сојузи, но не според Мојот дух, за да додаваат грев врз грев:
2а да не ја прашаат устата Моја, одат во Египет, за да се поткрепуваат со силата на Фараонот и да се сокријат под сенката на Египет.
3Но силата Фараонова ќе биде срам за вас, а засолништето под сенката на Египет – безчестие;
4зашто кнезовите негови веќе се во Соан, а гласниците негови стигнале до Ханес.
5Сите тие ќе бидат посрамени заради народот, кој е бескорисен за нив; од него нема да има ни помош, ни корист, туку – срам и позор.
6Натоварени животни одат кон југ, по земјата на гнетот и притеснувањето, од каде што излегуваа лавови и лавици, змии и змејови што летаат; тие ги носат на грбот на осли своите богатства и врз грбовите на камили – своите ризници кон народ, кој нема да ми донесе полза.
7Зашто помошта од Египет ќе биде залудна и без корист; затоа Јас им реков: нивната сила е да седат спокојно.
8Сега оди, нацртај им го тоа на штичка, и запиши го во книга, за да остане за во иднина, засекогаш и довека.
9Зашто тоа е народ непокорен, деца лажливи, деца, кои не сакаат да го слушаат законот Господов,
10кои им говорат на јасновидците: »престанете да предвидувате«, и на пророците: »не ни пророкувајте правда, говорете ни ласкаво, претскажувајте го она што ни е пријатно;
11слезете, тргнете се од патеката; отстранете го од очите наши Светецот Израилев.«
12Затоа вака вели Светецот Израилев: бидејќи вие го отфрливте тоа слово, а се надевате на измама и неправда, и се облегнувате на тоа,
13затоа ова беззаконие ќе биде за вас како пукнатина надвисната за да падне, чие уривање ќе стане ненадејно, во еден миг.
14И Он ќе ја скрши, како што кршат глинен сад, разбивајќи го немилосрдно, така што во кршот да не се најде ни парченци, со кое да се земе оган од огниште, или да се зафати вода од вир;
15зашто вака вели Господ Бог, Светецот Израилев: »Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте; во тишината и надежта е вашата сила, но вие не сакавте
16и велевте: ‚не, ние ќе избегаме на коњи‘, – затоа и ќе бегате; ‚ние со брзи коњи ќе избегаме‘ – затоа и оние што ве гонат, ќе бидат брзи.
17Од стравот на еден илјада ќе бегате, од стравот на петмина ќе бегате така, што вашиот остаток ќе биде како граничен знак на врвот од планината и како знаме на рид.«
18И затоа Господ не брза да ве помилува, и затоа уште се воздржува, за да се смили над вас; зашто Господ е Бог на правдата – блажени се сите што се надеваат на Него!
19Народот ќе живее во Сион, во Ерусалим; ти нема многу да плачеш, Бог ќе те помилува, по гласот на твојот плач, и штом ќе го чуе, – ќе ти одговори.
20И ќе ви даде Господ леб кога сте во мака и вода по потреба; твојот Учител нема повеќе да се крие, а очите твои ќе Го гледаат твојот Учител;
21аки свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас – ете го патот, врвете по него!
22Тогаш ќе ги сметаш за одвратност излиените од твое сребро идоли и опковани од твое злато кипови; ти ќе ги фрлиш како нечистотија; ќе им речеш – иставете се оттука.
23И Он ќе даде дожд врз твоето семе, со кое ќе ги засееш нивите, а лебот, што го раѓа земјата, и тој ќе биде изобилен и вкусен; стадата твои во тој ден ќе пасат по широки пасишта.
24Воловите и ослите, што ги обработуваат нивните, ќе јадат посолена крма, исчистена со лопата и веалка.
25По секоја висока гора и по секој издигнат рид ќе потечат бразди, потоци вода, во денот на големиот пораз, кога ќе паднат кулите.
26И светилната на месечината ќе биде како светлина на сонцето, а светлината на сонцето ќе биде седумпати посветла, отколку светлина на седум дена, во тој ден, кога Господ ќе ја преврзе раната на Својот народ и ќе ги излекува неговите рани.
27Ете, името на Господа иде од далеку; гневот Негов гори, пламенот Негов е силен; устата Негова е полна со негодување, а јазикот Негов е како оган, што голта;
28дишењето Негово е како разлеан поток, кој се крева дури до вратот, за да ги просее народите до истоштување; и во челустите на народите ќе има узда, што ќе ја упатува кон заблуда.
29А кај вас ќе има песни, како преку ноќта на свештен празник, и веселба во срцето, како кај оној што оди со свирка на гората Господова, кон тврдината Израилева.
30И ќе загрми Господ со Својот величествен глас и ќе им го покаже замавот на Својата мишка со силен гнев и со пламен огнен, кој сѐ проголтува, во бура, во силен дожд и во град.
31Зашто од гласот на Господа ќе стрепне Асур, поразуван со жезло.
32И секое движење спрема определениот му жезол, кој Господ ќе го управи против него, ќе биде со тимпани и гитари, и Он ќе оди на опустошувачка војна против него.
33Зашто Тофет веќе одамна е подготвен; тој е подготвен и за царот – длабок и широк; во кладата негова има многу оган и дрва; здивот на Господа, како поток од сулфур, ќе го запали.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.