Второзаконие 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Службата Божја на избраниот народ.

1»Ова се наредбите и законите, што сте должни грижливо да ги исполнувате во земјата, која Господ, Бог на татковците, ви ја дава со жреб за сите денови, во кои ќе живеете во таа земја.

2Разрушете ги сите места, каде што народите им служеле на боговите свои; сѐ што ќе земете по високите планини и височини и под секое разгранато дрво;

3разурнете ги жртвениците нивни и скршете ги столбовите нивни, изгорете ги со оган дабовите нивни и здробете ги идолите на боговите нивни, сотрете го и името нивно од тоа место.

4Да не Му правите такво нешто на Господа, вашиот Бог;

5но обрнувајте се кон она место, кое Господ, Бог ваш, ќе го избере од сите племиња ваши, за да го спомнувате името Негово да го призивате и да Го молите, и таму одете:

6таму принесувајте ги своите сепаленици, жртвите ваши и првините ваши, заветите ваши, доброволните приноси, исповеданијата ваши, и првородените од воловите ваши и од овците ваши:

7и таму јадете пред Господа, вашиот Бог, и веселете се вие и домовите ваши за сѐ, приготвено од рацете ваши, со кое те благословил Господ, твојот Бог.

8Таму не треба да правите сѐ онака, како што сега овде го правите, – секој, како што му се чини дека е добро;

9зашто сега уште не сте влегле во местото на спокојот и во наследството, што Господ, вашиот Бог, ви го дава.

10Но кога ќе го преминете Јордан и ќе се населите во земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава како дел, и кога ќе ве успокои од сите непријатели ваши, што ве опкружуваат, и заживеете базбедно,

11тогаш, во она место, што ќе го одбере Господ, вашиот Бог, за да се призива таму името Негово, таму принесувајте сѐ, што ви заповедам денес: сепаленици ваши, жртвите ваши, десетоците ваши, и првините од рацете ваши, и секој ваш избран дар, што ќе Му го ветите на Господа, вашиот Бог.

12И веселете се пред Господа, вашиот Бог, вие и синовите, ќерките ваши, робовите ваши, робинките ваши и левитите, кои се среде живеалиштата ваши, бидејќи тие немаат дел и наследство со вас.

13Гледај да не ги принесуваш сепалениците свои на секое место, што ќе го видиш,

14туку само на она место принесувај ги сепалениците свои, кое Господ, твојот Бог ќе го одбере во едно од твоите племиња, и прави сѐ онака како што ти заповедам денес.

15Зашто, кога и да посака душата твоја, можеш да колеш и да јадеш, по благослов од Господа, твојот Бог, месо, што ти го дал Он, во сите свои живеалишта: нечист при тебе и чист може да го јаде тоа како што се јаде срна и елен;

16само крв не јадете, истурајте ја на земјата како вода.

17Не треба да го јадеш во твоето живеалиште десетокот од твоето жито, твоето вино и твојот елеј од воловите твои, и од овците твои што си ги ветил, и од сите завети твои, што сте ги ветиле, и од доброволните приноси и од првините на рацете ваши,

18но јади го пред Господа, твојот Бог, само на она место што го одбрал Господ, твој Бог, ти и синот твој, и ќерката твоја, и робот твој, и робинката твоја, и левитот, и придојдениот во градовите твои: и развесели се пред Господа, твојот Бог, во сѐ на што е ставена раката твоја.

19Внимавај да не го заборавиш левитот за сето време додека си жив на земјата.

20Кога ќе се рашири Господ, твојот Бог, пределите твои, како што ти беше говорел, и ти ќе кажеш: ‚да јадам месо‘, зашто душата твоја ќе посака да јаде месо, – тогаш јади месо, колку што ти сака душата твоја.

21Ако биде далеку од тебе местото, што ќе го избере Господ, твојот Бог, за да се призива името Негово таму, тогаш коли од воловите твои, и од овците твои, што ти ги дал Господ, твојот Бог, како што ти заповедав, и јади во градовите твои, колку што ти сака душата;

22но јади ги така, како што се јаде срна и елен; нечист, како и чист при тебе можат да го јадат тоа.

23Само пази добро, да не се јаде крвта, зашто крвта е душа: не ја јади душата заедно со месото;

24на јади ја: истурај ја на земја како вода;

25не јади ја, за да ти биде добро тебе и на синовите твои по тебе секогаш, ако вршиш што е добро и угодно пред очите на Господа, твојот Бог.

26Само светите дарови твои, какви што ќе ги имаш и заветите твои донесувај ги, и доаѓај на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог, за да се призива таму името Негово;

27и принесувај ги сепалениците твои: месо и крв, врз жртвеникот на Господа, твојот Бог; но крвта од другите твои жртви треба да биде изливана при жртвеникот на Господа, твојот Бог, а месото јади го.

28Пази и слушај да ги извршуваш сите тие зборови, што ти ги заповедам, за ти биде добро тебе и на твоите синови по тебе довека, ако правиш добро и угодно пред Господа, твојот Бог.

29Кога Господ, твојот Бог, ќе ги истреби од лицето твое народите, кај кои одиш за да ја наследиш нивната земја, и, откако ја примиш во наследство и ќе ги освоиш, ќе се населиш во земјата нивна,

30внимавај да не влезеш во стапица, кога ќе тргнеш по нив, откако ќе бидат истребени пред тебе, и да не ги бараш боговите нивни, велејќи: ‚како што служеле тие народи на боговите свои, така ќе правам и јас.‘

31Да не Му правиш така ти на Господа, твојот Бог; одвратно Му е на Господа што го прават тие на боговите свои, бедејќи тие и синовите свои и ќерките свои ги горат на оган за своите богови.

32Погрижи се да исполнуваш сѐ, што ти го заповедам денес; не додавај кон тоа и не одземај од него.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help