Исаија 33 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Надеж во Бога.

1Тешко тебе, опустошителе, кој не си бил опустошуван; грабачу, што не си ограбуван! Кога ќе го завршиш опустошувањето, ќе бидеш опустошен и ти; кога ќе прекратиш со грабежите, и тебе ќе те ограбат.

2Господи, помилуј нѐ, на Тебе се надеваме! Биди наша мишка од рани зори и наше спасение во неволја!

3Од страшниот глас Твој ќе избегаат народите; кога ќе се кренеш, ќе се распрснат племињата,

4ќе го истребат пленот ваш, како што гасеница истребува; ќе се нафрлат врз неа, како што скакулци се нафрлуваат.

5Возвишен е Господ, Кој живее во висините; Он ќе го исполни Сион со суд и правда.

6Ќе настанат твоите безопасни времиња, изобилно спасение, мудрост и знаење; стравот од Господа ќе биде твоето богатство.

7Ете, нивните јунаци викаат по улиците; пратениците за мир горко плачат.

8Патиштата запустеа; патници веќе нема; Он го наруши договорот, го разурна градот, – за ништо не ги смета луѓето.

9Земјата тагува, се суши; Ливан е посрамен, овенат; Сарон заприлега на пустиња, а Васан и Кармил се оголени од лисјата свои.

10Сега ќе станам, вели Господ, сега ќе се издигнам, сега ќе се возвисам.

11Сено сте зачнале, слама ќе родите; дишењето ви е оган, кој ќе ве голтне.

12И народите ќе бидат како вар, што врие, како пресечено трње ќе бидат изгорени во оган.

13Слушајте, вие, далечни, што ќе направам; и вие, блиски, познајте ја Мојата моќ.

14Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: »Кој од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?«

15Оној, што оди во правда и говори вистина; кој презира печалба преку угнетување, ги воздржува рацете свои од подароци, ги затина ушите за да не слуша за крвнина, и ги затвора очите да не го гледа злото, –

16тој ќе живее на висините: засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши.

17Очите твои ќе го видат Царот во Неговата убавина, ќе видат далечна земја;

18само срцето твое ќе си спомни за ужасите: »Каде е оној, што пребројуваше? Каде е оној, што го одмеруваше данокот? Каде е оној, што ги надгледуваше кулите?«

19Нема повеќе да видиш народ свиреп, народ со неразбирлив збор, со јазик туѓ, несфатлив.

20Погледни го Сион, градот на вашите празнични собранија; очите твои ќе го видат Ерусалим, мирно живеалиште и непоколеблива скинија; столбовите нејзини никогаш нема да се помрднат, и ниедно од јажињата нема да се скине.

21Таму кај нас великиот Господ ќе биде место реки, место широки канали; таму нема да влезе ниедна лаѓа со весла, ниту ќе премине голем кораб.

22Зашто Господ е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Он ќе нѐ спаси.

23Ослабнаа јажињата твои, не можат да ги додржат јарболите и да ги затегнат платната. Тогаш ќе има голем дележ на плен, така и сакатите ќе тргнат по грабеж.

24И ниеден од жителите нема да каже: »болен сум«; па на народот што живее таму ќе му бидат простени гревовите.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help