1Во сто седумдесет и втората година царот Димитриј собра војска во Мидија да добие помош против Трифон.
2Но Арсак, персискиот и мидискиот цар, кога слушна дека Димитриј дошол во неговата земја, испрати еден од своите воени началници да го фати жив.
3Тој отиде, ја разби војската на Димитриј, го фати жив и го доведекај Арсак, кој го затвори во темница.
4Имаше мир во Јудејската земја во сите денови на Шимун; тој се грижеше за доброто на својот народ и сите беа задоволни од неговото владеење и од неговата слава за време на целиот негов живот.
5Покрај сета своја слава, тој успеа да ја преземе и Јопија за пристаниште и отвори влез кон морските острови;
6ги рашири границите на својот народ и ја задржа земјата во свои раце.
7Тој собра многу заробеници и владееше над Газара, Бет-цур и над тврдината, ја исчисти од осквернувања и немаше кој да му се спротивставува.
8Јудејците спокојно ја обработуваа својата земја и земјата им ги даваше своите плодови.
9Старците, наседнати по улиците, разговараа за општата благостојба, а младичите се облекуваа раскошно во воена облека.
10На градовите испраќаше храна и ги правеше тврдини, така што неговото славно име се изговараше до крајот на светот.
11Тој го зацврсти мирот во земјата, а Израел се радуваше со голема радост.
12Секој седеше под својата лоза и под својата смоква, и никој не го вознемируваше.
13Исчезнаа сите што војуваа против нив; во тие дни царевите се смирија.
14Тој ги помагаше сите сиромаси во својот народ, бараше да се извршува Законот и ги истребуваше сите безбожници и зломисленици.
15Го украси Светилиштето и ги умножи светите садови.
16Кога слушнаа во Рим и во Спарта дека умрел Јонатан, настана голема жалост,
17но кога разбраа и тоа дека брат му Шимун станал место него првосвештеник и дека владее над земјата и над градовите во неа,
18му напишаа на бакарни плочи да го обноват и со него пријателството и сојузништвото, што го имаа со неговите браќа Јуда и Јонатана.
19Тие беа прочитани во Ерусалим пред соборот.
20Еве го преписот од писмата, испратени од Спартанците: »Спартанските управители и градот до првосвештеникот Симон, до старешините, свештениците и до сиот јудејски народ, нашите браќа – поздрав.
21Пратениците од вашиот народ ни раскажаа за вашата слава и чест; се зарадувавме кога тие пристигнаа,
22а она што ни го рекоа во народниот совет вака го запишавме: ‚Нумениј, синот на Антиох, и Антипатер, синот на Јасон, јудејски пратеници, дојдоа кај нас за да го обноват пријателството со нас;
23на народот му беше мило тие мажи да ги прими со чест и нивните зборови да ги запише во отворените народни книги за спомен на спартанскиот народ, а препис од тоа направивме за првосвештеникот Шимун.‘«
24Потоа Шимун го испрати Нумњниј во Рим со голем златен штит, тежок илјада мини, за да склопи сојуз со Римјаните.
25Кога народот слушна за ова, рече: »Како да им благодариме на Шимун и на неговите синови?
26Зашто се покажа цврст, како и браќата негови и домот на татко му; ги одбија народните непријатели и му дадоа слобода на народот.«
27Ова го запишаа на бакарни плочи, кои ги ставија на столбови во гората Сион. Еве го преписот од она што е напишано: »Во осумнаесеттиот ден од месецот Елул, во сто седумдесет и втората година, – трета година од службата на првосвештеникот Шимун –
28во Асарамел, во големото собрание на свештениците, на народот и на народните кнезови на нашата земја, ни беше објавено:
29бидејќи многупати избувнуваа војни во оваа земја, Шимун, синот на Мататија, син од синовите на Јоариб, и браќата негови, изложувајќи се на опасности, им се противставуваа на непријателите на својот народ, за да го запазат неговото Светилиште и неговиот закон, со голема слава го прославија својот народ.
30Јонатан го собра својот народ и стана негов првосвештеник, а кога се прибра кај своите татковци,
31непријателите намислија да навлезат во нивната земја, за да ја опустошат и да стават рака на нивното светилиште.
32Тогаш се издигна Шимун и војуваше за својот народ; потроши многу свои пари, за да ги снабди храбрите мажи на својот народ со оружје и плата им даваше.
33Тој ги утврди јудејските градови и Бет-Цур, која е на границата на Јудеја, каде што пред тоа се наоѓаше оружјето на непријателите, и постави таму јудејска стража;
34ги утврди и Јопија и Газара, која се наоѓа во пределите на Азот, во која пред тоа живееја непријателите; таму насели Јудејци и ги снабди со сѐ што им беше потребно за нивното издигнување.
35Народот ги виде делата на Шимун и славата што сакаше да ја придобие за својот народ, па го постави за свој водач и првосвештеник, затоа што го направи сето тоа и за неговата справедливост и верност, што ја имаше спрема народот, грижејќи се на секаков начин да го издигне својот народ.
36Во време на своето владеење тој успеа да ги изгони незнабошците од земјата и оние што го држеа Давидовиот град во Ерусалим, кои излегуваа од таа тврдина што ја изградија и осквернуваа сѐ околу Светилиштето и големи штети ѝ нанесуваа на светињата.
37Тој во неа насели Јудејци, ја утврди за сигурност на земјата и ги изгради ерусалимските одбрамбени ѕидови.
38Затоа и царот Димитриј го потврди неговото првосвештенство,
39ги присоедини кон своите пријатели и ги почести со голема слава.
40Бидејќи царот беше слушнал дека Римјаните ги нарекуваат Евреите свои пријатели, сојузници и браќа и дека со почести ги примале Шимуновите пратеници;
41дека Јудејците и свештениците се согласиле Шимун за секогаш да им биде водач и првосвештеник – додека не се издигне веродостоен пророк,
42да им стане војсководец и да се грижи за светињите, да ги поставува на работа во храмот, во областите, над оружјето и над тврдините;
43да се грижи за Светилиштето и сите да му се покоруваат; сите договори на земјата да се пишуваат од негово име; да се облекува во порфира и да носи златни украси.
44На никого од народот и од свештениците да не му биде дозволено да измени нешто од ова или да противречи на неговите зборови, или, пак, без него да се свикува собрание во земјата, да се облекува во порфира и да носи златна тока.
45Кој ќе направи нешто против ова или нешто ќе спречи, ќе биде виновен.«
46Сиот народ се согласи да му бид послушен на Шимун и да постапува според неговите зборови.
47Шимун прифати и се согласи да им биде првосвештеник, војсководец и водач на Јудејците и на свештениците, да владее со сите.
48Тогаш решија да ги напишат овие зборови на бакарни плочки и да ги стават на видно место на оградата од храмот;
49а препис од нив да се пази во ризницата, за да го имаат Шимун и неговите синови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.