3. Ездра 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Бог знае си.

1Тешко ти на тебе, Вавилоне и Асијо, тешко ти Египте и Сиријо!

2Препашете се со кострет и власеница, оплакувајте ги вашите синови и тажете, зашто се приближи денот на вашата погибел.

3Врз вас е испратен меч, кој ќе го отклони?

4Врз вас е испратен оган, кој ќе го угасне?

5Врз вас се пратени зла, кој ќе ги отстрани?

6Ќе отера ли некој гледен лав во гората, ќе згасне ли за миг оган во слама, што почнал да гори?

7Ќе отфрли ли некој стрела, што е пуштена од силен стрелец!

8Силниот Господ ги испраќа бедните и кој ќе ги отстрани?

9Од неговиот гнев оган излегува, кој ќе го угасне?

10Он со молскавица ќе болсне, кој нема да се уплаши ќе загрми и кој нема да затрепери?

11Господ ќе се закани, кој нема да се уплаши од Неговото лице?

12Се затресе земјата, и нејзините основи; морето се возбранува од своето дно; вознемирени се и брановите и рибите – од лицето на Господа и од големината на Неговата сила.

13Зашто десницата Негова е силна, која го затегнува лакот и остри се стрелите Негови што ги испушта; нема да ослабнат кога се испуштени дури до краиштата на земјата.

14ете, зла се испраќаат, и нема да се вратат си додека не дојдат на земјата.

15Пламнува оган, и нема да се изгасне, си додека не ги изгори основите на земјата.

16Како стрела, исфрлена од силен стрелец, што не се враќа, така не ќе се вратат ни маките, што ќе бидат испратени на земјата.

17Тешко ми, горко ми! Кој ќе ме избави во оние дни?

18Ќе почнат болести, и многумина ќе офкаат; ќе настане глад, и многумина ќе умираат; ќе започнат војни, и страв ќе ги опфати властите; ќе почнат неволјите и сите ќе се растреперат.

19Што ќе правам кога ќе наидат невојлите?

20ете, гладот и раната, тагата и измачувањата се испратени како бичеви за поправка.

21Но и покрај сето тоа, луѓето нема да се одвратат ос своите беззаконија и за бичевите нема секогаш да си спомнуваат.

22Ете, на земјата ќе настане ефтинија на си, и ќе помислат дека настанал мир, но токму тогаш тешкотии ќе ја постигнат земјата: меч, глад и голема бркотија.

23Од глад ќе загинат големо множество жители на земјата, а оние што ќе преживеат од глад, ќе загинат од меч.

24Труповите ќе бидат исфрлани како ѓубре; не ќе има кој да ги оплакува, зашто земјата ќе запустее и градовите нејзини ќе бидат разурнати.

25Нема да остане кој да ја обработува и засејува земјата.

26Дрвјата ќе раѓаат овошје, но кој ќе го бере?

27Грозјето ќе узрее, но кој ќе го гмечи? Зашто насекаде ќе биде голема опустошеност.

28Тешко ќе може човек да чуе друг човек, да го чуе неговиот глас,

29зашто од жителите на градот нема да останат повеќе од десет души, а во селото двајца, оние што се сокриле во густи шуми или во процепи од карпи.

30Како што во маслиновата градина некојпат оставаат на дрвјата три – четири маслинки,

31или како што во обрано лозје, оние што берат невнимателно ќе согледаат неколку несобрани грозда,

32така во оние дни ќе останат двајца или тројца, кога ќе ги претресуваат нивните куќи со меч.

33Земјата ќе запусти; нивите нејзини во плевел ќе обраснат, патиштата и сите нејзини патеки ќе обраснат со трња, зашто не ќе има кој да оди по нив.

34Моми ќе плачат, оти не ќе имаат свршеници; жени ќе плачат зашто нема да имаат мажи; нивните ќерки ќе плачат, бидејќи не ќе има кој да им помага.

35Свршениците нивни ќе бидат убиени во војна, а мажите нивни ќе загинат од глад.

36Слуги на Господа, слушајте го ова и вразумувајте се!

37Ова е словото на Господа, примете го и не верувајте им на боговите, за кои ви рече Господ.

38Еве, маките се приближија и нема да задоцнат.

39Како што бремената жена, кога на деветтиот месец ќе ѝ дојде времето да роди син, два или три часа до раѓањето нејзината утроба ја обземаат болки, а откако младенецот излезе од утробата, болките не продолжуваат ни еден миг потоа,

40така и неволјите нема да задоцнат, за да дојдат на земјата; луѓето од тоа време ќе заофкаат; ќе ги обземат болки.

