Јов 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Казната е плод на нечист живот. Казнетиот треба да се обрне кон Бога.

1»Ајде викај! Има ли кој да ти одговори? Кон кого од светиите мислиш да му се обрнеш?

2Вистина, гневот го убива глупавиот, раздразнетоста го погубува безумниот.

3Видов како глупавиот се закоренува, но веднаш проклетството на домот негов падна.

4Децата негови се далеку од спасение, нив ќе ги бијат кај портите; зашто ќе нема кој да ги заштити.

5Жетвата негова ќе ја изедат гладните, низ трњето ќе ја извлечат; жедните ќе го голтнат имотот негов.

6Не, жалоста не излегува од земјата, нити злото изникнува од нивата;

7човекот се раѓа, за да страда, како и искрите – за да летаат угоре.

8Но јас би се обрнал кон Бога и делото свое пред Бога би го поставил.

9Он создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број,

10и дава дожд на земјата и им испраќа вода на полињата;

11понизените ги издигнува на високо, и натажените ги утешува и ги спасува.

12Он го урива она што лукавите го градат, рацете нивни не го довршуват започнатото.

13Он ги фаќа мудрите со нивното лукавство, и замислата на итрите се осуетува;

14Среде бел ден запаѓаат во темнина; попладне одат со пипање, како ноќе.

15Он го спасува сиромавиот од меч, од устата нивна и од раката на силниот.

16И за сиромавиот има надеж, а неправдата сама ја затвора устата своја.

17Блажен е оној човек кого Бог го вразумува. Затоа не ја отфрлувај казната од Вседржителот,

18зашто Он нанесува рани и Самиот ги преврзува; Он поразува, и Неговите раце лекуваат.

19Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне.

20Во време на глад ќе те спаси од смрт, и во војна – од силата на мечот.

21Од камшикот на јазикот ќе се сокриеш, и нема да се уплашиш од опустошувањето – кога ќе дојде.

22На опустошувањето и на гладот ќе им се потсмееш, од ѕверовите земни нема да се уплашиш, –

23зашто си во сојуз со камењата полски, а полските ѕверови се во мир со тебе.

24Ќе дознаеш дека шаторот ти е во безопасност, ќе си ја гледаш куќата и нема да згрешиш.

25Ќе видиш, оти семето ти е многубројно, дека филизите твои се како трева на земјата.

26Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост, како што се редат житните снопја.

27Ете, тоа сме го испитале: вистината е жива; затоа чуј го сето ова и запомни го добро.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help