1При Саула во Гива дојдоа зифејци од југ и рекоа: »Ете, Давид се крие кај нас на ридот Ехелат, десно од Јесимон.«
2Тогаш Саул стана, се спушти во пустињата Зиф, и со него три илјади одбрани мажи израилски, за да го бара Давида во пустињата Зиф.
3И Саул се улогори на ридот Ехелат, десно од Јесимон, до патот; а Давид, кој се наоѓаше во пустињата, виде, дека Саул оди по него во пустињата;
4и Давид испрати разузнувачи и дозна, дека Саул навистина дошол од Кеил.
5И стана Давид и тајно отиде на местото, каде што Саул се беше улогорил, го виде Давид местото, каде што спиеше Саул и военоначалникот негов Авенир, синот Ниров. Саул спиеше во шаторот, а народот се беше сместил околу него.
6Давид се обрна и им рече на Хетеецот Авимелех и на Авеса, синот на Саруја, Јоавов брат, велејќи: »Кој ќе дојде со мене кај Саула во шаторот?« Авеса одговори: »Јас ќе дојдам со тебе.«
7Давид дојде со Авеса кај луѓето Саулови ноќе; и ете, Саул лежи заспан во царската кола и копјето му е забодено во земјата при перницата негова; а Авенир и народот лежеа околу него.
8Авеса му рече на Давида: »Денес Господ го предаде твојот непријател во рацете твои; затоа дозволи, јас ќе го приковам со копје за земјата со еден замав и нема да го повторам ударот.«
9Но Давид му рече на Авеса: »Не убивај го, зашто кој кренал рака врз помазаник Господов, а останал неказнет?«
10Давид уште рече: »Жив е Господ. Нека го порази Господ, или ќе дојде денот негов, и тој ќе умре, или ќе отиде во војна и ќе загине; а мене да не ми дава Гсопод да кренам рака врз помазаник Господов;
11туку земи го копјето негово, што е при перницата негова, и садот со вода, па да си одиме.«
12Давид го зеде копјето и садот со вода при зглавјето на Саула, и си отидоа; и никој не виде, никој не дозна и никој не се разбуди, а сите спиеја, бидејќи ги беше обзел сон од Господа.
13Премина Давид од онаа страна и застана на врвот од ридот далеку, а меѓу нив имаше големо растојание.
14И викна Давид кон народот и кон Авенира, синот Ниров, велејќи: »Авенире, јави се!« Авенир се јави и рече: »Кој си ти, што викаш и го обеспокојуваш царот?«
15Давид му рече на Авенира: »Нели си маж, и кој е рамен на тебе во Израилот? Зошто тогаш не го чуваш господарот свој, царот? Зашто доаѓаше некој од народот да го убие царот, твојот господар.
16Ти лошо правиш; жив да е Господ! Вие заслужувате смрт, поради тоа што не го чувате господарот свој, помазаникот Господов. Види, каде е копјето на царот и садот со вода, што беа при зглавјето негово?«
17И Саул го позна гласот на Давида и рече: »Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?« И Давид рече: »Мојот глас е, господару мој, царе.«
18И рече уште: »Поради што господарот мој го гони својот слуга? Што сум направил? Какво зло најде кај мене?
19А сега мојот господар и цар нека ги ислуша зборовите на својот слуга: ‚Ако Господ те поттикнал против мене, тоа нека биде од тебе жртва; благопријатен мирис; ако, пак, – синови човечки, тогаш проклети да се од Господа, бидејќи тие сега ме изгонија, за да не припаѓам кон наследството Господово; велејќи: – оди и служи им на туѓи богови.‘
20Нека не се пролее мојата крв на земјата пред Господа, зашто царот Израилев излезе да бара една болва, како кога се брка еребица по планините.«
21Тогаш Саул рече: »Јас згрешив; врати се, сине мој Давиде, зашто нема повеќе да ти правам зло, бидејќи денес душата ми беше скапа во твоите очи; безумно постапував јас и многу, многу згрешив.«
22Давид му одговори и рече: »Еве го копјето на царот; нека дојде еден младич и нека го земе;
23а Господ нека му даде секому според правдата Негова и според вистината Негова, зашто Господ го предаваше во рацете мои, но јас не посакав да кренам рака врз помазаникот Господов;
24и, како што денес ти беше скапоцен животот твој во моите очи, така нека се цени и мојот живот во очите на Господа; Он нека ме заштитува и нека ме спаси од секаква неволја!«
25А Саул му довикна на Давида: »Благословен да си, сине мој Давиде; ти ќе го извршиш она што си го започнал, и бездруго ќе победиш.« И тогаш Давид отиде по својот пат, а Саул се врати во местото свое.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.