41Слушај ги овие зборови, народе мој; приготвувајте се за војна и среде неволји – бидете како туѓинци на земјата.

42Оној што продава, нека биде како да се приготвува да бега, а оној што купува како оној што се приготвува за смрт;

43трговецот – како да не очекува никаква придобивка, а оној што гради куќа – како да не се надева да живее во неа.

44Сејачот нека мисли – дека нема да жнее, а лозарот – дека нема да бере грозје.

45Оние што се женат и што се мажат – дека нема да раѓаат деца, а оние што не се женат – дека ќе бидат како вдовци.

46Затоа, сите што се трудат, залудо се трудат.

47Зашто од плодовите на нивниот труд туѓинци ќе се ползуваат, нивниот имот ќе го разграбаат, куќите нивни ќе ги урнат и синовите нивни ќе ги заробат, бидјќи тие ќе ги раѓаат своите деца во ропство и во глад.

48Оние што се занимаваат со грабеж, колку подолго време ги украсуваат своите градови и своите куќи, своите имоти и своите лица,

49толку повеќе ќе ги намразам заради нивните гревови, вели Господ.

50Како блудница што мрази честита и високо морална жена,

51така и правдата ќе ја намрази неправдата, која се украсува и ќе ја обвини право в лице, кога ќе дојде Оној, Кој ќе го брани гонителот за секој грев на земјата.

52Затоа не угледувајте се на неправдата и на нејзините дела,

53зашто уште малку и неправдата ќе биде исфрлена од земјата, а правдата ќе се зацари над вас.

54Грешникот да не вели дека тој не згрешил, зашто распалени јаглења ќе пламнат на главата на оној што говори: »Јас не сум згрешил пред Господа Бога и слава Му!«

55Господ ги знае сите дела на луѓето и нивните замисли, помислите на нивното срце.

56Он рече: »Нека биде земја«, и земја се појави, и »Нека биде небо« и стана.

57Преку Неговиот збор ѕвездите се создадени; Он го знае нивниот број.

58Он ги гледа бездните и она што е сокриено во нив; го измерил морето и она што е во него.

59Преку Својот збор Он го затвори морето и земјата ја постави да лебди над водите.

60Он го рашири небото како шатор, го основа врз води.

61Он создаде во пустињата водни извори и езера – на горските височини, за да течат реките од високи карпи, та да ја напојуваат земјата.

62Он го создаде човекот и срцето му го стави среде неговото тело; во него вложи дух, живот и разум,

63и дишењето е од Сесилниот Бог, Кој создал сѐ и гледа сѐ што е сокриено во земните скривалишта.

64Он ја знае вашата намера, знае што мислите во вашите срца, кога грешите и сакате да ги сокриете вашите гревови.

65Затоа Господ сосема јасно ги гледа сите ваши дека и сите ќе ве изобличи;

66ќе бидете посрамени кога вашите гревови ќе бидат откриени пред луѓето; вашите беззаконија ќе застанат како обвинители во оној ден.

67Што ќе направите и како ќе ги сокриете вашите гревови пред Бога и пред Неговите ангели?

68Ете, Бог е Судија, од Него плашете се; оставете ги вашите гревови и засекогаш престанете да вршите беззаконија, и Бог ќе ве изведе и ќе ве избави од секоја мака.

69Зашто, ете, против вас ќе се разгори јароста на многубројните војски, и ќе се фатат неколкумина од вас и ќе ве заколат за жртвен принос на идолите.

70Оние, што ќе бидат нивни едномисленици, ќе ги изложат на подбив, на бесчестие и на понижување.

71Бидејќи во сите места и во соседните градови многумина ќе станат против оние што имаат страв од Господа;

72ќе бидат избезумени, ќе разграбуваат не штедејќи никого и ќе опустошуваат сѐ што има кај оние кои се плашат од Господа;

73ќе го опустошат и ќе го разграбат нивниот имот и ќе ги изгонат од нивните домови.

74Тогаш ќе настане искушение за Моите избраници, како злато што се проверува преку оган.

75Слушајте возљубени Мои, Господ говори: ете, пред вас стојат денови на жалост, а од нив Јас ќе ве избавам.

76Не плашете се и не сомневајте се, зашто Бог е вашиот водач.

77Ако ги исполнувате Моите заповеди и повелби, вели Господ Бог, вашите гревови нема да бидат товар, под кој ќе бидете притиснати и беззаконијата ваши нема да ве победат.

78Тешко им на оние, кои се врзани со своите гревови и покриени со своите беззаконија!

79Тоа е нива обрасната со грмушки, низ кој патот е покриен со трња, така што не може човек да помине: таа се напушта и ме се предава на огнот да ја исчисти.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help