1»Роден од жена, човекот е кратковечен и презаситен од неволји:
2како цвеќе никнува и бргу овенува; како сенка бега и не се запира.
3И врз него ли ги отвораш Ти очите Свои, и пред Себе на суд го водиш?
4Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден.
5Па кога дните му се определени, кога бројот на месеците од Тебе зависи, ако си му определил меѓа, преку која не може да мине,
6тогаш оддалечи се од него: нека си здивне додека како наемник не го заврши денот свој.
7За дрвото сепак има надеж, дека тоа, макар и да биде пресечено, пак ќе оживее, фиданки од него непрестајно избиваат,
8макар и да е остарен коренот негов во земјата, и пенушката да му замрела во прав,
9но, штом ќе осети вода, тоа дава младици и пушта фиданки, како да е одново посадено.
10А човекот умира и истлејува; си оди, и каде е тој?
11Истечуваат водите од морето, и реката секнува и пресушува:
12така човекот ќе легне и нема да стане; до свршетокот на небото нема да се разбуди и нема да се разбуди од својот сон.
13О, да беше ме сокрил и криел во пеколот, додека да мине гневот Твој, да беше ми одредил рок и после да си спомнеше за мене!
14Кога ќе умре човек ќе живее ли пак? Во сите денови на одреденото време би чекал додека ми дојде смената.
15Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение кон созданието на Твоите раце;
16а сега ги броиш стапките мои и го демнеш секој мој грев;
17во свиок го запечати беззаконието мое, и секоја вина моја ја запиша.
18Но планината паѓајќи се руши, и карпата се поместува од местото свое;
19водата ги излижува камењата; сливот го одвлекува земниот прав: така ја унишутваш Ти и надежта на човекот.
20Го притискаш докрај, и тој заминува; го менуваш лицето негово и го испраќаш.
21На почит ли се децата негови – тој не знае; унижени ли се – тој не забележува;
22но плотта на него боледува, и душата во него страда.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
